Македонскиот ориентален тутун во 20-тиот век во светот

29.03.2022 01:35
Македонскиот ориентален тутун во 20-тиот век во светот

Во 1920 година холандскиот бизнисмен Willem Carel Buschhammer и турскиот бизнисмен со македонско потекло Ќазим Емин Бег формираат фабрика за цигари наречена ТурМак – Турско-Македонска Тутунска Компанија (Turmac -Turkish Macedonian Tobacco Company). Градат фабрика за производство на цигари во холандскиот град Zevenaar во провинцијата Гелдерланд.

Холандско-турските бизнисмени носат во Холандија ретки македонски ориентални сорти на тутун од #Прилеп и #Кавала и лансираат нови брендови на пазарот кои се разликуваат од конкуренцијата со својот уникатен тутунски вкус – Сердар, Рамадан, Едип, Црвено, Браун, итн.. Отвараат претставништва во Брисел, Дизелдорф и Цирих, а склучуваат и договор за продажба со светски познатиот хотелски ланец Валдорф Асториа.

Реклами од ТурМак на транваите во Утрехт во 1920 година

Покрај ориенталниот вкус на тутунот, ТурМак се разликувал од конкуренцијата и по уникатниот дизајн на тутунските кутии и рекламни плакати. Компанијата развила уникатен ориентален Арт Деко стил, а главен дизајнер кој е потпишан на секоја кутија и постер е „А. Галиб“. За жал не можам да го идентификувам овој човек, не знам дали е со Турско – Македонско потекло или е можеби псевдоним на некој западен дизајнер.

Овој ориентален Арт Деко стил од 1920тите години станал многу популарен на западот кој гледал кон ориентот со романтика и авантуризам. И денес старите тутунски кутии од ТурМак цигарите се продаваат добро по аукциите а рекламните ТурМак постери се наоѓаат во многу музеи за индустриски дизајн низ Европа.

Компанијата ТурМак успешно работела и по Втората светска војна. ТурМак брендот Old Mac (Стариот Мак(едонец)?) се продава успешно во 1950-тите години во Европа. Во 1960-тите компанијата ја продава својата лиценца на тутунскиот гигант Ротманс (Rothmans) а потоа оваа лиценца е препродадена на американскиот тутунски гигант British American Tobacco Manufacturing Company (BAT). ТурМак фабриката престанува со работа во 2008 година, зградата во Зевенаар, Холандија е денес срушена.

За жал, во Македонија скоро и да не го користиме овој атрактивен ориентален Арт Деко стил од 1920-тите години. Штета, ориенталноста е дел од нашето културно наследство. Барем за мене лично овој стил ми е поубав од денешните модерни стилови на дизајн.

Извор: Лексикон на странски сликари во Македонија (1850-1950)

Слични содржини

Графички Дизајн / Историја
Графички Дизајн / Историја
Графички Дизајн / Историја
Графички Дизајн / Историја
Графички Дизајн / Историја

ОкоБоли главаВицФото