Што да се прави со нацијата?

30.03.2022 03:24
Што да се прави со нацијата?

Покрај цел сет разни прашања, агресијата на Русија на Украина повторно го актуелизираше прашањето за односот на современата левица кон нацијата во рамки на полемиките на левицата околу споредбата на рускиот и американскиот империјализам. Плиткото и фразерско релативизирање на руската инвазија на Украина преку теоријата во двата или трите империјализми изоставува еден важен аргумент: Путин изведе агресија на Украина претходно негирајќи го само постоењето на украинската нација, што претставува еклатантно кршење на правото на самоодредување на нациите, кое стана камен за сопнување на левицата уште од Ленин па до ден денес. Тој факт треба да биде појдовна точка на сите интерпретации и полемики на левицата околу војната во Украина, а добро е да се потсети дека во 1939 година СССР изведе агресија на Финска користејќи аргументи кои се мошне слични на оние што денес ги користи Путин за легитимација на агресијата на Украина. Зошто тоа е важно? Затоа што Мирослав Крлежа, доследно спроведувајќи ги начелата на Ленин, јавно и недвосмислено ја осуди агресијата на СССР наспроти целата Партија која тогаш слепо го следеше Сталин, а која се врати на ставовите на Крлежа дури во ерата на самоуправувањето.

Меѓутоа, овој текст не е посветен на Крлежа и КПЈ, туку на проблемите на современата левица и нацијата. Современата левица, или барем онаа во Европа, ја карактеризираат два актуелни проблеми во однос на нацијата. Првиот проблем, кој е најчесто застапен, е тоа што левицата денес најмногу бега од нацијата како ѓавол од темјан, заради идејата дека националниот идентитет е монопол на десницата (екстремната) и заради стравот дека акцентот на левицата на нацијата/националниот идентитет значи свртување кон десно. Оваа перцепција е погрешна од две причини: прво, зашто го изедначува националниот идентитет со национализмот, и второ, зашто имплицитно во суштина содржи либерален презир кон масите, кои се перцепираат како „грди, валкани и зли“, односно необразовани и заостанати.

Треба да се потсети дека еден од темелните постулати на левицата е интернационализмот, каде самиот збор укажува на нацијата и односите помеѓу нациите. Затоа, левичарството ги исклучува анационалноста и космополитизмот: да се биде граѓанин на светот значи да се биде граѓанин на ништо, зашто не постои свет како политичка заедница (polity). Космополитизмот на индивидуалецот често му служи како маска за создавање елитистичка перцепција на образован космополитски неограничен поглед на себеси, наспроти необразованиот и примитивен колектив, прикован за мала, затворена средина. Космополитизмот е земјописна ознака: космополитски може да биде, на пример, градот но во тој случај повторно се работи за мноштво граѓани кои имаат разновидни групни, колективни идентитети. Космополитска е и империјата; околу тоа каков вид угнетување на центарот над периферијата и елитите над обичниот народ во самиот центар вршат историските и сегашните империи напишано е море литература. Покрај тоа, империјалниот космополитизам претставува апсолутна негација на сè што претставуваат космополитите како позитивно во поимот на космополитизмот.

Вториот проблем кој се појавува поретко, се состои во тоа што современата левица, и кога ќе стане „национална“, повторува историски грешки. Со појавата на политиката на Народниот фронт на средината од триесеттите години левицата на класната борба ѝ ја придружи нацијата како централен концепт на својата идеологија. Наспроти фашизмот и капитализмот, левицата почна да се прикажува како заговорник на вистинските национални интереси, содржани во правата на селанско-работничките маси, за разлика од буржоаските елити и фашистите кои во име на националните интереси го експлоатираат сопствениот народ. На ова правилно јадро на односите кон нацијата комунистите, за жал, со текот на времето ја накалемија сосема погрешната идеја на левиот национален романтизам. Во суштина, таа беше присвојување на телеолошките националистички митови за вечната борба на нацијата за самостојност и за нацијата како вечна историска жртва на своите соседи, само што комунистите поимот нација го заменија со поимот народ. Оваа бајковита слика на историјата која е слична на „Господарот на прстените“ сè уште, само во малку поприменето руво, ги одржуваше живи повеќето шовинистички ставови од претходната, буржоаска епоха. Така Сириза обилно користеше историски паралели помеѓу антифашистичката борба и борбата против austerity мерките, прогласувајќи ја Европската унија за „четврти Рајх“, додека Подемос ја користеше паралелата помеѓу Шпанија на Франко и ЕУ, истакнувајќи дека зад двете хегемонии стои германскиот империјализам. Тој наратив, кој оперира со бинарните спротивности на вечната и праведна жртва и вечно истиот агресор, на крајот води до шовинистички предрасуди кон „обичните Германци“, што доби финален израз во бројните непријатности кои ги доживуваа германските туристи на почетокот од 2010-те години во Грција, од шовинистички дофрлувања до шлаканици. Барем ние од постјугословенските простори сме свесни колку таквите појави се опасни, зашто претставуваат копија на појавите со кои се соочуваа туристите од Србија во Далмација летото 1990 година.

