Роман на годината: фрагменти од романите „Сантос блуз“ од Ненад Алексовски и „Опасна игра“ од Мери Арсова

06.04.2022 10:01
Роман на годината: фрагменти од романите „Сантос блуз“ од Ненад Алексовски и „Опасна игра“ од Мери Арсова

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2021 година. 

Денес објавуваме извадоци од првите два од 39-те романи„Сантос блуз“ од Ненад Алексовски, („Арс Либрис“) и „Опасна игра“ од Мери Арсова („Арс Либрис“).

 

„Сантос блуз“, Ненад Алексовски, „Арс Либрис“

Сабота.

Ме разбуди вибрирањето на телефонот.

Се прашав која е поентата на тоа да ги исклучиш сите можни мелодии и звуци на телефонот, за да се наспиеш и убаво и мирно, кога, еве, вибрирањето ќе те разбуди поефективно на неверојатно морбиден начин.Вибрациите од телефонот ја тресеа наткасната, наткасната го тресеше креветот и ги пренесуваше вибрациите од телефонот, креветот го тресеше подот и ги пренесуваше вибрациите од наткасната, а ми се причини дека подот ја тресеше целата куќа.Сето тоа правеше неверојатно иритирачка комбинација од тресења и вибрации што ме разбуди и расони за неколку секунди.

Ме бараше Џо, сопственикот на апартманот во кој живеевме со Марија. Беше целиот бесен и лут, зашто Марија не му одговарала ниту на телефонските повици, ниту на електронската пошта. А јас го изнервирав уште повеќе кога смирено го прашав зошто воопшто се истресува на мене олку рано сабајле, а Марија е таа која го игнорира.

„Џо, друже, кај си ти да дојдеш на петнаесетти, те чекав со парите за кирија“, му реков.

„Немој ти мене друже, кажи зошто Марија не одговара ниту на мобилниот ниту на електронска пошта“, ми рече Џо. Во себе првин си кажав „боже драги, што живописен лик е овој Џо“, а потоа му ветив дека ќе видам што се случува со Марија.

Си сварив сомелен корен од цикорија, како замена за првото утринско кафе, и седнав на балконот. Беше облачно. Повремено поддувнуваше ветар кој веројатно подоцна попладне ќе се трансформира во бура.

И се јавив на Марија, за да ја прашам зошто не му се јавува на Џо. Навистина ми беше некако симптоматично и сомнително сето ова, бидејќи Марија беше таа што комуницираше со Џо за сите работи околу апартманов. Не дека јас не можев или не сакав, ама за сите беше поедноставно и побрзо тие двајца да се договараат на малтешки јазик, кој јас не го зборував, ниту го зборувам.Како и обично последниве неколку месеци, кога ми се јави Марија беше иритирана, лута и фрустрирана од немоќ и бес. Речиси со врескање ми кажа дека веќе не може да се носи со притисоците од нејзината фамилија и колешките за да ме напушти. Иако изнервиран од таквите гадости со кои ја тормозат константно, со смирен глас, онака иронично, ѝ реков:

„Ааа, Марија, па фамилијата и колешките ги помешале црквите изгледа... Или повторно те советуваат од димензија на некој авангарден неокатолицизам.Те молам, сепак, остани си вистински, чист, добар и чесен католик, ти личат понизноста и добрината“.

Таа се развика уште посилно и ми кажа дека веќе нема да го плаќа нејзиниот дел од киријата за апартманов и дека извесно време ќе остане да живее кај Паола во Лија, а за потоа, ќе видиме. Знаејќи ја Марија, можев да претпоставам колку ли само силно, онака душмански, го притиснала копчето на телефонот за да го прекине разговорот.

Ебати саботава, не е ниту пладне, а, еве, веќе преживеав нервни напади на двајца други луѓе.



 

„Опасна игра“, Мери Арсова, „Арс Либрис“

Научниците велат дека кога се вљубуваме во некоја личност, станува збор за мозочна, а не срцева активност, бидејќи мозокот е домот на сите течности што нѐ прават вљубени.Оние „пеперуги“ не се ништо друго туку адреналинот што се лачи во голема доза кога ние ќе почувствуваме интимна врска со лице од спротивниот пол.Некому му се потребни само пет секунди за тој процес, ви се верува? А на некој малку повеќе. Но, за сите важи истото правило: на прашањето дали ќе се вљубиме во некого или не, одговорот го дава мозокот токму во моментот кога ќе ја видиме другата личност за првпат.Тоа значи дека онаа фраза „љубов на прв поглед“, сепак не е далеку од вистината.

Дали се вљубив во Тина на прв поглед? Не! А во Ева? Би било смешно кога би рекол од вторпат?

Помина речиси еден месец. Ева како што претпостави или веќе знаеше, немаше веќе работа за мене.На први април ми пристигна исплата во плик со дарежлив износ.Тој ден ја побарав неколку пати на мобилниот телефон, но не одговори.Сакав да ѝ испратам порака по факс, но си реков дека е подобро да не ризикувам на тој начин. Секој што работи со неа би можел да прочита.

Беше понеделник, не ме држеше место и бев нервозен, не можев да се концентрирам на работата. Чиста среќа што стариот не беше на работа за да ми создава дополнителен притисок. Попладнето ѝ испратив СМС - порака, да ми се јави итно, а откако не го направи тоа, повторно се впрегнав во ѕвонење. Тоа го правев секој ден. Ми стана рутина. Бев упорен, не спуштав сѐ додека не ми се вклучеше телефонската секретарка и така сѐ од почеток.

Иако не верував дека ова ќе даде плод,тоа беше мојот среќен ден.Околу три часот ми пристигна порака дека ќе дојде веднаш во мојата канцеларија. Претпоставував дека ќе биде лута, но не ми беше гајле, морав да ја видам и точка.

Како што рече, Ева за неколку минути влезе трескајќи ја вратата.

„Се однесуваш толку несозреано што поразумно би било дете од десет години.“ Ми пристапи толку блиску што ѝ го чувствував топлиот здив. Седев и немо ја гледав директно во очи. Воздивна и седна на едната од фотелјите.

„На забавата замина без поздрав, а од први ми ѕвониш како луд.Ќе ми кажеш што ти е?“

Беше вознемирена и првпат ја слушнав да повиши тон.

„Извини“, процедив низ заби.

Направи експресија како да не знае како да се справи со мене.

„Давид, види... тие два бакнежа едноставно се случија. Не дека не сакав, немој да ме разбереш погрешно. Но, не можеме да си дозволиме повеќе од тоа. Во ред?“

Гласот ѝ стана помек и сочувствителен.

„Во ред“, реков, иако не го мислев тоа.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото