Мириси

05.04.2022 11:54
Мириси


Таа имаше љубовник. Целиот живот ѝ се вртеше околу него. Тежината на последиците од откривање на аферата ѝ дотураше предизвик што беше единственото нешто што ја одржува во живот. Еднаш договори средба во хотелска соба. На заминување во збунетост и брзање заборави да ги облече гаќите и несвесно ги пикна в чанта.
Кога влезе дома, тој ја чекаше со насмевка и прегратки. Вешто му се измолкна и се упати кон бањата да се избања. Тој не можеше да не ја забележи чудната атмосфера што ја предизвикува нервозата во нејзиниот глас. Ја познаваше. Кога остана сам, се осмели да погледне во чантата и таму ги виде нејзините гаќи. Ги препозна, но сакаше да се увери. Ги зеде в раце и ги помириса. Да, сигурен беше, тоа беше нејзина долна облека, а таа под фустанот не носеше ништо. Се пресече, но не рече ништо.

По некое време нејзината врска со љубовникот се растури. Гаснењето на страста што ги одржува, беше проследено со тивка разделба и поаѓање на спротивни страни.
Еден ден реши да приготви вечера и да го чека мажот да се врати од работа. Се дотера, стави шминка, се намириса.
Појде до полицата да одбере музика за пригодата. Во неговата фиока имаше еден куп цедеа. Кога ја отвори, внатре длабоко во темното и правливо дно, пронајде женски гаќи.

Се пресече. Не ги препозна како свои. Ги зеде в раце и ги помириса. Да, беше сигурна, тоа не беше нејзина долна облека.
Во тој момент го виде него како насмеан влегува дома.

Слики: Gérard DuBois
Извор за текстот: Симона Јованоска, Ги најдов во длабокото (раскази; Или-Или, 2015)