Да ни е жива и здрава Оливера Николова!

01.04.2022 01:17
Да ни е жива и здрава Оливера Николова!

„Сакам да верувам дека постои шанса да го засакате тоа што сум го создала и во моите искуства да пронајдете одговори и за себе”, рече Оливера Николова вечерва во своето благодарно слово на промоцијата на нејзините собрани дела во 10 тома.

Нејзините зборови ме трогнаа, но и малку ме засрамија. Зарем е можно досега како македонска културна јавност да не сме ѝ покажале доволно јасно колку го сакаме нејзиното дело, колку учиме од нејзините искуства? Од нејзината личност, од нејзината скромност во писателствувањето, од нејзината длабока предаденост на пишувањето, од нејзината стаменост со која ги избегнала сите искушенија на славата и помпата.

Ако не сме ѝ покажале, тогаш тоа е зашто во овие три децении како да заборавивме што е суштината на културата и на образованието. Тие нешта, за кои секогаш беа свесни генерациите пред нас. Како Оливера Николова, која ги поставуваше темелите за образованието на нашите деца. Како Цане Андреевски, кој пет години ги запишуваше разговорите со Блаже Конески, со што стана македонскиот Екерман. Тој во предговорот пишува дека урнекот му биле разговорите на Екерман со Гете, ама ние, идните македонски генерации, брзо го заборавивме значењето на таа паралела.

Не се восхитувавме повеќе на мудроста на ваквите тивки втемелувачи на македонската книжевност, зашто ние повеќе не се меревме со најдобрите во другите култури, како што правеа тие. Туку се меревме само едни со други, во затвореноста на својот свет. Затоа и во културата сè повеќе се ширеше духот на осредноста, на евтиниот патриотски жаргон. А вистинските патриоти се тивките и скромни творци со грамадно книжевно дело - како Оливера Николова.

Сакам уште еднаш да ѝ кажам дека од мојот восхит за неа и за нејзиното творештво, сознав дека без голема љубов не може да се создаде ништо големо. Од неа и од нејзиниот однос кон творештвото учам и наоѓам одговори на многу прашања. Колку би сакала и јас да водам со неа пет години разговори за пишувањето и за литературата, како нејзиниот Цане Андреевски со Блаже Конески! Зашто пред неа се чувствувам како чираче што стои пред големата мајсторка на зборот.

Да ни е жива и здрава! А ние да се научиме да ѝ ја покажуваме почесто нашата љубов за нејзините дела и за неа, без да ја повредиме аурата на нејзината скромност и затвореност во својата писателска стишаност. А и од тие нешта може многу да научиме!

Фотографиите на Оливера Николова ги направи Маја Аргакиева.

ОкоБоли главаВицФото