1025 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 05:59
Земјите од Западниот Балкан се наоѓаат во историски крстопат. Предизвиците со кои се соочува(ше) регионот во овој период, значително ја стимулираа несигурноста и неизвесноста во врска со интеграцијата на овие држави и општества во големото европско семејство со тоа надевајќи се на извесна политичка, вредносна и економска стабилност. Историјата на меѓу-етничките и идентитетски конфронтации, демократските дегенерации низ последниве три децении, високото присуство на корупција, лошата состојба со екологијата, пандемијата со КОВИД-19 и воената инвазија на Русија врз Украина, продолжуваат да влеваат страв и неизвесност, првично во врска со безбедноста на регионот, а потем и во врска со квалитетот на животот во него.
Во продолжение, следуваат пет можни сценарија во врска со иднината на Западниот Балкан до 2030 година, во перспектива на негова интеграција во Европската Унија. Овие сценарија се обработувани од страна на ентузијасти политиколози, истражувачи и новинари во рамки на проектот „Западен Балкан – Разгледување на регионалните траектории” кој е дел од програмата „Иднините на Западниот Балкан“ поддржан од Меѓународниот вишеградскиот фонд.
Првото сценарио е сценариото на Принудена интеграција, кое во основната наративна претпоставка ја предвидува можноста за закана на источните граници на земјите членки на Европската Унија. Тука влегува воената инвазија на Русија врз Украина, меѓутоа со засилен воен сојуз со Белоруската држава од една страна, и од друга страна Кинеската економска и инфраструктурна експанзија кон Европскиот континент, особено кон земјите од Западен Балкан. Во тој случај, ваквата слика би предизвикала неодминливи стимуланси за една побрза интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, вклучително и Република Северна Македонија, а со тоа и спречување на заканите во внатрешните контексти на земјите од Западен Балкан.
Земајќи предвид дека покрај тоа што како алтернатива на демократските процеси во државите од Западен Балкан, во хоризонтите на можни опции се појавуваат авторитарни профили, сепак Европската Унија претставува своевиден базичен модел на надеж и цел. Во таа насока, амбициите на оваа сценарио би биле консолидирање на демократска и политичка стабилност која ќе се ангажира во насока на инвестирање и создавање на стратегии со сеопфатна вклученост на сите засегнати страни во општеството. Една од тие страни претставуваат и младите кои во изминатиот период беа и продолжуваат да се во егзодусно расположение. Постојат стравови дека доколку државите од Западниот Балкан станат членки на ЕУ, степенот на егзодусот ќе се зголеми значително. Оттука нужноста на сеопфатните стратегии кои би помогнале и во насока на зацврстувањето на интегритетот на политичките системи и изградба на институции на кои граѓаните ќе им веруваат.
Второто сценарио наречено Мрачна иднина, претставува најпесимистичкото сценарио. Во срцевината на ова сценарио се предвидени недовршените проекти на демократизација во државите, нереформирањето на правосудството со есенцијалните елементи кои со децении претставуваат висока препрека не само за потенцијалноста за зачленувањето на државите од Западен Балкан во ЕУ, туку и за квалитетот на живот и правораздавањето внатре во државата, и односите во секојдневниот живот. Појавите како што се: заробената држава, корупцијата, клиентелизмот и непотизмот би продолжиле со една бескрајна репетитивност која би отворила и можности за политичка регесија во делот на демократизацијата и правосудството, но и останатите домени на политичкиот и социјалниот живот.
Ова сценарио, може да се нарече и неизвесна иднина, земајќи ги предвид елементите на политичка и економска безизлесност, како последица неинтеграција во проектот на Европската Унија. Тоа што е извесно, според ова сценарио е статус-кво моментот, кој би влијаел и на еколошката перспектива на овие држави со поспоро усвојување на енергетските политики утврдени со Европскиот Зелен Договор. Овие компоненти јасно укажуваат на поттикнување на зголемувањето на јазот помеѓу државите од Западен Балкан и Европската Унија во сферите на политиката, правосудството и екологијата, а со тоа и намалувањето на можноста за овие држави за интеграција и враќање во пол позиција.
