Луѓето како нас

23.03.2022 02:33
Луѓето како нас

Во 1857 година англискиот поет и еден од водачите на царистичкото движење Ернест Џонс во Народен весник објави серија текстови за бунтот кој таа година се случи во Индија. Тоа не бил бунт, заклучил, туку народно востание кое Британците би морале да го поддржат онака како што поддржувале слични востанија во Европа. Кога Полска се „бореше за слобода против Русија“, Британците беа на страната на Полска. Ако Полска била во право тогаш бил и Хиндустан.

Се сетив на неговите аргументи читајќи некои од коментарите за украинскиот отпор и руската инвазија. Инвазијата е брутална и неприфатлива, тоа е напад на демократијата и суверенитетот. Мораме да ѝ се спротивставиме исто како што му се спротивставивме на саудискиот напад на Јемен. Мораме да го поддржиме народот во Украина како што го поддржавме народот во Сирија.

Но Тим Стенли од Телеграф не мисли така. Во емисијата Тема на денот на Би Би Си 4 изјави дека настаните во Украина нè погодуваат повеќе отколку оние во Сирија или Јемен зашто е во прашање европска земја и затоа што „младите регрути и доброволци лесно можеа да бидат наши синови или татковци“. Дали тоа значи дека не сме способни да замислиме како се чувствувале синовите и татковците во војните во Јемен или Ирак?

За Даниел Ханан, ториевски лорд и поранешен пратеник во европскиот параламент, украинскиот конфликт е шокантен затоа што „тие многу личат на нас“, живеат во европска земја во која „луѓето гледаат Нетфликс и имаат профили на Инстаграм“. „Во војната во Украина се напаѓа самата цивилизација“, заклучува тој. Што во војните во Сирија или Авганистан, на пример, не беше случај.

И многу други коментатори од двете страни на Атлантикот изнесуваат слични ставови. Тие ставови не се само последица на шокот заради бруталниот конфликт на релативно мирниот и просперитетен континент како што е Европа (иако поминаа само 30 години од разорниот конфликт на Балканот). Зад нив стои уверувањето дека нашите способности за сочувствување со надежта, стравовите и страдањата на другите се условени од тоа колку тие ни се слични, колку се како нас. Таквото уверување ја ограничува солидарноста и ѝ поставува граници кои ги следат линиите на идентитетот. Една од ирониите во нападите на десничарите на политиката на идентитетот е тоа што не забележуваат колку и самите се нурнати во истото мочуриште на идентитетските проблеми.

Ироничен е и фактот дека местото на источна Европа и Русија во имагинацијата на западот отсекогаш било проблематично и повеќезначно. Европејците денес ги прифаќаат Украинците како свои. Но не било така отсекогаш. Зад нас е долга историја на биготерија во односите со словенските народи кои се опишувани како примитивни и азиски.

Германскиот историчар од 18 век Хајнрих вон Тричке, напиша: „Омразата кон Словените... е длабоко вкоренета во нашата крв“, зашто Словените „се раѓаат како робови“. Едвард Рос, еден од водечките американски социолози од почетокот на 20 век, бараше на словенските доселеници да им се забрани влез во Америка зашто „местото им е под дебело крзно во некоја колиба од прачки од крајот на ледената доба“. „Словените живеат во валканица која би го усмртила белиот човек“, напишал.

Револуцијата од 1917 година многумина ја толкуваа со помош на расна оптика. Истакнатиот теоретичар на супериорноста на белата раса, Лотроп Стодард, сметаше дека кај жителите во Русија „доминираат примитивни расни црти... заради што инстинктивно покажуваат непријателство кон достигнувањата на цивилизацијата“. Еден друг американски автор, Клинтон Стодард Бур, го толкуваше болшевизмот како „во основа азиска идеја која е неприфатлива за западниот ум“. За Хитлер, конечна граница не била онаа која ја одвојува Европа од Азија, туку „границата која го дели германскиот свет од словенскиот свет“. Украинците за него биле европски „црвенокошци“: На Украинците ќе им испратиме марами, стаклени перли и сето она што сакаат народите во колониите“.

Такви ставови и денес се во оптек. Вол Стрит Џурнал во 2018 година објави текст за дипломатијата на Путин со наслов „Русија се враќа на своето азиско минато“.

Границите со чија помош се дефинира кои луѓе се како нас, кои се Европејци, па дури и кои се „белци“, не се фиксирани и се поместуваат во склад со политичките и општествените потреби. Оние за кои сметаме дека не се како нас придонесуваат за дефинирањето на тие граници исто колку и оние за кои веруваме дека се.

Тоа е највпечатливо преку примерот на третманот на бегалците. За 7 дена војна, Украина ја напуштија околу милион луѓе. Половина од нив заминаа во Полска. Во следните недели оваа бројка би можела да порасне на 4 милиони. Имаше многу хаос и очај во колоните со бегалци кои ја напуштаа Украина. Но земјите кои ги примија домаќините покажаа великодушност и ги дочекаа со отворени граници и раширени раце. (Исклучок е Велика Британија каде јавноста поддржува полиберална политика кон бегалците, но владата сè уште се колеба).

Да го споредиме тоа со бегалската криза од 2015 година, кога во Европа наводно беше извршена инвазија со мигранти. Таа година Европа прими 1,3 милиони барања за азил. До овој скок дојде заради војната во Сирија. Пред и по 2015 година бројките беа значително пониски. А повторно, таа една година, кога вкупниот број азиланти беше малку поголем од бројот на бегалци пристигнати од Украина за една недела, влезе во историјата како година на криза кога континентот беше преплавен со миграциски бран и послужи како оправдување за понатамошното утврдување на Тврдината Европа. Тоа ни помогна да ги заборавиме стотиците илјади луѓе кои живеат во нечовечки услови од двете страни на Медитеранот.

Тука проблемот очигледно не е во бројките туку во политичката волја, во границите кои си ги поставуваме како општество, во границите кои ѝ ги поставуваме на нашата имагинација. Претседателката на ЕУ Урсула вон дер Лајер рече дека Украина му припаѓа на европското семејство. Кога стана претседателка на ЕУ во 2019 година, еден од нејзините први потези беше одговорноста за имиграцијата да ја префрли на новоименуваната потпретседателка надлежна за „промовирање на нашиот европски начин на живот“ и заштита на Европа од „неконтролирани миграции“. Бегалците од Украина се квалификуваат за европскиот начин на живот. Останатите не. Ете како се утврдуваат границите на нашето сочувство и солидарност.

Авторот на воведот на Народен весник од 1857 година пишува дека „јавно застануваме на страната на Индија“ зашто поддршката на „демократијата мора да биде доследна“. Секој што ќе рече „ја поддржувам Унгарија, но сум против Индија“, заклучува авторот, „работи против себеси, против општите начела, вистината и честа“. Ернест Џонс и уредниците на Народен весник сфаќале дека солидарноста нема големо значење ако е ограничена со расата и идентитетот. Но изгледа дека многумина до денес не ја совладале оваа лекција.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Cara Guri

Извор: https://www.theguardian.com/

ОкоБоли главаВицФото