Концепцијата на рускиот свет

28.03.2022 00:34
Концепцијата на рускиот свет

Поимот „руски свет“ почна да стекнува популарност во Русија на преминот од 20 во 21 век. Треба да се нагласи дека се работи за поим кој крие мошне широк спектар идеи, претстави и емоции. Нивните комбинации се разновидни и се наоѓаат во постојана еволуција. До 2007 година поимот „руски свет“ не беше присутен во јазикот на власта, а го развиваа разни публицисти и мислители. Во официјалниот јазик постоеше поимот „сонародници во странство“, со помош на кој се формулираа, меѓу другото, правните норми и државните програми.

На почетокот од 2004 година политичкиот консултант Петар Шчедровицки пишуваше за „рускиот свет“ како за мрежна структура на „големи и мали заедници кои размислуваат и зборуваат на руски јазик“. Во случајов, Шчедровицки пред сè го интересираа Русите во поранешните советски републики кои ги напуштила државата, како и нивната способност да ги користат „руските“ врски за економски успех и јакнење на руското влијание во соседните земји.

Антропологот Валериј Тишков зборуваше за „рускиот свет“ како за глобален феномен споредувајќи го со сличните културно-јазични светови на Шпанија, Португалија, Франција, Велика Британија и Кина. Во овој контекст во центарот на вниманието беа јазикот, културните и роднинските врски во постимперијалниот простор.

Темата за рускиот иредентизам, Русите како поделени нации, тенденцијата во системот на Русија да се вратат земјите населени главно или во голема мера со Руси, беше пригушена во првата половина на 2000-те години. Меѓутоа, веќе во 2001 година тогашниот главен уредник на „Независен весник“ (Независимая газета) Виталиј Третјаков со задоволство забележа дека Путин ги постави прашањата за кои се молчеше во времето на Елцин, меѓу нив и прашањето за Русите како поделена нација. Веднаш по „портокаловата револуција“ во 2005 година, новинарот Дмитриј Киселов, кој тогаш работеше во Украина, почна активно да ја заговара(ЛИНК) тезата за Русија и Украина како поделена нација, правејќи паралели со повоена Германија. За време на гасната криза помеѓу Русија и Украина, Путин неколкупати се присетуваше дека Западна Германија економски ја поддржуваше Источна Германија заради обединувањето, за веднаш да добие прашање од Дмитриј Киселов дали Русите треба да се прогласат за поделена нација. Тогаш Путин не ја поддржа таа идеја, продолжувајќи ја линијата од деведесеттите години кога Русија не ги поддржа иредентистичките движења на Русите во Крим и во Северен Казахстан, или организациски недефинираните иредентистички расположенија на Русите од Прибалтикот. Меѓутоа, значајно е дека во 2005 година на Киселов му беше дозволено да му го постави тоа прашање на Путин.

Темата за иредентизмот не се смета случајно за мошне опасна. Во принцип, иредентистичките идеи се присутни или биле присутни во политикиата на многу водечки земји во светот. Пред обединувањето на Германија иредентизмот беше официјална идеологија на Сојузна Република Германија. Денес иредентизмот - е официјална идеологија на Кина. Во рускиот случај идејата на иредентизмот во поглед на Белорусија исто така има полно право на постоење бидејќи не предизвикува жесток конфликт - до немајкаде може да се дискутира на меѓувладино ниво за целисходноста и начинот на создавање заедничка држава на Русија и Белорусија. Меѓутоа, во случајот на Украина, Казахстан, Естонија и Летонија рускиот иредентизам не претпоставува обединување на државите туку отцепување делови од териториите на постоечките држави на кои живее бројно руско население. Конфликтниот потенцијал на иредентистичката идеологија во таква ситуација изразено се зголемува.

