Стопување на високата мода и науката

22.03.2022 18:35
Стопување на високата мода и науката

 
Плисок вода што се кристализира во мраз. Магнетизам. Звучен бран кој се крши на површината на водата. Габи кои избиваат од шумската почва. Суштества од морските длабочини. Блескава молња што ја пресекува небесната темнина. Птичји пердуви на ветрот. Бесконечност на времето и просторот и хармонија на целиот живот и вселената. Научни феномени и природни процеси или модни креации? За Ајрис ван Херпен, одговорот е: и двете.

„Модата е наука за изгледот“, рекол англискиот писател Хенри Филдинг во далечниот 18 век. Кога Филдинг го објавил својот познат роман „Том Џонс“ во 1749 година, Пјер Буг го објавил своето истражување за гравиметриските односи, Жорж-Луј Леклер почнал да ја објавува својата капитална „Природна историја“, Леонард Ојлер ја докажувал Фермаовата теорема, а на Оксфорд била свечено отворена Библиотеката за наука Редклиф. Заедничко за сите нив бил токму нивниот изглед: трукирано палто до колена, порабено со украсен вез, кошула од тантела, шорцеви, доколенки, чевли со благи потпетици и бели кадрави перики. Франција, особено францускиот дворски костум, сè уште ја диктирала модата, сè додека индустриската револуција во Англија не придонела за дестабилизација на Франција како европски моден центар.

Научно-технолошките превирања предизвикани од Индустриската револуција секако го поткрепиле тврдењето на Филдинг. Високата мода, уличната мода, брзата мода и многу други облици на мода станаа параметри на претставување, а „науката за изгледот“ станала главно средство за визуелна комуникација во општеството. Но, средбата меѓу модата и науката е секако многу посложена од самите научно-технолошки достигнувања, кои придонеле за иновативни техники во модното производство, а со тоа и за различни форми на презентација.

Прочуената „Вселенска трка“ произведе цел правец во модата на шеесетите, а модата од шеесетите понуди креативни одговори на астронаутсите оделата, од кои некои завршија во вселената. Уште тогаш култното модно списание „Вог“ известуваше за францускиот моден дизајнер Пјер Карден како за единствениот цивил кому Националната воздухопловна и вселенска администрација (НАСА) му дозволила да облече вселенски костум од мисијата Аполо 11, токму за да може да креира сопствена колекција инспирирана од вселената. Кога зборуваме за изгледот и комуницирањето на себството преку модните кодови, зарем не забележуваме дека модниот креатор во своето атеље е облечен исто како и научникот во лабораторија – во бел мантил? Кога би го преместиле модениот дизајнер во лабораторија, задржуваји го на него белиот мантил, би можеле ли, по принципот „исфрли го натрапникот“, да кажеме дека таму не му е местото или обратно?

Годината е 2018. Пред големиот хадронски судирач (LHC) во Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН) во Женева, стои Ајрис ван Херпен. Меѓу сите тие бели мантили на физичари и инженери, кој би помислил не само дека Ајрис не е научница, туку дека таа е всушност „научница за изгледот“ - модна дизајнерка?


Од колекцијата „Корење на преродбата“

Наука и мода: магнетниот судир во ЦЕРН 

Што една модна дизајнерка, заедно со манекенките во нејзините креации, правела пред машините во ЦЕРН, се прашувате? Кога би рекле дека ја креирала мода, тоа би било премногу (и подеднакво) очекуван колку и неочекуван одговор. Но, таа го правеше токму тоа. Фасцинирана од Хигсовиот бозон и сметајќи го ЦЕРН за магично место, како што самата го опишала, холандската дизајнерка првпат го посетила ЦЕРН во 2014 година, на покана на програмата на тамошната уметничка резиденција. Тогаш помеѓу Ајрис и CMS (Компактен мионски соленоид) и детекторите ATLAS се случила љубов на прв поглед. Имено, Ајрис толку многу ги засакала што ги понела со себе на модната недела во Париз. Поточно, манекенките ги носеле на себе, дефилирајќи на модната писта во центарот Помпиду во 2015 година, кога беше создадена колекцијата на Ајрис инспирирана од Магнетното движење на ЦЕРН.

