1025 hPa
63 %
17 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 10:22
Животната средина се соочува со сè поголем притисок и заради тоа минатата година тим стручњаци од областа на криминалистичко и еколошко право од целиот свет правно го дефинираа „екоцидот“ за да се создаде темел за напорите да се криминализира масовната штета и уништувањето на животната средина.
Екоцид во буквален превод значи „убивање на животната средина“, а идејата да се направи правна платформа за негово поставување вон законите го иницираше организацијата Stop Ecocide. Во основа замислата е едноставна - никој не треба да остане неказнет заради уништувањето на природниот свет. Барем во правна смисла ова е разумен но и радикален концепт.
Екоцидот како злосторство во надлежност на Меѓународниот кривичен суд
Иницијаторите на кампањата сметаат дека злосторството би требало да биде во надлежност на Меѓународниот кривичен суд (ИЦЦ). Доколку се случи тоа, екоцидот би им се придружил на геноцидот, злосторствата против човештвото, воените злосторства и злосторствата со агресија на листата најтешки злосторства во светот - кои претходно беа одредени со Римскиот статут.
Иако во некои држави постојат закони кои регулираат специфични случаи на загадување, во поголем дел од светот од светот не постои правна рамка која би се занимавала со масовната штета и уништувањето на животната средина, така што штетните активности на големите корпорации одат по патот на најмал отпор, и речиси по правило функционираат најштетно таму каде што постои најмала заштита.
На прв поглед, екоцидот не е впечатлив и застрашувачки како другите најтешки злосторства дефинирани со Римскиот статут, но во најголеми размери тој има потенцијал за уништување кое може да ги погоди животите на стотици милиони луѓе.
И научните сознанија само го зајакнуваат аргументот, но и одат во прилог на ургентноста на целата ситуација. Истражувањата на научниците од релевантните области покажуваат дека загадувањето придонесува за загревање на планетата и индиректно влијае на топењето на поларниот мраз, зачестени суши и шумски пожари на копно, засилени урагани и зголемување на нивоата на морињата. Стручњаците тврдат дека ќе биде полошо, а дека „размерите на заканата за биосферата и сите нејзини животни облици - вклучувајќи го човештвото - всушност се толку големи што е тешко да ги сфатат дури и добро информираните стручњаци“.
Во ваква ситуација, во која имаме појава на сè поголемо уништување на животната средина и нови научни согледувања кои укажуваат какви се нејзините дофати, правниците имаат морална и професионална обврска да ги испитаат правните основи за криминализација.
Идејата потекнува уште од седумдесеттите години на 20 век и војната во Виетнам
Иако правната рамка би значела прв конкретен чекор, признавањето на екоцидот самото по себе не претставува нова идеја. Во седумдесеттите, концептот првпат го употреби шведскиот премиер Улоф Палме во осуда на војската на САД, кои ја уништија шумата во Виетнам и го нарушија здравјето на илјадници жители со употребата на отровната супстанца Agent Orange.
Во модерната историја на секој континент луѓето оставија белег во вид на масовно уништување на животната средина кое имаше ефект и врз населението, локално или глобално. Од сечењето шуми во Бразил, преку експлоатација на нафтата и употребата на хидрауличното фракување на подрачјето на Северна Америка, прекумерното рибарство во западна Африка до уништувањето цели системи во војните во Ирак и Авганистан.
Изминативе децении се појавија дебати меѓу правниците околу криминализацијата на најтешките еколошки злосторства на меѓународно ниво. Меѓутоа, поголем дел од тој период главно се одликуваше со инерција и недоволна заинтересираност на стручњаците и јавноста околу прашањата за животната средина. Темата повторно оживува дури во 2010 година кога шкотската адвокаткна Поли Хигинс започна кампања екоцидот да биде признаен како „злосторство против мирот“.
Модерни напори за признавање на екоцидот како злосторство
Помина речиси уште една декада додека некој не го адресираше ова прашање на државно ниво. Тоа беше Ваунату, мала островска земја во јужниот Пацифик која сериозно е загрозена со зголемувањето на нивото на морето. Нејзиниот амбасадор во декември 2019 година пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг побара уништувањето на животната средина да се прогласи за злосторство.