Статусот на поимот „руски свет“ кардинално се промени откако во указот на Претседателот на Руската федерација од 21 јуни 2007 година беше соопштено дека се основа фонд „Руски свет“. Во указот се вели дека фондот се основа заради популаризација на рускиот јазик, кој претставува национално добро на Русија и важен елемент на руската и светската култура, како и заради поддршката на програмата за учење на рускиот јазик во странство“. Тоа е сè што е кажано за задачите на фондот. Основачи беа Министерството за надворешни работи и Министерството за просвета и наука. Ако така се формулираат целите на фондот тој почнува да личи на германскиот институт Гете и другите слични организации кои се занимаваат со промоција на некој јазик и култура. Меѓутоа, именувањето на Вјачеслав Никонов, несомнено политичка фигура, за раководител на фондот наведува на претпоставка дека од почетокот не било исклучено ни пошироко дејствување на „Руски свет“. Меѓу другото, од самиот почеток фондот беше мошне активен во работата со руската дијаспора во различни западни земји.

После изборот на Кирил (Гундјаев) за патријарх во 2009 година, Руската православна црква активно се вклучи во борбата околу интерпретацијата на темата „руски свет“. Кирил се обиде на поимот да му даде што пошироко, послоевито значење. Говорот на Кирил на Третото собрание на „Руски свет“ во ноември 2009 година беше најдеталниот програмски говор на некоја значајна политичка фигура на таа тема. Меѓу другото, рече: „Јадрото на рускиот свет денес се Русија, Украина, Белорусија, а светиот преподобен Лаврентиј Черниговски ја изрази таа идеја со познатата реченица: 'Русија, Украина, Белорусија го сочинуваат Светот на Русија'. Токму таквото сфаќање на Рускиот свет се наоѓа во сегашното име на нашата Црква. Црквата не се вика Руска според етничко обележје. Тоа име укажува дека Руската православна црква врши пастирска мисија меѓу народите кои ја прифаќаат руската духовна и културна традиција како основа за својот национален идентитет или барем како негов суштински дел. Ете зошто во таа смисла ние и Молдавија ја сметаме за дел од тој Руски свет. Истовремено, Руската црква е најголема повеќенационална православна заедница во светот и настојува да го развива својот повеќенационален карактер... Во темелот на Рускиот свет е православната вера која ја стекнавме во заедничката Киевска крстилница... Второто упориште на Рускиот свет се руската култура и јазикот. На руската култура можат да ѝ припаѓаат и Русин и Татар и Украинец и Грузиец, зашто таа ги впила традициите на многу народи. Руската култура е појава која не застанува во границите на една држава и еден етнос и не е поврзана со интересите на една држава, а тоа е мошне важно да се разбере денес; како и дека оваа организација, 'Руски свет', не е инструмент за политичко влијание на Руската федерација. Таа има сосема поинакви цели и задачи... Најпосле, третата основа на Рускиот свет се заедничкото историско сеќавање и заедничките погледи на општествениот развој. Како резултат на заедничкото творештво на народите на Русија и оние народи кои со нив со векови формирале единствена целина, настанал начин на општествен живот кој во целиот свет асоцира со руската традиција.“

При дефинирањето на рускиот свет Кирил на прво место очекувано ја стави истоветноста на традиционалниот црковен поим „Света Русија“ и поимот руски свет, што Руската православна црква ја сместува во центарот на таа концепција и на патријархот му доделува посебна улога во нејзината реализација. Следните години Кирил навистина се обиде да одигра водечка улога, остварувајќи многубројни пастирски посети, пред сè во Украина, но исто така и во Белорусија и Молдавија. Во исто време патријархот се обиде да делува како дипломатски агент на интеграциските проекти на Москва и во тој говор специјално им се обраќаше и на политичките елити од соседните земји: „Важно е да се воспостави систем на цврсти односи помеѓу елитите од земјите на Рускиот свет. Клучното значење во врска со тоа го има етиката на односите помеѓу елитите. Треба да се развие таков тон на односите, кој би демонстрирал заемно почитување, би исклучувал каков било патернализам, секаков обид да се игра улогата на 'постар брат', би ги нагласувал националните интереси на секоја земја и би ги изразувал заедничките напори во изградбата на општествен живот со поткрепа на заедничката духовно-културна традиција. Дури и најголемите земји од Рускиот свет не можат сами да ги одбранат своите духовни, културни, цивилизациски интереси во светот кој се глобализира.“ Во овие размислувања може да се воочи и помалку замаглено толкување на „рускиот свет“ како посебна цивилизација, но таа тема и конфронтацијата со западот тогаш не ја нагласуваше Кирил. Повеќе се истакнуваше актуелноста на интеграциските напори на просторот на поранешен СССР.