На космополитските и разните националистички митови левицата треба да им го спротивстави веќе познатото функционирање кое на граѓаните ќе им укаже дека митовите не донесуваат социјална правда и благосостојба, напротив, тие се само маска зад која елитите ги експлоатираат луѓето и ги туркаат во самодеструктивен шовинизам. Меѓутоа, тоа не е доволно - треба истовремено да им се понуди и левото гледиште на нацијата. Левицата треба да ѝ пристапи на нацијата како на општественост, што значи да се гради национален идентитет на остварување сегашна и идна благосостојба посредувана од културни практики. Зад оваа општа дефиниција се кријат две мошне конкретни стратегии на левата изградба на нацијата: прикажување на левицата како најдобар заштитник на економските интереси на нацијата, кои се исти со интересите на нацијата, и националниот идентитет како општествен идентитет.

Првата стратегија го вбројува позиционирањето на левицата како единствен вистински унапредувач на економските и социјалните интереси на најшироките слоеви од населението. Во тоа е најголемата сила во функционирањето на левицата како национална, зашто во тој контекст десницата е најслаба (случајот на Полска е најочигледно предупредување што се случува кога левицата не настапува на тој начин). Како надградба на универзалните теми за социјална кохезија, работничка партиципација итн., левицата особено во периферните земји треба да се наметне како најсилен бранител на таканареченире стратешки индустриски гранки, оние кои се локомотива на економијата. Тоа вклучува престанување со апстрактните бесмислености дека нема разлика помеѓу домашниот и странскиот капитал, зашто разликата е пресудна. Капиталот има татковина, а таа се наоѓа таму каде што е седиштето на некоја голема компанија, зашто со активноста се раководи од седиштето, во седиштето се креираат иновации, во седиштето се слева добивката. Најдобар пример е ИНА, сведена на продажна филијала на МОЛ, додека core business-от и развојот се концентрираат во централата на МОЛ во Унгарија.

Треба да се запрашаме каков би бил потенцијалот на ИНА пред преземањето од МОЛ и ИНА во улогата на двигател на економскиот разој на земјата, кога, на пример, денес левицата би дошла на власт. Притоа, треба уште попрецизно да се одреди разликата на домашниот и странскиот капитал како разлика помеѓу компанијата-мајка и компанијата-ќерка, значи онаа која има седиште во земјата и онаа која е филијала на некоја странска компанија. Банките во Хрватска не само што работат во интерес на капиталот, туку пред сè во интерес на странскиот капитал, и во интерес на економскиот развој на својата матична земја, макар посредно. Кога имате компанија-мајка, политичката власт го контролира нејзиното седиште, каде што се наоѓа концентрацијата на активностите, технологијата и добивката, што не е случај ако е компанија-ќерка. Освен тоа, кај домашните компании сопствениците и управувачите се ограничени и од општествените фактори, како грижата за својот имиџ во општеството и слично. На исто ниво е и посредувањето на политичките пораки луѓето што повеќе да купуваат домашни производи, зашто така делумно ги чуваат работните места.

Тука треба да се истакне една во суштина непотребна и прозелитска недоумица кога се работи за односот на левицата кон економијата во земјите од центарот. Така, во Германија кај левицата се јавува недоумица во случаи кога, на пример, Опел ја сели фабриката од Германија во Романија. Германската левица тогаш се наоѓа во следната идејна недоумица: заминувањето на фабриката во Романија ги загрозува работните места во Германија, додека од друга страна, колку и да е експлоататорска, релативно придонесува за намалување на невработеноста и сиромаштијата во Романија. Недоумицата е одвишна; треба со сите средства да се залага за останување на фабриката во Германија, во спротивно левицата во Германија го губи легитимитетот. Истовремено, на другарите во Романија треба да им се помага во стекнувањето средства за изградба на романска национална економија, од залагање за големи трансфери од ЕУ фондовите до директна парична помош на германската левица за романската левица.

