Шетам, значи мислам

25.03.2022 17:44
Одам, значи мислам

Повеќето луѓе учат да одат помеѓу првата и втората година од животот. Отприлика кога учат и да зборуваат.

Научената вештина човекот ја задржува до крајот на животот и не ја заборава, освен во случај на сериозни здравствени нарушувања. Затоа, не размислуваме премногу за одењето, оваа спонтана и автоматизирана активност ја земаме здраво за готово.

Но, работата сепак не е толку едноставна. Иако и другите живи суштества се движат, само човекот оди исправено, на две нозе. Филозофот Курт Баерц посветил цела книга на ова „исправено одење“. Тој потсетува дека уште од античко време живо се размислувало за тоа дека постојат два феномени резервирани исклучиво за човекот: размислувањето и исправеното одење. Овие два феномени се во најдиректна корелација, тие се меѓусебни верни придружници. Човекот оди исправено токму затоа што е предодреден да размислува.

Исправеното одење е веќе исклучително сложен феномен дури и на најобично моторно ниво. Десетици мускули треба да вршат сложена и синхронизирана работа за да можеме воопшто да застанеме на две нозе, додека таа сложеност дополнително се комплицира кога ќе почнеме да се движиме. Примитивните живи суштества, или на пример растенијата, не се движат, па затоа и немаат нервен систем.

Античките филозофски традиции не само што ги поврзувале размислувањето и одењето, туку и одлучно утврдиле дека одењето го поттикнува размислување. Современата наука ќе се потруди ова да го докаже и објасни. Имено, со употреба на современи научни методи како што е електроенцефалографијата (ЕЕГ) потврдено е дека за различни функции во мозокот неопходни се одредени ритмички дразби. Движењето, односно неговите различни брзини и ритмови, се многу стимулирачки за мозочните активности. Мозокот позитивно реагира на ритам, што може успешно да се исчита од влијанието што музиката го има врз него. Пешачењето е всушност, покрај звучната ритмичност, најдиректниот и наједноставниот начин за да се направат достапни ритмичките фреквенции на мозокот.

Автор: Џенат Дрековиќ

Од Атина, од Сократ и Аристотел, мислителот отсекогаш бил оној кој оди. Без разлика дали во природа, како Торо, Русо, Ниче, Де Токвил, Хегел или Симон де Бовоар, дали во секојдневна, речиси ритуална, лесна прошетка како Кант, Кјеркегор или Ајнштајн, или пак фланирајќи по метрополите како Бенјамин, Бодлер или Хесел.

Шетањето заради шетање, одењето заради одење, како цел самата за себе, беше откриено дури во доцниот 18 век. Со шетањето и движење со сопствени нозе, шетачот се сведува на своето исконско битие, на своето анонимно јас. Занимањето, титулата, социјалниот статус, името и потеклото веќе немаат значење. Во прошетка не можете да се изгубите. Оној што нема цврста цел не може да залута.

Шетачот одбива да го стесни светот меѓу трепките и да го перципира исклучиво визуелно и да го сфаќа само  интелектуално. Тој сака да го почувствува и телесно, ангажирајќи ја мускулатурата. Забавувајќи им дава можност и на другите сетила да уживаат во околината, чувствувајќи мириси, чувствувајќи на кожата директен контакт со природата. Кој оди, гледа повеќе - антрополошки, космички, културно, социолошки.

„Што е можно помалку да се седи; да не се верува на ниедна мисла што не е родена на отворено и во слободно движење, кога и мускулите прославуваат.“ - ова е позната реченица на Фридрих Ниче.

Кјеркегор апелираше: „Никогаш не губете ја волјата за шетање. Јас поради неа секојдневно се чувствувам добро и така избегнувам секаква болест. Моите најдобри мисли сум ги донел од прошетките, а и не знам толку мрачна мисла од која човек не може да се ослободи при прошетка“.

Спонтаноста и бесцелноста на прошетката отсекогаш имале во себе нота на отпор, момент на непредвидливост и доза анархија. Не е ни чудо што прошетката им е сомнителна на сите диктатури. Таа е премногу независна и слободна за нивен вкус.

Автор: Џенат Дрековиќ

Во околности кога секојдневието, поттикнато од технологијата, непрестано се забрзува, разбирлива е потребата на многумина да го забават темпото и да се вратат во времето кога луѓето биле во склад со ритамот на своите чекори и дишење. Навраќањето на одењето не е редуцирано исклучиво на повторно откривање на телото - тоа воедно претставува и политички чин, духовен пат, уметнички гест или можеби медитативна практика. Филозофија, политика, религија, уметност, разбудени во прошетка.

