Енергетскиот и финансискиот систем се поврзани и не можат еден без друг

30.03.2022 16:35
Енергетскиот и финансискиот систем се поврзани и не можат еден без друг


Рецесија значи: повисока цена на нафтата и пад на потрошувачката. Тој механизам не е само корелација, туку и причинско-последичен однос: една историска студија покажува дека 10 од 11 рецесии во 20 век уследиле по големо покачување на цената на нафтата. Со други зборови, енергетската криза ѝ претходи на сериозната економска криза. Тоа беше случај и со нафтениот шок од седумдесеттите, како и со кризата од 2008.



(...) Системот на задолжување има незаситна потреба за раст, значи за енергија. Но и обратното е точно: нашиот енергетски систем се дрогира со долгови Значи, лентата на дистрибуција се движи во две насоки: падот на производство на нафта ја бутка економијата во рецесија, и обратно, економската рецесија го забрзува падот на производство на енергија. Попрецизно, светскиот економски систем денес е растргнат меѓу растечката и опаѓачката цена на нафтата. Но тие две крајности само се две страни од иста паричка.



Кога цената на нафтата е превисока, потрошувачите ги намалуваат издатоците, што ја зголемува рецесијата (и затоа ја руши цената на сировата нафта). Од друга страна, високата цена на нафтата е добра вест за нафтните компании; благодарение на развојот на нови технологии за експлоатација, тие можат да инвестираат во истражувања, што најпосле и овозможува одржување на производството или развивање на алтернативни видови енергија.



(...) Без функционална економија веќе нема лесно достапна енергија. А без достапна енергија, ја нема економијата што ја познаваме: брз транспорт, долги и флуидни ланци на снабдување, индустриско земјоделско производство, греење, прочистување на отпадни води, интернет итн. Историјата ни покажува дека општествата лесно се дестабилизираат кога стомакот почнува да завива. Во текот на економската криза од 2008, спектакуларниот раст на цената на храната предизвика немири поврзани со глад во околу 35 земји.



Во својата најнова книга Џереми Легет, бивш нафтен геолог и советник за енергетика во британската влада, идентификуваше пет системски светски опасности директно поврзани со енергијата и кои се закана за светската економија: недостигот на нафта, емисијата на јаглерод, финансиската вредност на резервите на фосилната енергија, гасот од шкрилци и финансискиот сектор. „Шокот во само еден од тие сектори може да придвижи цунами од општествени и економски проблеми, а извесно е дека не постои никаков економски закон кој тврди дека шокови не можат да се случуваат во повеќе сектори едновремено.“ Веројатно ги доживуваме последните умирачки грчеви на моторот на нашата индустриска цивилизација.



Фотографии: Chris Jordan - Intolerable Beauty: Portraits of American Mass Consumption

Превод и подготовка: П. В.

Извор за текстот: Pablo Servigne, Raphaël Stevens - Comment tout peut s’effondrer: petit manuel de collapsologie à l’usage des générations présentes (прво издание 2015)

Слични содржини

Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Живот / Теорија
Општество / Европа / Свет
Општество / Свет / Став / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото