Измислување „измислени народи“

31.03.2022 01:18
Измислување „измислени народи“

Во западните медиуми циркулираат разни гласини за здравствената и менталната состојба во која претседателот на Руската федерација Владимир Путин донесува одлуки кои се однесуваат на војната и мирот, животот и смртта на милиони луѓе. Медицинските дијагнози се поставуваат во распон од можни ментални нарушувања и деменција до наводни симптоми на карцином и зачеток на Паркинсонова болест. Покрај овие физиолошки пореметувања зачестено се наведува и уште една патолошка состојба, имено опседнатоста на Путин со историската географија и некритичките наративи за руската историска големина, славата и неправдата која му се нанесува на рускиот народ. Во едно интервју од 2019 година Путин се занимаваше со оправданите и неоправданите етногенези на народите, исконските и конструираните идентитети во распон од 12 век до денес. На оваа езотерија наводно бил особено изложен во потесниот круг на соработниците за време на долготрајниот карантин во кој доброволно се повлече за време на актуелната пандемија. Па така една патологија ја хранела оваа другата, а европскиот континент од колективна невроза предизвикана од пандемијата упадна во состојба на општа анксиозност која ја предизвика руската воена агресија на Украина.

Сето ова во услови на реактивирана конфронтација од времето на студената војна би можело да помине како пропагандно клеветење на историската наука и неосновано нагаѓање на западните тинк тенкови, експерти и медиуми, дека на официјалната интернет страница на рускиот претседател не се наоѓаат последните говори на Путин во кои сè изобилува со веќе споменатиот мистицизам и окултното занимавање со историјата. Во квази-професионален капацитет на историчар, претседателот на Руската федерација се повикува на архивски документи и „историски факти“ со намера да го докаже вештачкиот карактер на украинската нација наспроти примордијалниот карактер на рускиот народ, како и ефемерноста на украинската државност во однос на неприкосновениот интегритет на царско-руската и посеопфатниот концепт на советската државност. Ова особено се однесува на едночасовното обраќање до јавноста на Путин три дена пред отпочнувањето на „специјалната воена операција“ на 21 март оваа година. Првата половина од ова обраќање, значи 30 минути монотона приказна во континуитет, беше речиси целосно посветена на историјата на рускиот етнички и советскиот државен проект од 17 век до денес. Втората половина од говорот беше концентрирана на настаните од поблиското минато на украинско-руските односи со бројни екскурси во подалечното минато.

Францускиот претседател Макрон наведе дека и него го запрепастило кога во еден претходен разговор со Путин исто така морал да слуша получасовно предавање на темата за етногенезата на Украинците, историјата на Руското царство, СССР итн. Интересот на Путин за историјата се совпаѓа со значајниот публицистички замав на Руското историско друштво чиј претседател е Сергеј Наришкин, директор на Надворешната разузнавачка служба на Руската федерација и еден од неговите најблиски соработници уште од деновите во КГБ. Претседателот на Историското друштво, кој воедно е и еден од главните оперативци за државна безбедност, Наришкин, можеби на најдобар начин ја персонифицира оваа (не)природна спрега, односно инструментализацијата на историската наука од страна на актуелниот државен апарат во Русија. Деталите на оваа спрега неодоливо потсетуваат на меѓуодносот на содржината на официјалната историографија и нејзината злоупотреба за целите на надворешно-политичките и (претходно) воените аспирации на Србија. Имено, негирањето на државноста и идентитетот на Бошњаците, Црногорците, Македонците, дури и Хрватите-штокавци е една од постојаните преокупации на многу српски историчари децении наназад.