Интересно е размислувањето на Паскал Брукнер, еден од плејадата француски т.н „нови филозофи“. Тој забележува дека нашата епоха радо се самодефинира како епоха на брзината. Огромно количество време минуваме во тркалање лимени конзерви. Се движиме побрзо од кога било досега и покриваме растојанија како никогаш порано. Но, тоа всушност го правиме седејќи неподвижни на едно место, дисциплинирано врзани со појаси за своите автомобилски или авионски седишта. Дилемата што може слободно да го носи епитетот филозофска е: дали притоа навистина се движиме? Кој би рекол дека некогаш ќе дојдеме во ситуација да не сме сигурни во значењето на зборот движење? Зарем ние, како поединци, не сме застанале, жртвувајќи се преку одрекување од сопственото движење за општеството да може да оди напред? Дали всушност зад светлечките реклами за супербрзи возови стои стагнација и атрофија? Човек не може а да не забележи дека нашите превозни средства всушност не’ одвоиле едни од други. Стоиме во бескрајни колони, автомобил зад автомобил, војски луѓе во нив, а всушност не сме заедно. Парадоксално, средствата што требаше побрзо да не' донесат едни до други станаа фактор на отуѓување. „Нашата механичка брзина не е ништо друго освен моторизирано мирување“, ќе рече францускиот поет Сен Пол-Ру меѓу двете светски војни. Модерноста успеа да го деградира движењето во мирување. Како да се разберат лентите за трчање и велосипедите што стојат во место? Милиони луѓе се потат на нив во френетичниот ритам на електронска музика, гледајќи на дисплеите колку километри минале, а всушност стојат во место. Тешко е ова да не асоцира на хрчак во кафез. Можно тоа да се должи на американската култура опседната со култот кон автомобилите, каде секое движење пеш е крајно сомнително и станува криминализирано и прогласено за нелегално или пак санкционирано како вагабондизам.

Автор: Џенат Дрековиќ

Затоа, да повториме, не е чудно што расте потребата за забавување, за повторно воспоставување директен контакт со окружувањето и со светот околу нас. Секој сензорен стимул е поинтензивен при пешачење отколку при возење. Ова особено се однесува на шетањето низ градот. Таквата прошетка му овозможува на шетачот да ги забележи и најмалите детали и тривијалности. Му овозможува како куче трагач да ги следи мирисите од пекарниците, месарниците и гостилниците, да забележи како мирисаат луѓето околу него. Ова го обзема со чувството дека е опкружен со нешто моќно, поголемо од него. Работата веќе не е егоцентрична, повторно е тука градот како вечен палимпсест во кој поединецот сепак го нема последниот збор. Во градот има поезија на детали што можат да не’ изненадат и што може да ни се отвори само ако пешачиме. Урбаниот пејзаж нуди нови перспективи ако се конзумира полека. На ова се заснова етиката на урбаните номади во потрага по чудата на градот.

Може да шетате во град или во природа, во дивината, можете да патувате пешки, можете да шетате сами или во друштво.

Шетањето во природа отсекогаш ги привлекувало луѓето. Но, исклучително е важно да знаете да разликувате пешачење од планинарење, алпинизам и други активности со елементи на спорт. Овде поентата е да се оди нога пред нога. Резултатите и бројките на шетачот не му значат апсолутно ништо. Тој нема интерес да биде побрз од некого, да стигне подалеку или да се искачи повисоко од другите. Зад прошетката во природа секогаш се стои емоција, која се продлабочува ако се сподели, па затоа луѓето во природа најчесто се движат групно.

Шетањето во природа, особено во недопрените предели, или во дивината, го враќа човекот на неговото потекло. Атмосфера лишена од какво било влијание на цивилизацијата, овозможува да е продре во суштината на нештата.

