Меланхоличниот скулптор Крсто Славковски

28.03.2022 10:34
Меланхоличниот скулптор Крсто Славковски

 

Крсто Славковски е роден 1928 г. во с. Кучевиште кое припаѓа на сегашната скопска општина Бутел, а починал 2009 г.

Преку постојаниот контакт со уметноста како вработен (во секторот за техничка поддршка) во Уметничката галерија во Скопје (сегашна Национална галерија на Република Северна Македонија) и кај Крсто Славковски се „пробудува нескротлива желба“ и самиот да ги направи првите творечки обиди избирајќи го дрвото како најсоодветно на сопствените афинитети. Впрочем, отсекогаш, како материјал, освен за огрев, градителството и домувањето, изработката на земјоделски алатки, мебел, садови, обувки и сл., дрвото и кај нас се употребувало и за уметнички цели, како што се резбите на иконостасите, а од почетокот на XIV в. е позната првата рељефна скулптура на „Св.Климент Охридски“ која претставува спој на романтичко-готички односно византиски одлики кои како теолошки и религиозни програми се одвиваа се до треттата деценија на XX век.

Во таа смисла, треба да се одбележи дека, слично како и во исламската уметност, мотивите беа ограничени на спиритуализација на сакрални мотиви се’ до целосно укинување на претставувањето на човечкиот лик. Изборот на дрвото за скулпторските обиди Крсто Славковски го прави поради поволностите поврзани со обработката и полесното доаѓање до посакуваните резултати, а притоа, од голема корист биле храбрењата, поттиците и поуките добивани од великанот на нашата уметност Никола Мартиноски (1903 – 1973 , најистакнат македонски уметник, член на МАНУ, еден од најзаслужните за нашата култура и уметност) кој во тоа време бил директор. Уште во најраните творби бил очигледен големиот талент, брз растеж, напредок и потврдување како автор, така што (1972 г.) е примен во редовите на ДЛУМ, станува активен член и редовен учесник на традиционалните изложби. Тој е искрен следбеник на внатрешните чувствувања и доживувања и реализатор на инстиктивните, изворните и автентичните креативни побуди раководени од „срцето и душата“. Кон неговите остварувања може да се гледа како продолжеток на традицијата и „суровиот“ примитивен и народен творечки занес.


Најчесто, емоцијата и идејата тлее се' до моментот на изнаоѓање на соодветно парчето дрво кое лесно може да се вклопи во замислата, а понекогаш и обратно, самиот матетријал го нуди „решението“. Во дрвото го внесува „импресивно доживеаниот настан, движењето, изразот и психолошката состојба на моделот“. Сеедно дали станува збор за поединечните фигури или посложени композициски сотави, најпрвин со широк зафати на глетото (или понекогаш теслата и секирата кај поголемите формати) се обликува целината силно вградувајќи го интензитететот на чувствата и доживувањето наспроти знаењето и вештината. Без претходни теоретски знаења препуштајќи се на внатрешното чувствување, следејќи го идејниот порив се препушта на имагинативната замисла низ динамичен творечки процес. Создавањето на неговите скулптури се одвива низ вообичаена, прилично универзална постапка, но во нив внесува сосема лично видување вградувајќи ги своите чувства и доживувања на мотивот. На тој начин се остварува сетилна и практицирачка синергичност која е важен аспект во визуелната финализираност која е спој на рустична енергија и грубост во обработката наспроти интимниот карактер видлив во внимателно градење на односот на масите преку грижлива обработка и суптилна стилизираност со префинета измазнетост. Во затвореноста на масите и фигуративната „заробеност“ во компактни целини, движењето скоро да е целосно запрено. Тоа се дела кои поседуваат непосредност и извесна неизнасилена строгост.


Неговите скулптури се без пропорции, а некои претставуваат бизарни прикази. Сеедно дали се „здепасти“ или стилизирано издолжени, поседуваат непосреднос и освојуваат со својата „примитивна уверливост“(В.Величковски). Во нив се открива хедонистичка изведба како игра на уметниковата моќ за поседување примордијален израз. Дијапазонот на различни физиономии и телесни конституции се движи од цврсти робусни и мускулести физикуси наспроти кревки и нежни тетераво издолжени тела, преку раздвижени и разиграно кикотливо заводливи нимфи, до „елегантно пополнети“ и волуменозно набрекнати, сексапилни сладострасници , примамливо еротизирани срамежливки, мајчинско брижни родителки од умилителен тип и елегични, меланхолични и компактни, заштитничко здружени композициски групации. Во најголемиот број е вградена силна експресивна снага, грамадна и монументална енергија, а некои поседуваат мека, опуштена, лабава, омлитавена и атрофирана мускулатура. Преку длабење, врежување и користење разнолики графизми како лузни особено во портретите се сугерира нивното старосно доба, а кај некои гримасите ја откриваат судбинската предодреденост. На јадровитите, рудиментирани, првенствено женски фигури им е втисната болна чувствителност, мечтателност, загриженост, таговност и жалност. Земајќи го предвид неговото целокупно богато творештво заслужено го зазема челното место меѓу творците автодидакти од областа на скулптурата. На самостојната изложба одржана во Уметничката галерија-Скопје (сегашна НГМ) од 4 до 24 ноември 1982 г. се претставил со 74 скулптури изведени во дрво од кои најголемата „Брат и сестра невидени 26 години“ од 1979 г. е со димензии 102х17,5х15.


Ако од најчесто споменуваните карактеристики за творештвото на Вангел Наумовски се вели дека е автор на подводни и космички визии, за Ѓорѓе Шијаковиќ дека е „портретист“ на отмени дами и весели Роми, тогаш за Крсто Славковски може да се рече дека тој е автор на компактна, робусна и волуминозна, меланхолична, елегична и умилителна фигурација.

Со скулптура се занимава од 1950 г. и учествувал на традиционалните изложби на сликари аматери кои од 1959 г. кои ги организираше Културно информативниот центар (сегашен Центар за култрура и информации) во Скопје, а учествувал и на групни изложби во Сараево, Крки (Словенија) и др.

 

 

ОкоБоли главаВицФото