Оскари 2022: „КОДА“ - најдобар филм, „Белфаст“ - најдобро сценарио

28.03.2022 11:41
Оскари 2022: „КОДА“ - најдобар филм, „Белфаст“ - најдобро сценарио

Американската Академија за филмски уметности и науки синоќа по 94-ти пат ги додели наградите за најдобри филмски остварувања.

Филмот „КОДА“ (CODA-Child of Deaf Adults), каде што глумат неколку лица со оштетен слух, е филмот на годината на годинашното доделување на „Оскарите“. Освен главното признание за најдобар филм, глумецот Трој Коцур стана второто лице со оштетен слух во историјата воопшто – добитник на „Оскар“ (споредна улога), точно 35 години по неговата колешка од новиот филм – Марли Матлин, а пак Сијан Хедер ја доби статуетката за прилагодено сценарио.

Главната протагонистка Руби е единствената личност која слуша во нејзиното семејство на луѓе со оштетен слух. Кога се загрозува семејниот риболов бизнис, Руби се наоѓа себеси растргната помеѓу продолжувањето на својата страст на музичкиот колеџ Беркли и стравот од напуштањето на родителите.

Најдоброто оригинално сценарио го има филмот Белфаст“, режиран и напишан од Кенет Брана. Во филмот мало момче и неговото семејство од работничката класа во Белфаст ги доживуваат бурните доцни 1960-ти години.



Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје е јапонскиот филм „Вози го мојот автомобил“. Филмот раскажува за еден познат сценски актер и режисер кој се справува со неочекуваната смрт на неговата сопруга кога добива понуда да режира продукција на „Чичко Вања“ во Хирошима.

Признанието за најдобар режисер отиде кај Џејн Кемпион за „Моќта на кучето“. Филмот доби само еден „Оскар“ од рекордните 12 номинации.

Наградата за најдобар анимиран филм ја доби „Енканто“, во продукција на „Дизни“. Филмот ја следи приказната на една колумбиска тинејџерка која се бори со фрустрацијата што е единствениот член од нејзиното семејство без магична моќ.

Научнофантастичната сага „Дина“, од американската Академија за филмска наука и уметности доби најмногу „Оскари“ – шест победи од можни 10 номинации, меѓу кои и одличјата за монтажа, визуелни и звучни ефекти.

„Оскарот“ за главна женска улога отиде кај Џесика Честејн, за филмот „Очите на Теми Феј“, кој ја раскажува интмната приказната за извонредниот подем, пад и покајување на телеевангелистката Теми Феј Бекер. Ова е прв „Оскар“ за Честејн.

Вил Смит пак, го доби своето прво вакво одличје за најдобар глумец за улогата во „Кралот Ричард“. Тој го глуми Ричард Вилијамс, таткото на тениските суперѕвезди Венус и Серена Вилијамс. Филмот раскажува за неговата огромна улога во нивните животи и кариери.

За најдобра женска споредна улога е прогласена Аријана Дебоуз во филмот „Приказна од Западната Страна“, aдаптација на мјузиклот од 1957 година кој ја истражува забранетата љубов и ривалството меѓу две тинејџерски улични банди со различно етничко потекло.


Најдобра филмска песна е „No time to Die” во изведба на Били Ајлиш за истоимениот филм „Џејмс Бонд 007: Нема време за умирање“.