Автор: Нино Бербиќ

И прошетката низ градот, иако навидум сосем поинаква, подеднакво го возбудува духот. Градската прошетка дели заеднички особини со шетањето во природа, но има и специфики. И двете го усогласуваат ритамот на чекорите со две од човековите суштински активности: дишењето како ултимативен услов за постоењето и размислувањето како услов да се биде човек. И двајцата се контемплативни на свој начин, но и креативни. Градските прошетки можат да бидат со или без цел. Градот од неговото настанување е олицетворение на модерноста. Одењето низ градот често ги инспирирало книжевниците, уметниците, филозофите, социолозите и слични да се обидат да го дешифрираат, да го систематизираат, дури и да го формализираат и вкалапат. Така, кај Франц Хесел во неговите книжевни дела ќе најдеме речиси упатства за „правилно“ шетање низ градовите. Според Хесел, фланирањето се учи. Сетете се на „Психогеографија“ на Гај Дебор и Иван Шчеглов, која ја проповеда уметноста на шетањето низ градот со усвојување четири основни правила на „психогеографско талкање“, или „Променадологија“ на Луциус Буркхард, прокламиран културолошки и естетски метод за антиципирање на околината, што вклучува и експериментални практики како рефлексивно шетање. Денес би било тешко да се замисли книжевноста без сите дела чии идеи и граѓа биле создавани и собирани при градски прошетки. Хесел нема напразно да тврди дека фланширањето е еден вид читање на градот, во кое човековите лица, излозите, терасите на кафулињата, трамваите, автомобилите и дрвјата претставуваат букви, од кои се испишуваат зборовите, речениците и страниците на една секогаш нова книга. За многумина пишувањето и шетањето се едно. Еден поет ќе утврди дека поезијата настанува веднаш штом едната нога е поставена пред другата. Условот за поетското творештво што помалку да понесете со себе на прошетката, за да можете попатно што повеќе да прифатите и да вратите назад. Одењето води во други светови. Враќањата од нив често се плодни. Се тврди дека Бетовен од таму го донел својот познат пасторал, „Шестата симфонија“. И Чајковски според неговиот брат, од шумските талкања се враќал со глава полна белешки. Не профитирала само уметноста од шетањето. Рубиковата коцка и антибиотикот Пеницилин се раѓаат благодарение на шетањетп. Дури и во современиот бизнис и менаџмент, се етаблирала практиката на пешачки состаноци (walking meetings). Може да излезе голема грешка да излезете на прошетка без пенкало и хартија. Или барем, како Томас Хобс, со шишенце мастило вградено во стапот со помош на кој се движел.

Прошетката може да преземе и други специфични форми. Така, меѓу нив ќе најдеме две многу интересни, кои го поткрепуваат нашето претходно тврдење дека одењето може да биде и духовен или политички чин: аџилакот и протестниот марш.

Автор: Нино Бербиќ

Веројатно најстарата форма на пешачење што не цели кон чиста физичка потреба (барање храна или засолниште) е аџилакот. Тоа најчесто се однесува на конкретни места и/или датуми. Аџиите, во мир, во контемплативно чекорење, покажуваат почит кон својата светост, но истовремено патуваат и во својата внатрешност, спознавајќи се себеси и своето место во универзумот, барајќи објаснувања кои ќе донесат душевен мир. Некои од овие аџии оставиле свој белег во книжевноста и во филозофијата, како што е познатиот „Пат на Свети Јаков“, мрежа од патеки за аџилак што завршува во Сантијаго де Компостела, Шпанија. Се проценува дека годишно по неа минуваат околу 300.000 аџии. За своето искуство на оваа патека значајна трага во книжевноста и во филозофијата ќе остават Алфонс Дупронт, Едит де ла Херониер и многу други.

Протестниот марш е олицетворение на желбата да се изрази ненасилно присуство, автентичен пацифизам. Не чуди што истиот човек е творец на две познати книжевни дела кои ја докажуваат оваа недвосмислена врска: трансценденталистичкиот есеј „За одењето“ и есејот „Граѓанска непослушност“. Хенри Дејвид Торо, и самиот страстен шетач, филозофски претходник на еколошкото движење и немилосрден критичар на тогашниот американски политички естаблишмент, бил голема инспирација за Махатма Ганди и за Мартин Лутер Кинг, кои беа организатори на историски важни протести, ненасилни прошетки. Прошетката од Селма до Монтгомери во Алабама или „Маршот на солта“ од Ахмедабад до Индискиот Океан, се историски настани, како што е и Маршот на Рим во 1922 година или кинескиот Долг марш во 1934 година. Се чини дека во модерното време, колективната прошетка станува глобален облик на политички протест. Да се потсетиме на прошетката на турскиот опозициски политичар Кемал Киличдароглу, како и на ерменскиот опозициски лидер Никола Пашињан. Маршовите против атомската енергија не стивнуваат од 1950-тите. Женскиот марш во 2017 година како реакција на мизогините и расистички истапи на Трамп. Протестната прошетка како форма на политичко изразување главно е карактеристика на левото политичко крило, но ја наоѓаме и на спротивната страна, како при неодамнешните „прошетки на загрижени граѓани“ во Лајпциг и Дрезден организирани од крајно сомнителната десничарска партија AfD.