Во Србија сè уште е во официјална употреба учебникот по историја во кој предците на денешните Бошњаци се сметаат за национални отпадници, потурчени луѓе и конвертити, со слични навредливи коментари на сметка на другите соседни народи. Негацијата на идентитетот на споменатите етнички групи е една од постојано присутните теми за разговор на истакнати српски историчари во (о)култната емисија Кирилица. Неодамна, во оваа емисија еден угледен историчар, универзитетски професор, најпрвин помирливо рече дека прифаќа дека прашањето на идентитетот е работа на личен избор, но веднаш потоа додаде дека на тој начин некој може да избере и да биде мајмун. Националната еманципација на југословенските народи во времето на епохата на социјализмот, значи на почетокот од 21 век, од аспект на струката и науката може да се зема и како пример за регресивна еволуција на човеколиките примати. Друг колега историчар во времето на немирите во Црна Гора се закануваше дека 7 милиони Срби ќе знаат како да се пресметаат со 100 000 предавници на Цетиње. Во учебниците по историја наоѓаме и етницизација на истакнати примери на херојство од Втората светска војна, па на пример српскиот партизан, родум Далматинец и Хрват се србизира така што од Стјепан Филиповиќ се создава Стеван или Стево Филиповиќ. Случајот со Стјепан Филиповиќ можеше да послужи како среќна врска за национално помирување кога учебниците во Србија би имале за цел да придонесат за регионално помирување и создавање функционално општество и одговорни поединци, а не обратно.

Никогаш докрај не ја прифаќав оценката на Бора Кривокапиќ за Србија како „демонска реплика на Русија“, меѓутоа во последно време ми се чини дека во конктекст на инструментализација на историската наука помеѓу нашата и руската историографија и нивниот однос со претставниците на политичките елити се воспоставува токму таква релација. Најпрвин тоа се гледа во преземањето на квази-професионалниот капацитет на историчарите кои зборуваат во име на државата и народот и државниците кои зборуваат во име на историската струка и историските факти. Во доменот на негирањето на етничките и националните идентитети на соседните народи тие се вработени на еден проект кој веројатно никогаш никому не пошол од рака. Ќе потсетам дека и некои Германци во 1848 година за Чесите зборувале дека се „измислен народ“. А по повод влијанието кое сугестивните дрдрорења за колективна правда, вина, предавство и слава го имаат врз публиката морам да потсетам дека гимназискиот професор по историја во Линц, Леополд Печ, инаку посведочен расист, антисемит и шовинист бил единствениот наставник чии предавања со воодушевување ги следел Адолф Хитлер и кому идниот диктатор подоцна бескрајно му се заблагодарувал на страниците на Мојата борба.

„Злоупотребата на авторитетот на науката“ (Оливера Милосављевиќ) кај нас беше и е модус операнди на официјалната историографија. Притоа, во Србија последниве три децении главно не постоеше командна одговорност или идеолошко влијание на власта врз историчарите. Историчарите сами го бираа патот: повеќето ги избраа етно-национализмот и некритичките и етно-центрични наративи на конфликтот, додека мал број се определија за критички однос кон сопственото минато и за историски наративи кои придонесуваат за интеграција на малцинствата, изградба на функционално општество и добри регионални односи. Значи, изборот на професионалната ориентација на историчарите во Србија беше слободен и затоа нивната лична одговорост е поголема од онаа на нивните колеги во Русија. Додека кај нас постои своевидна синергија на неодговорната историографија и популистичките елити на власт, во Русија тој однос повеќе е во форма на препотчинување.

Актуелната војна во Украина уште еднаш нè предупредува да размислуваме за карактерот и употребната вредност на историјата како хуманистичка дисциплина за да не ја наоѓаме секогаш одново меѓу причинителите или виновниците од пошироката општествена патологија. Прелиминарните резултати од проектот кој го спроведува Центарот за историски студии и дијалог укажуваат дека таканаречените обични, мали луѓе, припадници на албанската и српската заедница во моменти на конфликт и нарушени меѓунационални односи често покажуваа поголема мера на граѓанска храброст и општествена одговорност од нивните политички и интелектуални елити. И покрај долгогодишното негативно влијание на медиумите, историографијата и политиката, луѓето во своите средини пронаоѓаа форма на соживот, солидарност и помош. Не сакам да пропагирам некаков анархизам, но барем во доменот на институционализираната историографија каква што се негува во Република Србија, се чини дека спонтаните форми на колективно сеќавање беа помалку деструктивни од овие кои ги наметнуваат интелектуалните и политичките елити.

Авторот е вработен во Институтот за понова историја на Србија.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Lynnea Holland-Weiss

Извор: https://pescanik.net/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото