1010 hPa
45 %
27 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 12:59
Научниците ширум светот вложуваат огромни напори за да го унапредат лекувањето на една од болестите која годишно зема илјадници животи.
Во некои од претходните експерименти научниците покажаа дека кучињата се во состојба да откријат рак на дојка и бели дробови врз основа на дишењето на пациентот, а сега се покажа дека оваа способност ја немаат само нашите четвороножни пријатели, туку и кафеавите шумски мравки (Formica fusca).
По само неколку минути обука (мравките биле третирани со систем на наградување да реагираат на одреден мирис), овие грижливи инсекти биле во состојба да ги разликуваат здравите човечки клетки од клетките на ракот во петриев сад. Научниците веруваат дека здравите и канцерогените клетки лачат разни соединенија кои мравките можат да ги намирисаат.
„Покажавме дека на некои мравки им се потребни само неколку тренинзи за да научат, да запамтат и со сигурност да го откријат мирисот на човечките клетки со рак“, тврдат авторите од францускиот Национален центар за научни истражувања.
Авторите на студијата ќе продолжат да ги истражуваат начините за брзо, ефикасно и рано откривање на ракот без скапи или инвазивни методи.
„Нашите резултати покажуваат дека користењето на мравките како живо оружје за откривање на биомаркерите на ракот кај луѓето е изводливо, брзо и бара помалку отколку користењето други животни“, пишуваат научниците.
Истражувачите тврдат дека мравките имаат потенцијал да намирисаат и други супстанци, како што се дроги, експлозиви или други болести.
Нивниот труд е објавен минатиот месец на веб страницата iScience.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://nationalgeographic.rs/