Постојат и апологети на одењето за кои единствена цел и смисла е задоволството. Еден од поистакнатите, филозофот и филолог Карл Готлоб Шеле, тврди дека е неопходно од прошетката да се исклучат сите метафизички и физички истражувања , дека таа не служи за решавање математички проблеми, за расплеткување историски дилеми ниту за медитација. Дури и само набљудувањето други пешаци би било против вистинската природа на прошетките од задоволство. Предуслов за ваквото шетање е пред поаѓањето да се остават проблеми и грижите.

Автор: Нино Бербиќ

Некои оделе дотаму што се обиделе да ја дефинираат карактерологијата на поединечните народи кога станува збор за движење, одење или патување пеш. Така на пример, Жорж Санд, француска благородничка по име Аурора Дупен, која пишувала под машки псевдоним, го заклучила следново: Англичаните не шетаат, тие ја изведуват својата облека на прошетка. Откако не ги извалкале ракавиците ниту чизмите, се собираат во гостилници по прошетката во своите пози во кои ги слават шеширот и јаката. Италијанците секогаш одново стануваат жртви на благата апенинска клима, и по правило во другите климатски услови редовно ги игнорираат временските прилики и запаѓаат во незгодни неволји, што, следствено, редовно им предизвикува бран на копнеж по татковината. Така копнежливи имаат потреба се’ што ќе видат да го споредуваат со својата татковина, при што, секако, победата на нивната прекрасна медитеранска татковина никогаш не е ставена под прашање. Најдобрите шетачи, и они кои прават најмалку врева се Германците. Вредни пешаци кои одат полека, сите по малку музичари и ботаничари. Кога ќе застанат во попатните гостилниците, остануваат дискретни и се трудат да не им пречат на другите. Французите се најлоши шетачи, нетрпеливи и неконцентрирани. Тие реагираат енергично на секоја дразба, оставајќи го она со што до тој миг се бавеле и што ги восхитувало и тргнуваат по нов пат. Нивните прошетки често започнуваат енергично и одушевено, а завршуваат уморно и деморализирано.

Можеме да поврземе одредени земји со одреден тип на шетање, па нема да погрешиме ако речеме дека Американците го измислиле road trip-от, Французите елегантниот, урбан фланеризам, додека Германците истрајуваат на прошетките во природа.

Не само народите, туку и поединците можат да имаат свој стил на одење. Тие донесуваат правилата до кои се придржуваат, без разлика дали се работи за темпото на пешачење, начинот на кој се одредува рутата или пак за некои попатни ритуали. Така, во „Големиот пад“ на Петер Хандке, сретнуваме шетач кој се движи според точно одредени правила од кои не би се засрамил ниту кој било сериозен олимписки спорт.

Одењето е физиогномија на телото. Внимателен набљудувач ќе забележи на шетачот тегобност на душата, грижа на совеста или болест. Јазикот на одењето е богат. Начинот на одење е директна последица на несвесно обзнаената волја. Можеби тоа најдобро го опишал Фредерик Грос, професор на Институтот за политички студии По во Париз и автор на „Мала филозофија на одењето“, во кратка белешка: „Кажи ми каде одиш и ќе ти кажам кој си“. Ако подолго време вниателно го набљудуваме човекот како оди, со време ќе сфатиме што мисли, ќе ја разбереме структурата на неговото мислење. Или, според зборовите на Бенјамин, „Како што човек оди, така и мисли“. Зарем оној што оди брзо не ни открива веќе половина од своите тајни?

Можеби човековиот чекор е токму долг, не поголем, за да не може да го минува светот без да го види, без да го почувствува? Затоа, искористете ја таа дарба што ја имате и препуштете нозете да ве водат. И не заборавајте, solvitur ambulando - ќе се реши во движење.  

Извор: Prometej

Слични содржини

Јавни простори / Култура / Уметност
Наука / Култура / Теорија
Активизам / Јавни простори / Култура / Уметност
Свет / Живот / Култура
Фотографија / Култура / Уметност / Настан / Око

ОкоБоли главаВицФото