Третото сценарио е наречено Недостижна европеизација. Несогласувањата помеѓу Европската Унија и Централно европските држави (главно Унгарија и Полска), ќе стимулира концентрација на енергија токму на тие односи, а со тоа и помало вложување на Европската Унија во насока на отворање на можности за интеграција на државите од Западен Балкан. На тој начин, во земјите од Западен Балкан и Европската унија ќе се развива демократско уназадување, која во услови на земјите од Западен Балкан ќе влијае негативно. Во ова особено влегуваат медиумите и економските структури. Првите, чии сопственици се локални олигарси и во добра координација со лидерите на политичките партии, ќе ја редуцираат објективната призма на известувањето во врска со политичкиот реалитет. Со тоа, придонесот кон намалувањето на интересот за членство во ЕУ, ќе се компензира со афирмација на илиберални агенти како Кина, Русија, Турција и земјите од Заливот. Во економска смисла, овие трендови го оддалечуваат регионот од ЕУ, а со тоа и економската конвергенција на двете страни помала и подалечна.
Ова сценарио истакнува четири причини поради кои регионот демократски би уназадил. Нова пандемија, посурова и потешка од Ковид-19, намалување на социјалната доверба и стимулирање на локалните власти за порестриктивни мерки во интерес на јавното здравје, а со тоа и регулирање и овластување на институциите за порепресивно дејствување. Се зголемува јазот помеѓу невладините организации и обичните граѓани. Сето тоа е последница на присуството на теории на заговори и превртената логика на завери, која е проследена и со корупциски скандали. Така, невладините организации губат релевантност пред очите на јавноста. Меѓутоа, статусот на невладините организации не е ослабен само во насока на граѓаните, туку и во насока на владата и институциите чија намера е контрола на граѓанскиот сектор.
Иако можностите за членство во ЕУ не се затвораат целосно, сепак критериумите за владеење на правото, економска слобода и општа заштита на човековите права се многу строги, со што можноста за земјите од Западен Балкан да започнат преговори со ЕУ и да ги завршат со финално зачленување во Унијата станува невозможна мисија.
Ова сценарио предвидува дека нестабилноста ќе порасне, човековите права ќе бидат под закана и автократските и популистички режими ќе се консолидираат.
Четвртото сценарио носи наслов Дефрагментација на Западниот Балкан. Во есенцијата на ова сценарио, се содржи цврстата економска соработка меѓу земјите од Западниот Балкан. Оваа соработка, има потенцијал да ги намали несогласувањата меѓу државите од овој регион и да ги надмине конфликтните иницијативи кои постојат во овој момент. Меѓутоа, оваа соработка, нема да остане само во економска смисла и нема да биде слепа во однос на вредностите на Европската Унија, напротив, ќе го засили оптимизмот кон иднината и низ подобрувањето на условите за што е можно повисок степен на реализација на човековите права и владеењето на правото, ќе доведе до своевидна дебалканизација на политичките ставови.
Оваа теза е поткрепена и од фактот што и покрај тоа што постојат опасни тенденции за реактуелизирање на конфликти (Босна и Херцеговина и Косово), блокадите врз Северна Македонија и можните импликации на меѓуетнички план, сепак државите од Западниот Балкан не изразуваат тенденција за економска изолација како меѓу себе, така и во однос на ЕУ. Така фрагментацијата е сама по себе опасност како за земјите од Западен Балкан така и за ЕУ во однос на овие држави. Оттука, Западниот Балкан, според ова сценарио изгледа како своевидна „интегрирана економска унија“, а ЕУ од друга страна ќе претставува центар на економска гравитација, а учеството на овие држави во Европската Унија ќе биде логичка последица на економското учество. Со тоа, економското влијание на земјите како Русија и Турција, ќе биде ограничено, а во одредени секторски доминанти значително намалено.
Петтото сценарио е наречено Здружување. Ова сценарио предвидува заземање слични стратешки иницијативи на владите на државите од Западен Балкан и граѓанските организации во насока на колективна акција во врска со најгорливите проблеми со кои се соочуваат државите и регионот. Меѓу другото, тука влегуваат и климатските промени, деградацијата на животната средина и парализираните економии. Тоа здружување ќе треба да се соочи со наведените проблеми, но исто така да стимулираат демократски амбиент низ кој ќе се решаваат и надминуваат поголемите историски и идентитетски, а исто така и безбедносни, проблеми напластувани со децении во државите од Западен Балкан.
