Позадинскиот звук на вселенските оргули

04.04.2022 14:42
Позадинскиот звук на вселенските оргули

 

Пред само околу педесетина години, во време кога го завршував општото образование и детството, сите веруваа во тогаш важечката заблуда дека човековиот мозок за да го оправда името „сапиенс“, практично ја користи само сивата кора или не повеќе од десет отсто од својот волумен. За неговата градба под набрчканата површина се сметаше популарно, во кафеанските муабети заситени со експертизи од областа на фудбалот, светската политика и по потреба од неврологијата, дека се работи за длабоки еволутивни слоеви изградени во редок протеин и масло, што како неупотреблив багаж сме ги наследиле од нашите предци рептили што ја населувале земјата уште пред јукатанската експлозија пред 65 милиони години.

Во меѓувреме, со невтасливлиот напредок на невронауката, испадна дека приказната за мозокот не само што не го содржи „рептилскиот мозок“ во својот корен, туку по својата сложеност, повеќеслојност и несфатливи можности, практично како да ја надминува моќта и на имагинацијата, но и на математиката што би требало да ја опише. Имено, денес со апсолутна сигурност се знае дека човечкиот мозок работи со сиот свој волумен и когнитивен и генеративен капацитет и дека целиот се побудува со секоја наша мисла, со секој прочитан збор и со секоја слика или асоцијација што ни минува низ главата во секоја милисекунда од нашето време.

Секое значење што ќе го препознаеме во прочитаните букви од некој текст и секоја имагинација што ќе го сликува значењето, активно се создадени со ангажманот на двете половини од мозокот, во четирите режни во секоја од половините – челниот, слепоочниот, темениот и тилниот, и во сите пет слоеви на мозокот – од површинскиот телецефалонски слој до најдлабоките метенцефалонски и миеленцефалонски слоеви. Иако езотеричниве имиња на мозочните слоеви звучат автентично рептилски, испадна дека приказната за мозокот е најсложената и најубавата симфонија што вселената ја компонирала во последниве неколку милијарди години.

 

Безмерноста на мозокот

Кога сакаме да ја опишеме размерата на некоја појава, секогаш се повикуваме на бројките, на уште едно чудо креирано во човечкиот мозок од страна на вселенскиот магионичар. А, бројките што би требало да ја сликуваат магнитудата на мисловниот, асоцијативниот и чувствениот капацитет на мозокот, на контроверзен начин се покажуваат како неупотреблива алатка, и тоа од едноставна причина што никој не е во состојба да го пресмета, напише и замисли тој број.

Имено, мозокот е составен од околу 100 милијарди невронски клетки, од кои секоја поединечно има по 10 илјади израстоци со кои со синаптички врски се поврзува практично со сите други. Невронаучникот Дејвид Игелмен неодамна ја опиша сопствената фрапираност од прецизните наоди дека „клетките на мозокот се поврзани во мрежа толку неверојатно сложена што не може да се опише со човечки јазик и бара сосем нови продори во математиката… во еден единствен кубен сантиметар од мозочното ткиво има толку врски колку што има ѕвезди во нашата галаксија“.

Е, сега, ако земеме предвид дека тој кубен сантиметар со 100 милијарди меѓусебни врски се поврзува на практично безброј начини со секој следен од просечните 1.300 кубика, колку што зафаќа целиот мозок, и дека зголемувањето на можните комбинации на меѓусебните невронски врски со секој кубен сантиметар се случува според експоненцијална функција каде што експонентот е за мене сосем непознат повеќецифрен број, тогаш… Тогаш, почитувани читатели, теоретскиот генерички капацитет на еден обичен, просечен човечки мозок би можел да се опише со број на невронски синаптички врски што зад единицата (за да биде елегантен и едноставен) би имал стотици ако не и илјадници нули. Тој број со сигурност го надминува не само бројот на атоми што ја чинат нашата галаксија, туку и сите основни честички на материјата од кои е составена познатата вселена.

Се разбира дека не е можно да се замисли ништо што е опишано со број што е до несфатливост голем, но една едноставна метафора безмалку на поетски начин ја опишува таа величина: практично сè што постои во вселената како да е содржано во еден единствен човечки мозок. Самата помисла за непоимливата сложеност и бескрајна безмерност на човечкиот мозок, како да ја генерира во свеста величествената слика на темниот простор на вселената, исполнет со ѕвезди и ѕвездена прашина, и втопен во раскошниот позадински звук од божествените оргули што допира од недогледниот олтар на космичката катедрала…

Во човековата стварност, меѓутоа, на самата површина од оваа невронско-вселенска безмерност и космичка интелигенција, или поточно, сосем вон опишаната внатремозочна миракула, се случува практично најголемиот парадокс на глупоста во вселената. За што станува збор, ќе прашате. Сега ќе објаснам, почитувани читатели, следете ме внимателно. Бидејќи најсложената и најорганизираната појава во природата – човечкиот мозок – која, рековме, е толку голема што практично ја содржи целата вселена, својата безмерна интелигенција ја должи токму на својата сопствена градба, односно на огромниот број меѓусебно вмрежени невронски клетки што имаат вселенски капацитет за воспоставување на бескрајно многу меѓусебни врски, тоа значи дека поединечниот мозок е попаметен од колку и да е голема група луѓе.

Космички кретенизам

Овој парадокс се должи на едноставниот факт што луѓето – кутрите – имаат хроничен и несовладлив проблем воопшто меѓу себе и да се разберат, а камоли да се вмрежат на начин што на кое било дереџе би било споредливо со невронската меѓуповрзаност. Парадоксот практично се докажува самиот со зголемувањето на човечките социјални организации, за да се претвори во законитост: државите – тие најголеми човечки социјални творби – се немерливо поглупави од секој нивен граѓанин, а најголемите држави – империите – се на интелектуалното ниво на имбецил.

Треба ли со пример да го докажувам глобалниот парадокс на глупоста на човештвото? В ред, доволна е една единствена реченица. Во пресудниот миг на затоплувањето на планетата, што ќе нè воведе во низа неповратни процеси на климатски промени и катаклизми што ќе ја уништат иднината веќе на следната генерација луѓе, значи, во последниот миг кога заедницата на држави – практично целото човештво – требаше да се обедини околу спасоносното инвестирање во енергетската, економската и во политичката промена практично на целиот свет, што би можела да го сопре иреверзибилното затоплување на Земјината атмосфера, државите на светот се обединија околу решението да почнат безумна трка во вооружување и развој на средства за убивање и уништување, а во позадина на оваа вселенска малоумност веќе отпочна и беспоштедната трка во инвестирањето и користењето на што е повеќе можно нови извори и количества фосилни горива што енергетски ќе ја поддржи трката во остварувањето на планетарната империјална премоќ.

Постои ли во познатата историја пример за поголем космички кретенизам од денешниот геополитички миг, и тоа изведен со колективен напор на практично целото човештво, од кое секој поединец, замислете, буквално секој човек да ти ја носи во черепот најсложената и најинтелигентната појава во вселената? Секако дека не постои. Quod erat demonstrandum.


Слики: MILLO (Francesco Camillo Giorgino)
Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

Технологија / Живот / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Европа / Свет / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија
Општество / Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото