Фатаморгана – меѓу датумот и ЕУ

30.03.2022 14:24
Фатаморгана – меѓу датумот и ЕУ

Жозеф Борел по посетата на Скопје замина како висок претставник за надворешна политика на ЕУ чие грло можеби се суши од празни ветувања, но едновремено и се навлажнува од волјата во Брисел што сè уште не е целосно исцицана. Волјата, а не подготвеноста и решителноста за акција, остана како водилка кон натамошното проширување на ЕУ, без оглед што по многуте блокади, вета и наметнување на нови услови, Борел и другите европски лидери, обраќајќи ѝ се на Македонија, сè уште успеваат да создадат фатаморгана од датумот за старт на преговорите за членство.

Датум што најмногу се доживува како привид и никако да се појави на македонскиот пат кон евроинтеграциите. Дури и сега, кога забрзано се зборува за обединување на Европа и нејзината одбрана, и кога од ЕУ повторно може да се слушне дека земјите во Западен Балкан се „срцето на Европа“. Но таквите убави зборови, без конкретно преземени чекори, веќе станаа здодевни. Најпосле, наместо верба во европска интеграција и иднина, на Западен Балкан се шири масовен евроскептицизам. Жозеф Борел не може да го спречи тоа.

Ако ЕУ не сака да се прошири на Балканот, други ќе го направат тоа. Русија и Турција имаат значајни интереси во регионот, и посебно Кина, на економски план. Ова како мантра постојано се повторува, веднаш кога ќе се најде потреба да се објаснат дадените ветувања на ЕУ. Но, на истиот начин се повторува и мантрата со смислено симболично значење, како што во 2019 година на западнобалканските лидери им укажа финскиот министер за надворешни прашања Пека Хаивисто, дека „Западен Балкан лежи во срцето на Европа“. Но за почетокот на преговорите за Македонија и Албанија останува да се чека, бидејќи добрата волја на Брисел веројатно не ќе може потполно да се истроши.

Во меѓувреме останува нејасно дали и Бугарија се смета како дел од тој „срцев мускул“ на Европа, со оглед дека нејзините притисоци и уцени Северна Македонија да ги признае бугарските корени на својот јазик и национална самобитност, очигледно непречено продолжуваат. Борел во Скопје рече дека ги „поттикнува двете страни да најдат заемно прифатливи решенија и да ги разрешат билатералните прашања“. Со други зборови Македонците повторно, како и многупати досега треба да најдат начин како да потклекнат, инаку нема ништо од ЕУ. Некои членки на ЕУ се обидуваат да ја убедат Бугарија да биде пофлексибилна. Но, тоа што останува премолчено е дека некои моќни фактори, како на пример францускиот претседател Макрон, е мошне задоволен со „молкот“ во Брисел. Лесно се затвораат очите пред политиката на упорното виткање на ’рбетот на Скопје, што официјална Софија, за иронијата да биде уште поголема, си го припишува како голема грижа за европските вредности и поддршка на проширувањето на ЕУ.

Македонската скепса кон ЕУ продолжува да се продлабочува, и тоа не само поради разочарувачките изјави на Борел, бидејќи и повеќе други ЕУ-членки не сакаат да дадат гаранции и ветувања за датуми или години кога би можело да се очекува прием на нови членки. На земјите во Западен Балкан постојано им се укажува дека имаат уште долг пат да изодат, кога станува збор за спроведување суштински реформи во областа на правосудството и владеењето на правото, администрацијата, слободата на медиумите и другите стандарди неопходни за квалификации во ЕУ-лигата. Како што неретко изјавуваат европски дипломати: „Сакаме да се зачленат, но не сакаме да го спуштиме нашиот стандард“.

Но, во суштина, не е иста работа да се биде критичен кон ЕУ онака како што таа функционира денес, во еден одреден миг и во однос на ограничено политичко подрачје, и во исто време да се биде критичен против самата идеја за една интегрирана Европа, една обврзувачка соработка меѓу демократските држави на европскиот континент. Како што неретко се укажува, разликите меѓу земјите членки – какви што се јазиците, економските капацитети, развиеноста на пазарите на труд, квалитетот на владините политики, политичката историја и најпосле културата, како можеби најважен сегмент, биле сукцесивно тривијализирани во стремежот кон европска интеграција.

Но, кон сонот за заеднички европски дом веќе со децении е насочен и погледот на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и на Македонија, која борејќи се со внатрешните грчеви за заштита на сопствениот историски и модерен идентитет, ретко е присутна дури и на маргините на отпорот што се обидува да се дефинира како заеднички скептицизам кон развојот што води кон создавање на една европска „супер држава“.

Прашање е затоа каков вид евроскептицизам се зголемува во Македонија поради долгото чекање пред вратите на ЕУ? А, и ако веќе се смета дека тоа е контраефект поради споровозноста на евроинтеграциите, тогаш останува нејасно дали евентуалното продлабочување на евроскептицизмот се случува поради тоа што македонските граѓани за иднината на својата земја гледаат и некаква – друга алтернатива.

Нема „брза лента“ за Украина на патот кон ЕУ, во секој случај додека е изложена на руската инвазија. Тоа беше заклучено на последниот самит на лидерите на ЕУ во францускиот Версај, каде што повторно, како што по самитот изјави шведската премиерка Магдалена Андерсон, „имавме добра дискусија“ за ЕУ-проширувањето. Истото речено, како и многупати претходно во изминатите години, кога приемот на нови ЕУ-членки добиваше третман на важно прашање во елитниот европски „клуб за дискусија“. Во Брисел. Мамка и илузија. Во тоа се претвори „брзата лента“ за влез во ЕУ на која грубо се испречија не само бугарските, туку и низа други егоистични и недоволно јасни европски интереси.

Концептуални фотографии: Malin Bülow

Извор: https://www.slobodenpecat.mk/

ОкоБоли главаВицФото