Фатална привлечност

26.03.2022 15:32
Фатална привлечност

 

1.
Имам познајник што се занимаваше со мушичарење. Не би имала ни поим што е тоа да не ми ја покажеше својата богата колекција од мушички. Убавината на минијатурните мушички ме возбуди. Лесно можев да си замислам замајан лосос во некој ладен шкотски поток пред чии очи трепери заводлива мушичка украсена со шарени перца. Мушичарењето е скапо хоби. Не може кој било тукутака да нагази во шкотски поток, особено не во каква било облека. А и мушичките се вистинско богатство. Ексклузивните риболовци скапо го плаќаат задоволството од рибарењето. Парите вложени во ритуалот на мушичарењето ја надминуваат вредноста на уловените риби за којзнае колку пати. Задоволството, очигледно, не лежи во уловот. А што се однесува на мојот познајник, во меѓувреме животните околности и поминатите години ја згасиле неговата риболовна страст: накачил килограми, телото му се опуштило, срцето му попуштило, духот му папсал. Сѐ до неодамна. Изненадно ми се јави од патот низ Азија. Бил на некој остров, во некоја џунгла, со некој водич, и ловел риби во некоја невина река. Мушичарењето навистина го вратило во живот. Туѓата страст е најмистериозното нешто на светот.


2.
Изненадната електронска објава на мојот стар познајник временски се поклопува со една онлајн-статија што го привлече моето внимание. Нова потрошувачка опсесија ги зафатила богатите мажи помеѓу дваесет и пет и триесет и пет години. Најголемиот број богати мажи помеѓу дваесет и пет и триесет и пет години се фудбалери и олигарси. Парите веќе не се трошат на јахти, на жени и на уметност (Бај, бај, уметници!), туку на нивниот сублимат, аквариумот. Со богатата клиентела се појавила и цела мрежа на професионалци од Сингапур до Лондон: архитекти и дизајнери на аквариуми, стручњаци за подводно осветлување, подводни градинари што ја уредуваат аквариумската околина, доставувачи на скапоцени аквариумски риби, ихтиолози, рибни терапевти. Само одржувањето на аквариумите чини некои стотина илјади фунти годишно. Посебна приказна за аквариумските риби. Platinum Arowana има највисока цена: двесте и педесет илјади фунти од примерок. Рибата има платинеста боја поради недостигот на пигмент. Таа е некој вид албино меѓу рибите, па ја следи верувањето дека носи богатство и среќа. Platinum Arowana е необично чувствителна, склона е на самоубиствено скокање од аквариумот, па аквариумите мора да се заштитат со специјални поклопци. Меѓутоа, така поклопена Arowana е уште почувствителна, па често се разболува. Нејзиниот оптимален животен век е десет години. Секако, никој не гради голем аквариум за во него да плива една риба. А за да се тестираат квалитетот на водата, температурата и десетина други работи, во аквариумската вода најпрвин се пуштаат риби од кои повеќето ќе загинат само за други риби да живеат удобен аквариумски живот. Во жаргонот на стручњаците за аквариуми таквите риби се нарекуваат риби кловнови. Рибите кловнови имаат иста улога како робовите што низ историјата ја извршувале високоризичната служба да проверуваат дали храната на нивните господари е отровна.

Има безброј објаснувања за помодната опсесија на богатите мажи и сите се точни колку што се неточни. Најприземно е она што произлегува од јазикот. Тоа што на колоквијалниот англиски се означува како чик (chick), на некои други јазици, меѓу кои и словенските, се означува како fish, риба, млада девојка.

Да не е аквариумот реализација на детскиот сон за подводниот свет (и апсолутната контрола над него); или е симболичен супститут за харем со „мали сирени“ со кои секој допир е невозможен и токму затоа привлечен; или пак се работи за простор за контемплација, за домашен храм во кој плива Божјиот свет рамнодушен кон смртниците? Било како било, фаталната врска меѓу мажите и рибите е погоден терен за психоаналитичка интерпретација на акробатиката.