Тоа што логички го изведува ова сценарио е контекстуалната слика која ги оцртува овие потенцијали како изведливи. Еколошките проблеми во Западен Балкан, пандемијата со КОВИД-19 се едни од најголемите предизвици на земјите од Западниот Балкан. Тоа се елементите на мозаикот кои ја прават уште поранлива позицијата на овие држави од странични влијанија. Во ова сценарио, регионот на Западен Балкан е предизвикан од различни надворешни влијанија и фактори. Сето тоа ги принудува лидерите на државите да започнат своевидни прагматични односи, со цел соочување со наметнатите предизвици. Меѓутоа, со текот на времето, се случува транснационална интеграција која стимулира продемократски тенденции и можност за интеграција во ЕУ.
Заклучни согледби
Согласно кажаното, четири од петте сценарија носат во себе оптимистичка интонација на можни идни развои на настаните во услови на политичката клима на земјите од Западниот Балкан. Водени од искуствата натопени во околностите кои зјаат со целосна песимистичка резонанца, првото што паѓа на памет е дека од сите сценарија, можеби најрелевантно би било второто, односно т.н. Мрачна иднина. Тоа е впрочем и сценариото коешто го живеат многумина и според кое ги подесуваат параметрите за можната иднина. Дури и доколку го земеме тоа сценарио како појдовна точка, не секогаш минатото, било блиско или далечно, го условуваат и ја парализираат преземањето активност во сегашноста и промена на иднината.
Би рекол дека иднината би била некоја комбинација од сите пет варијанти кои беа претходно презентирани. Може да се каже дека третото и четвртото сценарио носат логичка и прагматичка блискост, во насока на спроведливоста, оперативната доследност и нужноста за акција. Со тоа што самиот фокус на Унијата се става врз внатрешната хармонизација со државите членки од Централно европскиот дел, која одвреме-навреме излегува од балансот на демократски односи, расејувањето на енергетските капацитет и автоперцепцијата и авторегулацијата на Европската Унија, ќе отвори нови можности. Третото сценарио предвидува продолжување на агонијата и статус-кво во политичка и демократска смисла, поради неспремноста на Европската Унија за зачленување на нови земји членки и истата алудира на можност за соработка со страничните профили како Русија и Кина. Меѓутоа, економската ургентност за репарирање и реструктурирање на економските перспективи на земјите од Западен Балкан. Иако логичката асоцијација наведува на алтернатива, главно со Руската Федерација, меѓутоа т.н. Дефрагментација низ економски синтези на структурните економии на земјите од Западен Балкан може да биде излезна позиција и една регионална реинтеграција. Во таа насока, стимулацијата на солидарноста во насока на надминување на проблемите не само со економијата и националните митови во официјална меѓу-државничка релација, туку и се отвора простор за еколошките, здравствените и безбедносните перспективи на овие држави. Сето ова ќе ја задржи на некој начин економската стабилност, ќе ги реструктурира производствените и пазарни релации.
Првото сценарио има висока веројатност, меѓутоа е поврзано со развојот на настаните во Украина и можните воени разврски со потенцијален домино ефект. Стравот од дестабилизација на регионот на Западен Балкан претставува еден од адутите во рацете на Европската Унија, меѓутоа истиот наликува на резервен план, кој земјите од Западен Балкан ги остава во континуирано исчекување. Доколку се разгледа почетната претпоставка на ова сценарио, а тоа е проширување на воените активности и можност за прелевање на војната, во тој случај членството во ЕУ нема значително да промени во внатрешниот амбиент на државите од Западен Балкан. Од друга страна и според ефикасноста и ажурноста на Европската Унија во досегашното менаџирање со кризата во Украина и зачленувањето на државите од Западен Балкан, може да се каже дека е далеку под потребното ниво на ажурност и на ефикасност.
Фотографиите се од филмот 300 (2006)
Петте сценарија се изработени во рамки на проектот „Западен Балкан – Разгледување на регионалните траектории” поддржан од Меѓународниот вишеградски фонд. Авторот е истражувач при Евротинк-Центар за европски стратегии, кои се партнери во проектот. Целосниот текст на сценаријата, како и изршното резиме и препораките, можат да се најдат на следниот линк https://visegradinsight.eu/western_balkans_scenarios/