Љубица Андреевска - колорист со целото срце

05.04.2022 12:00
Љубица Андреевска - колорист со целото срце

 

Љубица Андреевска – Љупка е родена во Кавадарци, 1934 г. каде што ги поминува своето детство и раната младост. Таму го завршува основното образование, а средно училиште за забен техничар завршува во Скопје. Во струката има работено краток период, а потоа работела како библиотекар. Нејзините творечки интереси почнуват 1970 г. кога решава да ја напушти работата за целосно да се посвети на сликарството. Поттици добива од нејзиниот сопруг Томе Андреевски познат македонски скулптор (роден во Скопје 1935 г. каде што починал 2005 г.) кој дипломирал 1958 г. на Академијата за применета уметност во Белград во класата на Радета Станковиќ и магистрирал во класата на Небојша Митриќ. Интересно е што целото нејзино семејство се уметници бидејќи и ќерката Нарциса Андреевска, родена 1963 г. е сликарка која дипломирала 1986 г. на ФЛУ во Скопје во класата на Димитар Кондовски, но, исто така и внуката Јана.

„Довикување“

Најраните спомени на Љупка се поврзани со фурнаџиското занимање на нејзиниот татко, обогатувајќи го својот дух со мноштво доживувања од пекарската работиница во кој, освен опојниот мирис на топлиот леб, се ширел мирисот на разните лицидерски срциња и разнобојни колачиња. Нанижани на конец како ѓердани, најчесто се подготвувале за повеќето панаѓури низ околните села и градови каде што редовно одела и самата. Таму изворно го запознала животот и менталитетот на обичниот човек, традицијата, обичаите, фолклорниот амбиент со шарени черги и килими, дел од елементите на народната носија, изворните инструменти, музиката, орото... Препуштајќи се на тој импулс силните врежан во своето креативно битие, неизбришливо акумулираните впечатоци од едноставниот но радосен и весел, безбрижен живот ги пренесува низ делата како „празнични радости на денот“.

„Жена со цвеќе“

Доминантен двигател се токму тие наталожени емоции изразувајќи се како изразит „колорист со целото срце“(Ковиљка Смиљковиќ) во спонтана енергична раздвиженостн, незапирливо темпераментно изразување и вродено чувство за хармонија. Незграпните фигуративни претстави понекогаш налик на некакви креатури поставени во замислен простор бестежински лебдеат во чудесен амбиентален простор, а нив ги обработува со автентичнен изразувачки виталистички нерв „без опипливи аналогии меѓу наивците. Таа поседува автентичност и индивидуалност со специфичен сензибилност, еруптивно изразување со изразита колористичка ориентираност но не во онаа најсочна, интензивна и врескава звучност туку здржана, стивната и патинирана варијација. Во нејзиното творештво виденото и доживеаното имаат акумулативна и поттикнувачка улога кон создавачкиот процес, но интуитивното и имагинативното имаат пресудно влијание во текот на креативниот процес. Нејзиното творештво одамна стана и меѓународно познато и препознатливо преку повеќе самостојни изложби и групни интернационални претставувања за што добива признание на VII Биенале во Јагодина.

„Жетвар“

„Кавалџија“

„Молитва“

„Накитена невеста“

„Овчар“

„Невеста“

„Очи“

„Песна на зората“

„Селанец“

 

ОкоБоли главаВицФото