Поезијата не е чувар на стравот, туку на будноста

22.03.2022 13:00
Поезијата не е чувар на стравот, туку на будноста

 


Поетско послание, 21.03.2022


 

Бедата на поезијата се состои токму во претераната доверба во дежурните мислители и политичарите. Токму така се случи во средината на минатиот век, чиј тежок капак на мртовечки ковчег сè уште нè притиска. Дали оние кои се обземени од големи емоции, послушните пред енергиите на талентот, не умеат да ја препознаат стварноста? Зошто Брехт му служел на Сталин? Зошто Неруда му укажал почит на истиот деспот? Зошто Готфрид Бен неколку месеци му верувал на Хитлер? Зошто француските поети им верувале на структуралистите? Зошто младите американски поети му посветуваат толку големо внимание на најблиското семејство и не успеваат да ја откријат подлабоката стварност? Зошто има толку просечни поети чија општост нè доведува до очај? Зошто современите поети - стотици и илјадници поети - се помируваат со духовната млакост, со ситните, занаетчиски, иронични досетки, со елегантниот и на моменти симпатичен нихилизам?

Адам Загајевски



Поетот е археолог на незакопаното. Див копач на времето. Треперлив лист на семејните стебла.

Поетот стои наспроти историскиот профил на пророците, зашто поетот не ги вдомува луѓето во потопи и дистопии; тој не е чувар на стравот, туку на будноста, предочувајќи ја ужасната убавина и грдоста на ужасот. Поетот не треба да се плаши од сомнежот или од несигурноста, зашто токму тие изворни сили ги покренуваат мислите кон обвивката на метафизичкото, кон поетичката сензибилност во преиспитувањето на светот.
Останатото е статистика, или броење лајкови, живеење заробен во квантумот на социјалните „импакт-коефициенти”, во ужасот на мерливото. Во технолошката ера на заборавот, „прорекувањето” се претвора во „потсетување”, а поетот се преобликува во периферен дом на личното сеќавање, во пророк на изминатото. Тој треба да потсети на баналноста на истите истории што се менуваат, да го исцрта внатрешниот свет и пред појавата на епидемиите и војните.

Поетот е сомнежлив сведок кон секоја непроменлива стварност. Нема подобра слика за односот на поезијата и идеологијата од зборовите на Киш кој вели дека поезијата е сомнеж, а идеологијата отсуство на сомнеж. Идеологијата е отсуство на личното време и како таква стои на другата страна од животот. Таа е смрт пред умирањето. Единствено нешто што може да понуди се споменици на лидерите, под чии бронзени сенки се среќаваат љубовници кои не го познаваат ужасот на историјата и војните. Водачите на војни се плашат од метафората, од мистичниот живот на зборот, затоа што тие се конструктори на апсолутната семантика на животот. Тие ја изедначуваат стварноста, а симетријата останува нивниот јазик на моќта: на празничните паради, на воените гробишта — сè е симетрично мртво, доволно за да се униформира и стравот, да се издвои само вината како животен елемент на распознавање. Со секој пад на идеологиите, поетите кои биле на листите за читање во учебниците се прогласуваат или за државни непријатели или за класици, а тоа значи само едно: никој не ги чита повеќе.

Поетот не се плаши да биде осуден на тишина — ветрот не се плаши да биде фрлен на дното од океанот. Зборот е моќен и без да се се изговори: „моќ“. На тишината секогаш сум гледал како почеток на зборот, не како негова смрт. Кога сите наеднаш ќе замолкнавме среде ручек, баба ми знаеше да каже дека сега ангел поминува над масата. И тоа уште толку ја продолжуваше тишината, таа стануваше храна, отелотворување на нејзината метафизичност. Така, на свој начин, баба ми кажуваше дека тишината е бесконечност — нешто што подоцна го најдов како бесконечен стих кај Емили Дикинсон. Верувам дека помалите нешта се створени за неприметни чувари на големите тајни. Верувам дека една песна може да ја собере тишината на универзумот, на ист начин на којшто верував дека школката е чувар на гласот на големото море. Во музеите, застанат пред преливната форма на фосилите, се обидувам да го замислам нивниот глас. Се прашувам дали постојат музеи на неискажани гласови, дали времето ќе ги преобликува и зборовите во камења за да може уште посилно да рануваме со нив?

Мислев дека ветерниците постојат за да го отелотворат ветрот, да му дадат живот и плот, а така размислувам и за поезијата која е тука за да го овоплоти времето, наспроти заокруженоста на календарските датуми.

Вендерс еднаш во нотесот ми напиша порака: „Поетите се суштински за да го разбереме светот.“ Но самиот се чувствувам беспомошен пред војните, пред униформираноста на смртта, пред неможноста да се умре осамен. Се разменуваат стихови кои би можеле да станат пристојни епитафи на луѓето, на градовите, на вербите во тишината. Војната нема своја негација, но мирот го има немирот, а поезијата е љубовница на немирот, на внатрешните битки меѓу јазиците на стравовите и заклучените сеќавања. Поезијата останува како пукнатина во ѕидот на извесноста. Скулптура од гласови која не сака плоштади и алеи.

Од каменот на искажливото, поетот доаѓа до срцевината на секој почеток. Свесен сум за апсурдноста на исказот во време кога револуциски го развиваме нагонот за акумулација, кога секое откажување од тежината на предметите и зборовите се поврзува со смртта, наместо со започнувањето нов живот. Бродски велеше дека книжевноста започнала со поезијата, со песната на номадите која му претходи на пишувањето на доселениците. Поезијата започнала со оние кои не поседувале, ниту биле поседувани. Стапките на номадите се ноти на чистата присутност и поезијата нека биде напуштање на сите заповедни отсуства, на сите срушени домови и височини.

Човекот е 70% вода. Ако се возвиши, ќе се претвори во пареа. Ако ги отвори очите кон болката на светот — во поет!

 

ОкоБоли главаВицФото