Стручњаците, обединети околу иницијативата Stop Ecocide, велат дека нивниот нацрт, за чија подготовка биле потребни шест месеци, е само прв чекор, а работата која претстои би можела да потрае со години. Секако, се чини дека овој проблем најпосле го сврте вниманието на оние што донесуваат одлуки и пошироката јавност.
На минатогодишната Конференција на Обединетите нации за климатските промени одржана во Глазгов, првото светско собрание на граѓаните, составено од 100 луѓе од целиот свет избрани преку лотарија, изнесе став дека меѓународниот суд треба да го признае екоцидот.
Францускиот претседател Емануел Макрон исто така зазема став по ова прашање. Тој палењето на амазонските прашуми го нарече екоцид и го обвини бразилскиот претседател Жаир Болсонаро за лошо и непромислено управување со важниот планетарен ресурс. Револтираните водачи на локалните домородци не чекаа да се создадат правни услови, туку без одложување побараа од Меѓународниот кривичен суд да започне истрага против Болсонаро за злосторства против човештвото.
Кој би можел да одговара за екоцид?
Екоцидот официјално сè уште не е казнив, иако одредени дејства кои доведуваат до него мора да бидат казниви. Затоа меѓународните правници работат да се создаде правна рамка која би го дефинирала појасно и би го категоризирала како петто злосторство во Римскиот статут. Меѓутоа, нивната кампања се соочува со долг и неизвесен пат, проткаен со тешки прашања. На пример, дали според предложената дефиниција сите сме виновни за екоцид, зашто на некој начин со својот животен стил придонесуваме за климатските промени.
Од организацијата Stop Ecocide објаснуваат дека, иако можеме да бидеме одговорни во одредена мера, генерално тоа не е по сопствен избор. Истакнуваат и дека предложениот закон за екоцид нема за цел да ги казни крајните корисници и обичните граѓани, туку оние што донесуваат одлуки на највисоко ниво, оние за кои ќе се утврди дека свесно направиле злосторство.
Клучно е и тоа дека, каков било дополнителен амандман на Римскиот статут, прво мора да предложи една од земјите кои го имаат потпишано. Потоа треба да го одобрат две третини од земјите.
Добра вест е дека постојат земји кои би можеле да бидат подготвени да ја покренат приказната. Во декември 2021 година, огромно мнозинство во белгискиот парламент гласаше за признавање на екоцидот како меѓународно злосторство. ЕУ ги охрабри своите држави членки да ја промовираат криминализацијата на екоцидот во домашните судови и да водат кампања за негово признавање во меѓународните судови.
Неопхопдно е животната средина да добие заштита во меѓународното право
Меѓу хуманитарните стручњаци и еколошките организации се појавуваат нови стравови од еколошки катастрофи откако започна руската инвазија на Украина и откако во медиумите се појавуваат вести за ризици од борби кои се водат во близина на нуклеарни електрани. Без оглед на тоа колкави се реалните закани и шанси да се случи најцрното сценарио, прашањето за одговорноста кон животната средина останува да виси во воздух над целата планета, и се чини дека не планира да чека нова димензија за повторно да дојде на дневен ред.
Иако некои стручњаци сметаат дека екоцидот не може целосно да се спречи ни со донесување закони на највисоко ниво на меѓународното право, повеќето се сложуваат дека неговото признавање како злосторство му даде можност на Меѓународниот кривичен суд да додели и да нареди репарација за жртвите, и дека тоа би бил важен чекор напред.
Воедно тоа е и клучното ограничување на судот во она што може да го направи сам. Позначајна обнова на животната средина по екоцидот изискува цела низа учесници, вклучувајќи ги националните влади и корпорациите, кои можеби немаат волја да соработуваат. А бидејќи Меѓународниот кривичен суд нема јурисдикција над корпорациите, не може да бара пошироки промени во корпоративната пракса која може да ѝ нанесува штета на животната средина.
Секако, вклучувањето на меѓународното право во борбата за еколошка правда би овозможило екоцидот да се третира како злосторство кое го менува животот на исклучително деструктивен начин. Тоа во одредена мера би можело да ги спречи владите во светот да соработуваат со корпорациите кои претставуваат голем ризик за животната средина. Во период кога сме соочени со климатска криза и масовно губење на биолошкиот диверзитет мораме да ги разгледаме сите алатки кои ни се достапни, а законот мора да биде меѓу најважните.
Превод: Алек Кузмановски
Фотографии: Bruno Kelly
Извор: https://klima101.rs/