Но темата за рускиот свет како цивилизација отекогаш беше во центарот на погледот на свет на претседателот на Руските железници, Владимир Јакунин, член на управниот одбор на фондот „Руски свет“ и активен православен мецен. И уште во говорот на прославата на 1 150 годишнината на руската државност во 2012 година, Јакунин остро ја спротивстави руската цивилизација на агресивната и грабежлива цивилизација на западот, формулирајќи конзервативен дневен ред: „Секако, Русија е држава-цивилизација. Обидот нејзините цивилизациски основи да се заменат со увезени од искуствата на другите цивилизации, од аспект на успешноста на земјата се контрапродуктивни, неефикасни и, најпосле, опасни.“ Концепцијата на цивилизациската опозиција на западот уште тогаш беше популарна меѓу „империјално“, „територијално“ ориентираните политичари и публицисти, вклучувајќи ги членовите на „Изборскиот клуб“ како Александар Проханов и Александар Дугин.

Кон средината на 2000-те години заради „војните за сеќавањето“ и „портокаловата револуција“, во повеќе земји кои се граничат со Русија, руското население изрази потреба за поактивна политика за заштита на правата на Русите и рускиот јазик, како и јакнење на врските со Русија. Може да се смета дека добар индикатор за тоа е реакцијата на георгиевската лента - новиот симбол на победата во Големата Татковинска војна 1941-1945, која се појави во 2005 година. Во Крим, на истокот од Украина, во Молдавија се одржуваа акции за правење големи ленти, а носењето на лентата се претвораше во демонстрација на политички став во врска со толкувањето на исходот од Втората светска војна. Во Украина и Молдавија ширењето на лентата предизвика конфликти со локалните националисти, а во прибалтичките републики наидуваше на отворен отпор од власта. Во 2014 година лентата стана главен симбол на сепаратистичкото движење на истокот од Украина.

Заострувањето на конфликтот со ЕУ и САД заради Украина во 2013 година во Русија се прикажуваше во категориите на економската целисходност и неопходност од уважување на заемните интереси на големите сили. Но на 18 март 2018 година во говорот на Путин за припојувањето на Крим се појави реченицата: „Рускиот народ стана еден од најголемите, ако не и најголемиот поделен народ во светот“. Иредентистичкиот дискурс првпат е употребен на највисоко ниво во најважниот говор кој беше наменет за целата земја.

Коментирајќи го говорот на Путин, публицистката Јевгенија Албац призна дека ѝ било мошне интересно да слушне како директно се цитира Алексеј Навални, односно, неговите зборови дека „Русите се најголемата поделена нација во светот“. Оваа забелешка нагласува важен момент - кога Путин ја формулираше таа теза во својот „кримски“ говор, тој присвојуваше пароли од националистичката опозиција која, за разлика од либералите, располагаше со сериозен потенцијал за раст. Со други зборови, дискурсот на „рускиот свет“ и Русите како поделена нација не беше мотив, ни причина за постапките на Путин - тој дејствуваше во духот на реалполитиката. Путин ја искористи таа ситуација за повторно да се смести во центарот на политичкиот спектар во земјата, за себе да го врзе оној националистички дел од општеството кој можеше да биде закана за неговата власт. Понатамошниот развој на ситуацијата на истокот од Украина покажа дека Москва, формирајќи нова концепција за „Новорусија“, почна да го користи дискурсот на рускиот свет во неговата иредентистичка верзија за идеолошко оформирање на својата политика. Поимот „Новорусија“ се покажа како поволен заради својата неодреденост. Очигледно дека тој поим е инструментален, како и самиот однос на Москва кон Русите во Донбас. Меѓутоа, многумина се понадеваа дека „новоруското“ сценарио ќе наликува на кримското и беа многу разочарани.