„Таа поставуваше толку многу прашања за боите и за материјалите што ги користиме во експериментите“, вели Остин Бел, физичар и технички координатор за CMS детектори. Научницата за изгледот не му ги поставила овие прашања на физичарот без причина, бидејќи токму боите и материјалите од ЦЕРН го формирале столбот на колекцијата „Магнетно движење“ за пролет/лето 2015 година. „Детекторите се како модата“, тврди Ајрис, „тие се како таписерија на која се сошиени магнети и апарати, рачно изработени и опипливи, како што е модата.“ Токму идејата за контрола и разбирање на невидливите честички преку опипливото, како и односот помеѓу материјата и антиматеријата била почетна точка за колекцијата на Ајрис инспирирана од магнетизмот. Геометриската апстракција на машините и нивниот метален сјај Ајрис ги претворила во модни креации, толку минуциозно изработени што изгледа речиси неверојатно дека се направени од најфини текстилни материјали, а не од машински делови.

Како успеала во тоа? Холанѓанката ги применила лекциите од ЦЕРН во процесот на креирањето мода со додавање метален прав на силиконот, а потоа обликувала модни додатоци и силуети со движење на магнетот под и над метално-силиконската маса. Така, користејќи магнетни полиња, таа создала мрежести микро-тантели, од кои некои потсетуваат на пердуви, кристали или течност.

Ајрис уште во 2011 година во колекцијата „Кристализација“ се обидела да создаде леден кристален фустан со кој сакаше да го „улови“ процесот во кој плисокот вода се кристализира во мраз. Комбинирајќи традиционални техники на драпирање со 3D печатење и со магнетизам, Ајрис создала спектакуларен фустан кој изгледа како моментот што сакала да го улови: претворање на плисок вода во мраз.

Магазинот „Тајм“ го прогласи нејзиниот фустан за еден од 50-те најдобри изуми. Да, добро прочитавте. Фустанот стана еден од најдобрите изуми, а науката за изгледот стана, барем во случајот на Ајрис, речиси магнетно поврзана со другите, „вистински“ науки.

Фустанот на Ајрис, од колекцијата “Кристализаи што списанието „Тајм“ го вброи помеѓу 50-те најдобри изуми на годината

Микроорганизми и Тесла на модната писта

Секако, Ајрис, за среќа, не запре кај магнетизмот, па во своето модно портфолио вклучи и многу други физички, хемиски и биолошки процеси и феномени, преиспитувајќи ја визуелизацијата на невидливото преку модата и технологијата. Колекциите „Микро“ и „Напон“, кои му претходеа на „Магнетно движење“, се засноваат на такво преиспитување. Колекцијата „Микро“ од 2012 година е инспирирана од светот на микроорганизмите и од фотографиите на научниот фотограф Стив Гшмајнер.

Фотографиите од микроби на Гшмајснер, настанати со помош на електронски микроскоп за скенирање (SEM), Ајрис ги претворила во збирка скулпторски креации чии форми личат на клеточни структури. Комбинирајќи свила и кашмир со сребро, бакар, имитација на змиска кожа и проѕирен акрил, дизајнерката ги „зголемила“ микроорганизмите, претворајќи ги во моден дизајн. Менувајќи го обликот под светлината и со движењето на манекенките, креациите го претставија процесот на откривање на невидливото, богатството на микроорганизмите и клеточните процеси како симболи на потеклото и престанокот на животот.

