Будимпешта: Записи од подземјето

28.03.2022 14:39
Будимпешта: Записи од подземјето

пренесено од Дојче веле

Нема да се занимаваме со елаборација на едно од најтешките дела за читање на Фјодор Достоевски – „Записи од подземјето“ – ниту со првите зборови на овој роман: „Јас сум болен човек... Злобен човек“. Ниту со тоа дека со прикажувањето на моралот на подземјето (што и да значи тоа) Достоевски се подбива со познатиот роман на Чернишевски „Што да се прави“ издаден една година претходно, во 1863. „Записи од подземјето“ може да се гледаат како критика на прогресивниот поглед на историјата, владата и човечката совршеност воопшто, затоа што главниот јунак на „Записите...“ е целосна спротивност на тоа за што раскажува Чернишевски.

Во Македонија во одредени временски периоди стигнуваат „записи од подземјето“ испратени од Будимпешта преку Фејсбук како регуларна контрибуција за некакво литературно списание. Своевиден „роман на парчиња“ (токму во стилот од 19. век), но за кој датумите на издавањето не се поврзани со инциденцата на литературните списанија, туку со инциденцата на рочиштата за различни судски процеси. Во последно време тие се екстремно експедитивни, авторот ги пишува и објавува истиот ден, само неколку часа откако во Кривичниот суд во Скопје ќе се слушнат „спектакуларни“ сведочења или признанија. Ваквото брзо пишување, образложување на ситуации, сеќавања на настани, цитирања на документи, речиси да наликува на Балзак, тој неуништив генијалец, кој можеше со продуцира со перо нешто што петмина заедно не можеа да го направат за истото време.

„Записите од Будимпешта“ ги испраќа преку Фејсбук најпознатиот македонски политички бегалец – поранешниот премиер Никола Груевски. Јавноста е обземена (и поделена) со руската инвазија на Украина, невидените човечки страдања и разурнувања, но и македонското општество, како и секое друго, си има свој ритам, без оглед дали се забележува или не. Во рамките на тој ритам се и судските процеси за наводни криминални дела поврзани со Груевски и други лица околу него.

Овие „записи“ може да се толкуваат на различни начини. Но колку и Груевски да е далеку во Будимпешта, тој како своевиден „крал во егзил“ е дел од овдешнава политичка сцена. Не само преку судските процеси. Во вмровскиот штаб има усвоено стратегија да не се коментира ништо што изјавува нивниот непрежален водач од бреговите на Дунав. На ништо не треба да му се обрне јавно внимание – ни на неговите јавни омаловажувања, потценувања, дури и навреди на неговите поранешни најблиски соработници (сите до еден целосно вградени во единаесетгодишното вмровско владеење), не треба да се зборува ниту за неговото јавно денунцирање и јавни навреди на партиската главна финансиска поткрепа, а завет на молчење во сите редови има и за обвинението дека Груевски крадел од партиските пари за да си обезбедува луксузен живот. Таа лепра вмровското лидерство сака да ја отфрли од себе со молчење, како ништо да не се случува.

Секакво, па барем и спорадично споменување би предизвикало „топење“ на вмровската супстанца (во физиката тоа означува премин од цврста во течна состојба), а тоа за партијата би било ужасно кога уште се обидува да капитализира од победата на локалните избори. За партијата секакво споменување на жестоките тврдења на Груевски за „срамно лажење“, „самопонижување“, „измислици“ на неговите најблиски соработници (па и поранешниот кум) треба да биде прескокнато како да не се случило. Единствено нешто што може да се прифати од неговиот вокабулар е синтагмата за „политички прогон“.

Откако почна руската инвазија на Украина ВМРО-ДПМНЕ има сериозен проблем како активностите на партијата да се пробијат во јавниот дискурс. Војната покри сѐ – и добрите работи што за кусо време ги направија некои од агилните вмровски градоначалници, но и она што некои од нив воопшто не направија. Нивниот лидер е растрчан по телевизиите да дава интервјуа за да може да зграпчи дел од вниманието, но тоа трае кратко, дури ни еден ден. Овој наратив не може да се пробие покрај сликите на смртта, разурнувањето, ракетите и тенковите. А при тоа да кажува целосни невистини. На пример, во петокот вечерта Христијан Мицкоски на ТВ 21 тврдеше дека „не сум имал никаков контакт пет години, ни директен ниту индиректен“ со Груевски. Се разбира, таа изјава е целосно лажна, затоа што конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, на кој Христијан Мицкоски беше избран за нов лидер на партијата, беше во декември 2017 година, а оттогаш поминаа 4 години и три месеци. На тој конгрес Груевски и Мицкоски седеа еден до друг.

Ех, куме!

Последниот „запис од подземјето“ во Будимпешта изгледа поспецифичен од другите. Во него Груевски на одреден начин раскрстува со кумот од својот прв брак, а и со Орце Камчев. За сѐ изгледа е виновно сведочењето на Камчев дека Груевски ги заменил плацевите на Водно со три стана од вкупно 750 метри квадратни (подобро речено пентхауси) во зградата „Панорама резиденс“, што се надвиснува над Скопје на местото на поранешниот хотел „Панорама“.

