Таинствената книга

22.03.2022 13:37
Таинствената книга

 

Во еден прекрасен град чиишто куќи беа поврзани заедно сочинувајќи величествен дворец, значи токму во тој посебен варош, живееше момче. Од другите деца се разликуваше по тоа што никогаш не бараше да му раскажуваат приказни за добра ноќ. Напротив! Навечер со насмевка скокнуваше в кревет, едвај чекајќи да ги спои трепките. Не беше тешко да се погоди во што е работата. Бидејќи тогаш самиот, без туѓа помош, тој зачекоруваше во некоја своја приказна! Но затоа бајки сакаше да слуша наутро, штом ќе се разбуди. Приказната за добро утро за него беше поважна од појадокот. Се разбира, деновите тогаш имаа сосема друга смисла и тек. Поинаков отколку за оние кои само ќе облечеа папучи и ќе грицнеа кифла.

По игра на случајот, сочувана е омилената бајка на момчето кое живееше во најубавиот град. 

Беше тоа бајката за таинствената книга.


Значи, во некои дамнешни времиња, во една безмалку незамисливо прекрасна палата, каде што сите ѕидови беа исликани од рацете на највешти сликари, живееше принцеза. Се подготвуваше голема прослава. Одбележување на нејзиниот седми роденден. За таа пригода беа повикани
многубројни гости. Деца, пред сè, но и понекој возрасен. Се пееше и играше. Подароците беа интересни и убави. Некои се издвојуваа заради скапоценоста, а други, пак, оти беа она што принцезата го сакаше. Еден сепак беше сосема поинаков од другите. Го донесе тетката од далеку. 

Подарокот беше книга. Но, скриена книга, која не можеше да се отвори и прелиста. Бидејќи беше залеана со истопен восок, кој потоа се стврднал, ни насловот не ѝ беше читлив. Беше станат непроѕирен. Никој не можеше да наслути за каква книга станува збор, а уште помалку што пишува во неа. Тетката само рече: 

„Ако некогаш се најдеш во голема невола, ти истопи го восокот. Во книгата ќе најдеш мудро упатство како да се извлечеш и преживееш.“

Во која ли пригода принцезата го истопила восокот и открила што пишува во таинствената книга? Е па тоа уште не се случило! Секој пат кога таа ќе помислеше дека мигот дошол, се предомислуваше. Ниеден момент не ѝ изгледаше доволно страшен за да ја разоткрие тајната. Но, со години размислувајќи што би можело да пишува во таинствената, со восок затворена книга, ѝ се причини дека открила кои се зборовите. Ако тоа воопшто беа зборови. Насетуваше, без да ја отвори книгата.

Ете ја омилената приказна на момчето кое ги сакаше утринските бајки. Не можеме да се сетиме дали тој и девојчето еден ден сепак се сретнале. Можеби и го направиле тоа. Се обложуваме дека таинствената книга ја ставиле под стаклено ѕвоно за да не паѓа прашина врз неа. За секој случај. Оти замислете ја прашината која би паѓала илјада години. Или подолго!

Слики: Lisbeth Zwerger
Превод: Пандалф Вулкански

Извор за текстот: David Albahari, Mirjana Ognjanović i Slavko Krunić: Lažne bajke (2020)

ОкоБоли главаВицФото