Од колекцијата „Микро“

Колекцијата „Напон“ за пролетната сезона 2013 година, опишана како модна алхемија, е инспирирана од електрицитетот односто „неуфатливата енергија“, како што Ајрис го нарекува електрицитетот. Овој пат, дизајнерката се свртела кон соработка со никој друг туку Никола Тесла, како и со Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ). Ќе признаеме, за една моден дизајнер, соработката со великаните на науката и водечките светски научни институции од Ајрис прави вистинска научница за изгледот во секоја смисла. Во соработка со научниците од МИТ, Ајрис го реализираше својот нов моден експеримент со помош на програмирање, дигитална архитектура, математика и 3Д печатење. Во него секој фустан, како со рака исечен од хартија, ја претставува визијата на дизајнерката за електричната енергија како визуелен елемент.

А, за колекцијата навистина да биде под напон, се погрижи Никола Тесла. Имено, модната ревија покрај претставувањето креации, опфати и еден вид кореографски спектакл. Користејќи го трансформаторот на Тесла, кој научникот го измислил во 1891 година, Ајрис танчерите кои ја отвориле ревијата буквално ги облече со напон од три милиони волти. Во специјално дизајнирани креации, манекенките танцуваа заедно со молњите, и самите станувајќи електрични генератори. Виолетово-сините молњи се чинеа како најубави модни додатоци, кои си играа околу телата на манекенките и танчерките, а „неуфатливиот“ електрицитет заигра пред Ајрис.


Од колекцијата „Напон“

Скротување на елементите

Покрај магнетизмот, кристализацијата, струјата и микроорганизмите, Ајрис со своите креации дури ги визуелизирала дури и воздухот и звукот, поточно воздушните струи и звучните бранови. Колекцијата „Сеиџаку“ од 2016 година, инспирирана од јапонскиот концепт за барање мир во хаосот, го претстави одговорот на дизајнерката на киматиката, процес кој ги визуелизира звучните бранови кои потоа се трансформираат во специфични геометриски обрасци. За да постигне такви обрасци, Ајрис користела рачно изработени стаклени меури обложени со силикон, традиционална техника на плисирање и шибори, јапонска техника на сликање, која е невозможно да се произведе индустриски. На тој начин, своите креации ги претвори во нереална игра на звук, воздух и вода. Звучната инсталација што ја придружуваше ревијата придонесе да се добие впечаток дека креациите настануваа на самата ревија со помош на киматика, додека манекенките дури и не носат фустани, туку некаков оклоп или школки од звучни бранови.

На „скротувањето“ на водата Ајрис се посветила во колекцијата „Сензорни мориња“ од 2020 година, и ја опишала како поглед низ микроскоп насочен кон морските организми, дендритите и човековиот нервен систем – така настанале фустаните-акварели од длабокото море. Овојпат, Ајрис побарала помош од морската биологија и неврологијата, наоѓајќи инспирација во анатомските цртежи на шпанскиот невролог и нобеловец Сантијаго Рамон и Кахал. Пионер во истражувањето на микроскопските структури на мозокот и татко на модерната невронаука, Кахал, и на медицинските научници и на историчари на уметност, уметниците и дизајнерите, им подарил некои од најквалитетните научно-уметнички илустрации.

 

 


Видео од ревијата „Елементи“

„Преку својот микроскоп, Кахал ги спои науката и уметноста, подарувајќи им ги на нашите очи магичните нишки на биологијата“, изјави Ајрис за шпанскиот нобеловец и нејзин „соработник“. Инспирирана од цртежите и нервните нишки, Холанѓанката „нурнала“ во морските длабочини во потрага по полипоидни и медузоидни животни (Hydrozoa). И цртежите на Кахал и овие суштества потсетуваат на дендритските клетки, односно на разгранувањето на нервниот систем и на растенијата. За Ајрис, овие организми претставуваат, како што ги нарекува дизајнерката, „океански вез“, ткаенина која создава слоеви жива чипка.