Заклучно, борбата за изградба на национална економија врши две функции во рамки на левицата. Прво, ја легитимира како национално чувствителна. Второ, залагањето за национална економија создава поголем потенцијал за остварување на политичките и општествените цели кога веќе ќе се освои власта, отколку секој капитал да го означиме како ист. Затоа економскиот патриотизам, да го наречеме така во недостаток на подобар израз, е еден од клучните предуслови за политичкиот успех на левицата.

Друга стратегија за односот на левицата и нацијата е формирање национален идентитет како општествен идентитет. Тој на митскиот национализам му ја спротивставува гордоста на минатите и сегашните достигнувања, кој тогаш претставува потенцијал за мобилизација кон идните достигнувања. Таа национално-општествена гордост треба да оди под рака со соочувањето со темните страни на националното минато. Дотичната комбинација создава брана за гордоста да не премине во чувство на супремација, која е мајка на национализмот и шовинизмот, додека самата гордост на нацијата може да ѝ даде самодоверба во насока на промена и прогрес. Дури и периферните нации кои не се богати со општествени достигнувања како земјите од центарот, можат да најдат извори на национална општествена гордост. Во Хрватска, со оглед на историјата во последниве триесетина години, можеме да бидеме горди, на пример, со трамвајот на Кончар. И тоа не само затоа што се работи за фабрика која вработува околу 5 000 луѓе во високотехнолошко производство, туку и затоа што трамвајот на Кончар успеа да опстане и да го оствари и првиот извоз (во Литванија), и покрај притисокот на европскиот монополист во производството на трамваи, германскиот гигант Сименс, да ја загуши секоја потенцијална конкуренција.

Дел од нацијата како општественост е и нејзината културна компонента, инаку идентитетот останува апстрактен. Иако Маркс на феноменот на нацијата му пристапувал редукционистички како надградба на епохата на буржоазијата, Ленин ја препознал комплексната структура на нацијата и ја дефинирал како историски настаната заедница на јазик, територија, економски живот и психичка конституција, изразени во заедница на културата, што денес претставува стандардна дефиниција на нацијата која ја етаблираа мејнстрим либералните студии на нациите и национализмот. Затоа категоријата национална култура самата по себе не е шовинистичка, туку е во смеса со националните и религиските митови. За денешните општества особено е важен аспектот на културата како секојдневие, која може да се опише како истоветно однесување кое е редовно, ритуализирано и формализирано кај припадниците на заедницата. Така германската организираност, точноста и уредноста станаа дел од секојдневната култура на живеењето, па со тоа и дел од националниот идентитет, како што кулинарството и културата на бистроата како практика од секојдневието станаа дел од францускиот национален идентитет. Повеќето обрасци од секојдневната култура може да ги усвои секој припадник на заедницата, без оглед на расното, етничкото, верското или родното потекло. Сите припадници на заедницата би требало да ги практикуваат заедничките културни обрасци барем во дел од секојдневните животи: мултикултурализмот сфатен како одвоеност на разни слоеви на општеството кои практикуваат сосема различни секојдневни културни обрасци во рамки на законските норми води кон потполно губење на чувството на заедништво, што повторно води кон дезинтеграција на заедницата. Бидејќи социјалната револуција и класната борба не се водат во апстрактен вакуум, туку во специфична средина и во специфичен контекст, современата левица треба да има слух за културата, како и за националните традиции кои ја поврзуваат културната со економската димензија, како огулинската кисела зелка, тркалезните маслинки, компирот од Лика, свињите мангулици, бошкарината итн. Додека кон фолклорот може да се биде сомничав зашто има митолошки, па со тоа и шовинистички потенцијал, погоре наброените традиции не смеат да се гледаат од високо и како нешто сосема споредно; на пример, погледот од високо на огулинската кисела зелка е став на елитистичкиот либерализам.

Без вклучување на нацијата и националниот идентитет во политиката на левицата тешко дека таа може да очекува добивање масовна политичка поддршка, односно раст до мнозинска партија. Особено во периферните земји, кои својата подредена положба во однос на центарот ја гледаат и како национално угнетување.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Joshua Flint

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото