Куфер

31.03.2022 12:41
Куфер

Малиот куфер, уредно наполнет со лични и исклучиво неопходни предмети, беше спуштен покрај нејзините тенки глуждови. Врз неговата темноцрвена, излитена површина на средината имаше две бескорисни копчиња и патент што од неговото „лице“ формираше замислен израз. Таа со нетрпение и нескриена возбуда гледаше низ прозорецот чекајќи го својот превоз. Превозот доцнеше.

Кога по некое време оддалеку ја препозна предницата на автомобилот како се приближува кон портата, во раката го позеде куферот и без да се сврти за последен пат да ја погледне собата што тонеше во безличен мир, излезе кротко, нетрпеливо затворајќи ја вратата зад себе.

Размени неколку зборови со сестра си. На прашањата одговараше кратко, а самата прашуваше малку. Намерно и дискретно го избегнуваше нејзиниот поглед и најмногу што можеше да ѝ даде беа неколкуте кисели, шупливи насмевки што не проаѓаа, но беа дочекани со молк и олеснување. Една поразителна учтивост, како гнасен облак висеше над нивните глави и ја загадуваше почвата во која постоеја и најмалите изгледи нешто добро да изникне, истурајќи го сиот отров од себе во неа.

Во тишина, времето се развлекува.

Во тишина, времето се тегне како мастика на врел асфалт, згазена од тежок, невнимателен чекор.

Откако поминаа неколку километри, одлучија дека добро би им дошол одмор и мало протегање на нозете, за циркулација. Се паркираа покрај еден длабок, живописен гребен, обраснат со густа вегетација и мал милион тајни во скриените корени.

Нејзините очи беа крвави. Сестра ѝ стоеше неколку чекори зад неа и тажно ѝ гледаше во грбот. Потсвиткан. Посака да ја спушти раката врз нејзината плешка ама се предомисли и ја врати во топлиот џеб.

Нејзините усни беа суви и испукани, а месото однатре искасано и разрането.

Небото имаше боја на непце. Темнината ги бришеше контурите на дивината. Малку залади и сестра ѝ предложи да се вратат во автомобилот и да го продолжат својот пат. Но таа мораше претходно да направи нешто.

Појде и го зеде куферот. Уредно наполнет со неопходни предмети. Лични. Се засили, замавна и го фрли во длабочината. Во истиот момент длабочината го проголта и го покри со свечен мрак. Под лисјата, до каде сонце не допира. До каде ниту поглед не допира. Само мислите, како молци, ја нагризуваат по рабовите и создаваат непријатно крцкање.

Потоа се сврте кон сестра си и се согласи со предлогот да го продолжат својот пат. Влезе во автомобилот, главата ја навали на седиштето и ги затвори очите. Сестра ѝ не се осмели да постави прашање. Што имаше во куферот?

Долг пат ги чекаше до дома.

Слики: Gérard DuBois

Извор за текстот: Симона Јованоска, Ги најдов во длабокото (раскази; Или-Или, 2015)