Употребата на иредентистичкиот дискурс во украинската криза имаше сериозни последици по односите со соседните земји. Антируската политика на прибалтичките републики, која темата за положбата на руското население одамна тежнееше од сферата на човечките права да се премести во сферата на безбедноста, доби моќна легитимизација. Москва исто така мораше да ги смирува лидерите на пријателските Казахстан и Белорусија, кои во оваа нова реторика почувствуваа закана за своите земји.

Во реториката на власта во 2014 година значително се засили мотивот на рускиот свет како посебна цивилизација која треба да се заштити од деструктивното дејствување на западот. Токму тој мотив сега го нагласува и патријархот Кирил кој доживеа пораз со својата претходна стратегија на „мека моќ“ во интерпретација на рускиот свет. Сега меѓу следбениците на рускиот свет популарни се (вооружени) „пристојни луѓе“. Притоа мотивот за опозиција на западот се интерпретира на два различни начини, што е сосема во склад со традицијата на руската филозофија од 19 век. Едни гледаат на западот како на безусловно непријателска и туѓа сила, а други како на застранетата Европа додека Русија ја претставуваат како заштитничка на „традиционалните европски вредности“. (Путин повеќепати настапуваше во тој дух.)

Во Русија во 19 век првата позиција беше мошне егзотична, нејзин прв и најпознат претставник беше Данилевски, кој ја објави книгата Русија и Европа во 1869 година, во време кога доминантен беше односот кон западот како „земја на светите чуда“ (Хомјаков), како дело на заедничкиот христијански свет, па и меѓу словенофилите и почвениците (претставници на христијанскиот конзервативизам). Денес рамнотежата на силите значително се промени во правец на поизразено отуѓување од западот.

Во новите интерпретации на поимот „руски свет“ сè уште се задржува извесна амбивалентност. Од една страна, признавањето на сопствената автономност од западот може да биде сосема продуктивна стратегија за национална идентификација, но од друга - мотивот за цивилизациската самостојност најактивно, агресивно го користи најконзервативниот дел од рускиот интелектуален спектар.

Важно е во борбата за интерпретација на поимот „руски свет“ денес сè повеќе да се вклучуваат луѓе кои размислуваат за рускиот свет со машинка во рацете. Тоа се и оние кои сега војуваат против украинските трупи во Донбас, и оние кои оттаму веќе се вратија во Русија, и оние кои допрва имаат намера да одат и да војуваат. Овие луѓе, чиј радикализам не е резултат само на теоретски промислувања, стекнуваат специфичен легитимитет и публика која во нив гледа свои херои. Тие денес имаат и талентирани следбеници меѓу културните творци, како на пример, еден од најпопуларните современи руски писатели Захар Прилепин.

Денес овие луѓе, вклучени во војната на истокот од Украина и организирањето најразновидна помош за самопрогласените републики Доњецк и Луганск, настојуваат да не влегуваат во директна конфронтација со Кремљ. Меѓутоа, мотивите на незадволството од политиката на Москва која, од нивен аспект, не изрази соодветна одлучност за да ги заштити Русите на истокот од Украина, се чувствуваат мошне јасно. Тие го критикуваат Кремљ зашто не го поддржа доволно одлучно воениот успех во август 2014 година, кој според нивното мислење требаше да се прошири со „ослободување“ на Харков и Одеса, како и затоа што веќе прогласените републики не влегоа во состав на Русија. Така темата за рускиот свет се претвора во идеолошко јадро на радикални сили кои имаат борбено искуство и оружје. Во толкувањето на некои од овие луѓе идејата за рускиот свет е отворено поврзана со антисемитизмот и неонацизмот. Со тек на време на Кремљ ќе му биде сè потешко да ги контролира тие сили.