Користејќи го трансформаторот на Тесла, кој научникот го измислил во 1891 година, Ајрис буквално ги облекла танчерите кои го отвориле шоуто со напон од три милиони волти. Во специјално дизајнирани креации, манекенките танцуваа заедно со молњите и самите станаа електрични генератори.

Оваа метафора воопшто не е случајна, бидејќи тие со војот облик потсетуваат на морската флора. Како што објаснува морскиот биолог и експерт за конзервација на алги Вахаџ Махмуд-Браун, „овие организми неретко се помешуваат со морска трева, што се објаснува со хомоплазијата. Природата често посегнува кон слични решенија за слични проблеми, дури и кога станува збор за целосно неповрзани видови. Затоа не изненадува што Ајрис ван Херпен ги нарекува „вез“, тантела или ткаенина, увидувајќи ги сличностите меѓу овие организми, невроанатомските цртежи на Кахал, дендритите и нишките од кои настанува модата“.

Креациите од колекцијата „Сетилни мориња“ Ирис ги карактеризира како силуети и течни лавиринти кои со помош на клеточната геометрија се трансформираат во акварели на морските длабочини. За да ги претвори креациите во морски суштества, таа користела „воденести“ материјали како свила, органдина и шифон во нијанси на сина, зелена, виолетова, окер и корално црвена боја, а во комбинација со 3Д печатење со силиконски нишки и ласерско сечење на ПЕТ полимери . Дури и техниката на изработка на креациите за оваа колекција, баш како научница, ја именувала по морските суштества што ѝ послужиле како инспирација.

Од колекцијата „Сетилни мориња“

Фустан на бесконечноста

Во својата последна колекција на висока мода, „Корење на препородувањето“ за пролет/лето 2021, Ајрис ги скротува сите четири елементи, повикувајќи го пролетното будење од пандемискиот мрак, инспирирана од микологијата и дендрологијата, односно од печурките и корените на дрвјата како симболи на животниот циклус. Фустаните дизајнирани во облик на пердуви на ветер, морски бранови, корење кои избиваат од земјата или пламен, ја обединија поетиката на Ајрис, во чиешто срце е хилозоизмот - филозофска теорија која ѝ припишува психолошки карактеристики на целата природа и го застапува мислењето дека целата материја е проткаена со живот.

Ајрис во целост ја посвети колекцијата висока мода за есен 2012 на хилозоизмот, но секако тој е најприсутен во познатиот „фустан на бесконечноста“ на Ајрис од колекцијата „Хипноза“ за есен/зима 2019 година. Оваа креација е воедно и најкомплексната и според зборовите на самата дизајнерка најтешко изводлива креација во целокупниот нејзин опус, па историчарите и модните теоретичари често ја сметаат за нејзин манифест. За Ирис, колекцијата „Хипноза“ е визуелизација на таписериите на природата и симбиоза на нашата биосфера исткаена од воздух, земја и океан, метафора за ритамот на животот и кревкоста и поврзаноста на сите живи суштества. Луминисцентни сферични фустани, креирани од речиси проѕирен оргадин, манекенките ги претставија минувајќи низ кружната кинетичка скулптура „Омниверзум“ на американскиот скулптор Ентони Хов, со што се постигна хипнотички ефект на оптичка илузија.

Крајот на ревијата беше токму фустанот на бесконечноста, кој, како и скулптурата на Хов сам се се движеше сам од себе. „Сакав да направам фустан кој ќе ни оневозможи да видиме каде завршува кожата и телото на манекенката, а каде започнува самиот фустан. Фустан што дише, поради кој не знаеме дали манекенката оди напред или назад“, изјави Ајрис за најкомплицираниот фустан што некогаш го креирала. Вдишувајќи животен здив во фустанот на бесконечноста, Ајрис ван Херпен го поставува прашањето: каде завршува модата а започнува науката, и обратно и уште поважно, дали воопшто постојат граници меѓу овие два света?

Можностите, како и фустанот, се бесконечни.

Извор: Elementarium

ОкоБоли главаВицФото