3.
На Кирибати врската меѓу девојките, рибите и мажите е речиси буквална. Тихиот Океан го храни светот со риби; повеќе од половина од светскиот улов на туна доаѓа од тоа подрачје. Германците, на пример, едвај да знаат дека половина од вкупната туна што годишно ја консумираат е уловена во водите на Кирибати. На европските рибарски флоти им се придружуваат кинеските, тајванските, јапонските, руските, американските, тајландските, индонезиските, филипинските. Водите околу Кирибати се преполни со рибари и со риби. А локалните кирибатски девојки, од дванаесет години натаму, се мотаат околу рибарските бродови како гладни мачки. На Кирибати не е забранета проституцијата. Локалните девојки така заработуваат за џепарлак, кој ќе го потрошат на друштво и на пијалак, или во замена за сексуалните услуги ќе добијат некој килограм риби, со кои ќе го нахранат своето гладно семејство. Младите проститутки се нарекуваат девојки korakorea (korakorea значи евтина риба). Девојките заболуваат од сексуално преносливи болести, исто како што рибите кловнови умираат од своите, рибјите. Реципроцитетната врска меѓу мажите и рибите овде е навистина фатална.

4.
На крајот на јуни оваа година, патував преку Виена за Грац. Од Виена до Грац морав со автобус затоа што летот за Грац беше откажан. Сопатник ми беше еден Русин од Украина, фудбалер, патуваше во Грац на двонеделен тренинг.

„Зошто баш Грац? Зарем нема терени во Украина?“

Младичот слегна со рамената. Иако ми личеше дека има едвај седумнаесет, испадна дека Павел има дваесет и шест години. Неговиот клуб е во сопственост на некој богат Украинец. Мафијаш? Украински олигарх? Не, не, деловен човек, го брани Павел својот газда.

„А колку заработуваш?“

„Малку. Дваесетина илјади долари месечно. Платата од дваесет илјади месечно меѓу најдобро платените фудбалери се третира како бакшиш“, ми објасни Павел.


Павел очигледно не го интересираше никаков разговор, ни за фудбал, ни за олигарсите, ни за неговиот „хонорар“, ни за што било друго.

„Кажете ми, а Виена на море ли е?“, живна.

„Не е.“

„А Грац?“

„Ниту Грац.“

Павел набргу потона во сон. И, додека го набљудував заспаното момче на седиштето до моето, ме опфати некоја општа помиреност. Тој патуваше во Грац на двонеделен тренинг, а јас на книжевна вечер. Еден полуписмен Украинец со своите вешти нозе врти дваесетина илјади месечно, додека јас, високообразована, за своите „интелектуални услуги“ добивам неспоредливо (неспоредливо!) помалку. Еден доброплатен фудбалер за месечната плата на Павел може да купи шест хавајски риби. Цената на хавајската риба Yellow Tang изнесува три илјади фунти. Павел е полуписмен, но, за разлика од мене, веќе е роден со повеќе од потребното знаење. Тој добро знае дека е риба во аквариум. Знае дека е заменлив и дека својот газда годишно го чини колку еден примерок од Platinum Arowana. Мене – која „арогантната“ идеја за правото на сите луѓе на еднаквост ја испив со социјалистичкото млеко – сѐ уште не ме напушта мислата дека сум незаменлива, иако хонорарот за давање интелектуални услуги што ме чека во Грац е еднаков на порција пржени сардини. Навистина, во подобар ресторан. Да, јас сум korakorea, евтина риба. А со таа утешна мисла и со главата на младиот сопатник, која во потрага за перница ненамерно се потпре на моето рамо, и јас потонав во сон.

август 2011


Извор: Европа во сепија, превод: Кристина Велевска, Антолог
Слики: Chris Buzelli

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Фотографија / Книжевност / Настан / Фото / Око
Фотографија / Книжевност / Настан
Фотографија / Книжевност / Настан / Фото / Око
Фотографија / Книжевност / Настан / Фото / Око

ОкоБоли главаВицФото