Вториот предизвик за концепцијата на рускиот свет денес доаѓа од оние сили во Белорусија и Украина кои градат стратегија на идентификација преку опозиција на Москва како конститутивен Друг. Оваа интелектуална традиција влече корени од 19 век, кога концепцијата на Русија во Полска, а подоцна и украинската интерпретација ѝ се спротивставуваше на Москва како несловенско, азиско начело. Во оваа линија на спротивставување во едно неодамнешно интервју зборуваше еден од повисоките чиновници на Руската православна црква, Всеволод Чаплин: „Како дел од рускиот свет се чувствува оној кој сака да се чувствува така. Тоа не е државјанство, не е припадност на некоја корпорација. Тоа е доброволно... И самиот факт дека украинските националисти се обидуваат да ни го одземат називот „Русин“ и зборот „Русија“ исто така кажува нешто. Па Русија не е нешто задолжително со центар во Москва. Таа е родена во Киев... И Русија повеќе е духовен и идеолошки поим. А за тоа што треба да се смета за Русија допрва ќе се води некаква полемика и борба помеѓу Киев и Москва“.

Рускиот свет денес останува резервоар на идеи и слики кои можат да инспирираат и сервисираат разни политики. Тоа може да биде политика на мирни интеграциски процеси; политика на пропаганда и промоција на рускиот јазик и култура; политика на развој на врски со разни руски дијаспори итн. Тоа може да биде политика на фронтален „цивилизациски“ конфликт на Русија и западот. Тоа може да биде политика на рускиот иредентизам во неговата агресивна верзија која предвидува ревизија на границите. Рускиот свет е своевидна гарнитура од Лего коцки. Од околностите и комбинациите на елементите зависи што се тие во пракса и како разни набљудувачи ги сфаќаат тие елементи кои се здружени под паролата „руски свет“.

Функционирањето на поимот „руски свет“ претрпе значајни промени во 2014 година. Првпат темата за рускиот иредентизам се појави во официјалните говори на рускиот претседател. Првпат во политиката на рускиот свет акцентот не е ставен на изрично мирни методи на пропаганда на рускиот јазик и култура, туку на дејствување на вооружени луѓе. Првпат луѓе со оружје во рацете се вклучија во отворена, јавна борба за интерпретација на поимот руски свет и за негова употреба како политички ресурс. Првпат во интерпретацијата на рускиот свет толку одлучно е истакната цивилизациската опозиција на западот како конститутивен Друг. Иднината ќе покаже која од овие тенденции ќе се одржи.

Алексеј Милер (Алексей Ильич Миллер), историчар, професор на Европскиот универзитет во Санкт Петербург и визитинг предавач на Централно-европскиот универзитет во Будимпешта (од 1993). Основни области на истражувачките интереси на Милер се историјата на империите, теориите на национализмот, настанокот на нациите во рамки на континенталните империи, како и современата политика на историјата. Покрај историографските трудови, во руски и странски медиуми често објавува анализи на современите политички процеси, особено руско-украинските односи и (зло)употребата на историјата за политички цели. Статијата „Концепция русского мира“ е објавена во зборникот Россия 2015: Ежегодный доклад Франко-российского аналитического центра Обсерво, (уредил Арно Дюбьен), Москва, 2015: 268-277.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Никола́й Васи́льевич Не́врев (1830-1904)

Извор: https://pescanik.net/

ОкоБоли главаВицФото