Просветлениот нос

08.04.2022 16:29
Просветлениот нос


Се случило, пред околу сто години, на еден блажен монах (чие име ќе го премолчиме, секако) од Киево-печерската лавра да му се просветли носот. Ова крајно несекојдневно собитие предизвикало чудна раздвиженост во обителта, иако мнозината монаси започнале само набрзина да се прекрстуваат штом нивниот делумно просветлен брат ќе минел крај нив со благо подигнат нос (најверојатно ослободен од профаноста на светската гравитација) и со подзамижани очиња (најверојатно поради пресилната светлина што му избивала од носот).

Откако поразговарал со монахот чиј нос се просветлил, игуменот му пренел на братството дека нивниот делумно просветлен брат отсега може да намириса сè, и дека тоа му дава посебна моќ на проѕорливост. „Слава на Бога“, понизно се прекрстиле браќата, и започнале да се подвизуваат и по тоа прашање: ту очекувале да видат што следно ќе успее да намириса просветлениот нос, ту се молеле да им биде простена ваквата небогоугодна љубопитност.

А стопанот на просветлениот нос, пак, штедро ги споделувал со браќата откритијата на својот просветленик: де „ќе пристигне жена за три часа“, де „во магерницата се расипува јајце“, де „тој и тој брат не си ги измил нозете седум месеци“... На монасите оваа чудна проѕорливост неретко им била од корист. На пример, се случувало некој од браќата да го заметка ливанот што некој поклоник му го беше донел од Ерусалим, а стопанот на просветлениот нос веднаш да му посочи каде да побара. Ваквите посоки, до душа, понекогаш биле погрешни, но тоа и не било толку битно: поважно било тоа што монахот со просветлен нос по некое време почнал да избегнува повеќемина од браќата (можеби не можел веќе да го поднесе нивниот мирис?), и да се движи низ цветните градини сосем замижан (можеби пресилната светлина на просветлениот нос си го направила своето?). Така, најпосле, братот со просветлен нос лесно откривал многу работи, но не бил од голема полза кога ќе притребало, на пример, да помогне да се постави вечерата во трпезаријата, или да го подигне братот што се лизнал и се струполил врз голомразицата – затоа што едноставно не гледал подалеку од носот.

Сликa: Stefan Zsaitsits

 

ОкоБоли главаВицФото