Овој „запис“ на Груевски изгледа поинтересен од другите. Многу политички научници, разузнавачи, политичари изгледа дека се во трескавична потрага да дознаат „што се случува во главата на Путин“ околу војната во Украина. Овие Фејсбук исповеди на Груевски на некој начин можат да помогнат да разбереме што се случува во неговата глава и какви би можеле да бидат неговите намери. Ако тргнеме од неговата констатација дека успехот на обвинителството да ги докаже криминалите би бил „привремена победа... тоа ќе биде Пирова победа“ може да се заклучи дека Груевски веќе сериозно размислува за негово триумфално враќање дома.

Тој вели: „Ова е перфидна игра која е полоша и од војна, бидејќи во војната сепак има некои правила“. Па, гледаме какви правила има во војната во Украина, во руските напади на болници, театри, породолишта, масакри на недолжни цивили. Потоа додава: „Ова не е правда. Преблаго е ако кажам дека ова не е фер, бидејќи станува збор за нешто многу полошо и пострашно. Ова го нема ни во Африка“. Ова е страотно потценување на цел еден континент од визирот на европска супериорност.

Груевски во еден егоцентричен филм мисли дека сите процеси се „за мое уништување и осудување со долгогодишна казна затвор“. Нему изгледа ништо не му значи дека Гордана Јанкулоска лежи четригодишен затвор за да ја удволи неговата желба да се вози во суперлуксузен „мерцедес“, што Миле Јанакиески ги помина последниве четири-пет години од притвор во куќен притвор, па на судски рочишта. Кој е веќе осуден во „Титаник“ 4,5 години затвор. Сите тие не биле цврсти во процесите и „потклекнаа и одлучија да ‘продаваат’ други луѓе за да се спасат“. А тој отиде во Будимпешта да страда, одвоен од семејството, во туѓа земја, во горчлива слобода.

Кога за својот кум ќе напишеш: „Ристо Н. срамно лаже. Тоа не е вистина. Никогаш не сум помислил да правам градежна фирма, а уште помалку Ристо да е управител“, има некаков проблем. Или тоа навистина е така, или Груевски не може да поверува дека Новачевски решил да ја прекине играта и веќе да не сведочи во корист на сопствената штета и конечно да ги изведе на виделина постапките на поранешниот премиер. Можеби затоа во ова писание Груевски му посветува огромен простор на Новачевски – како да го боли сето она што го кажува кумот.

Кој е пишувачот?

Или кога го отфрла сведочењето на Орце Камчев со зборовите: „Па тој во тоа време би долетал да се сретне со мене ако сум сакал да го викнам на средба, како што би долетал кај кој било премиер да го повика“, Груевски самиот го отсликува своето владеење.

Изгледа дека најинтересното прашање од оваа епистоларија од Будимпешта е дали Груевски навистина го пишува она што се објавува на неговиот Фејсбук профил. Ако погледнеме што сѐ пишува за изјавата на Ристо Новачевски во обвинителството во 2015 година, па во изјавата во 2020, па времето што Новачевски го помина во притвор, па транскриптот од сведочењето во четвртокот, изгледа малку веројатно дека Груевски сето тоа го систематизирал, го разгледал, го напишал и го објавил за неколку часа. Како и за односите со Орце Камчев и неговата сестра. Не е невозможно, но е малку веројатно.

Во неговиот друг „запис“ објавен два дена порано, на 22 март, тој пишува за односите со Бугарија, за претседателот Стево Пендаровски, Љубомир Фрчкоски и повторно за судските процеси. Како дополнение на „записот“ тој објавува и документ-писмо испратено преку ДХЛ до Татјана Стојановска, која фиктивно, по задача, ги купила двата стана кои се веднаш до неговиот дом во зградата на „Бихаќка“, во кое ја известува дека поради нередовното „плаќање на закупнината“ тој сака или да си ги изврши обврските или да ги испразни становите. Погледајте го овој јазик во писмото до неа, напишан од Груевски (како што самиот тврди) и јазикот на „записите“ што ги објавува за судските процеси, а и за повеќе историски теми. Тие немаат никаква врска едно со друго. Писмото до Стојановска сигурно не го пишувал оној што ги пишува објавите на Фејсбук. Ниту е ист речникот, ниту е иста синтаксата, ниту е сличен стилот. Тоа е прилично, грубо да кажеме „неписмено“ со нафрлани реченици без ред и концепт. Изгледа сосема верно дека тоа се сосема два различни автори.

Можеби она што го објавува Груевски на Фејсбук а колективен труд на адвокати и соработници кои многу добро ги знаат настаните во процесите, пишуваат за нив, пренесувајќи детали од судските рочишта и од изјави кај обвинители, а после одат само на проверка кај бегалецот во Будимпешта. А вистинскиот Груевски е оној што ѝ го напишал писмото на Татјана Стојановска.

Како и да е, јасно е дека човекот од Будимпешта има многу луѓе што работат за него во Скопје. Не само на неговите случаи во судовите, туку и на неговата политичка перспектива, иднина и зачувување на добриот глас. Тоа не е необично. Клучното прашање е дали сегашново вмровско лидерство е вклучено во тој потфат.

Слики: Свирачиња

 

ОкоБоли главаВицФото