Маргерит Дирас: копнежот во премолченото

08.04.2022 16:31
Маргерит Дирас: копнежот во премолченото

Маргерит Донадје, француска писателка, режисерка и сценаристка, е родена на 4 април 1914 година во Гиа Дин, во француска Индокина, (денешен Виетнам) во семејство на учители, француски емигранти. Кога била девојче татко ѝ починал и останала сама со мајка си и со двајцата браќа. На 18 години заминала во Франција да студира право и политички науки.

Годините во Париз биле обележани со нејзиниот брак со писателот Роберт Антелм, со губењето на нивното дете, приклучувањето кон Движењето на отпорот, апсењето и депортирањето на Роберт во логор (Дирас се обидува да заведе еден агент од Гестапо за да го спаси својот сопруг), но и со објавување на нејзиниот прв роман Les Impudents, под псевдонимот Дирас, (според името на селото во кое се наоѓала куќата на нејзиниот татко).

Во тој кошмарен период, таа го запознава и својот љубовник Дионис Масколо, писател и политички активист, со кого го има синот Жан. Маргерит, Роберт и Дионис живеат во истиот стан кој станува место за собирање на познати интелектуалци и активисти (Рејмонд Квено, Морис Бланшо, Морис Мерло-Понти, Борис Вијан, Клара Малро, Жак Тати, Едгар Морен, Доминик Десанти, Жак Лакан… )


Стилот на пишување на Дирас бил под влијание на различни насоки: егзистенцијализам, авангардата на Новиот роман, постмодерните метафикции од осумдесеттите. Нејзиното писмо е лирско, минималистичко, еротизирано, фрагментирано и повеќезначно.
Има многу повеќе испуштено отколку што кажано; во тишината, во белината меѓу зборовите и речениците, сè е или навестување на некоја нова надеж, некаква веројатност, или некаков непреболен заборав, некој дамнешна бол, истакнува Ингрид Шафранек во својата збирка есеи Бело мастило.

Големите книжевни успеси на Дирас се псевдобиографиите Браната против Пацификот (1950) и Љубовникот (1984), добитник на престижната награда Гонкур, која ја објавува на 70-годишна возраст. Во Љубовникот го евоцира своето детство обележано со сиромаштија поради лошите инвестиции на мајка ѝ, лудилото на мајката, динамиката на насилник и жртва помеѓу постариот и помалиот брат, забранетата љубовна врска со еден богат Кинез, откривањето на сексуалноста и својот писателски повик.

Во средиштето на заплетот е средбата меѓу постариот љубовник и едно петнаесетгодишно девојче со лице на задоволство и во свилен фустан, кожен ремен, високи потпетици и машки шешир. Средбата се случува при преминување преку реката, на пат кон училиште, па така претставува симболично нпуштање на мајката и детството, анти-судбина и самокреација, како што истакнува Шафранек.

Љубовникот, денес култен роман, првично требало да биде албум со семејни фотографии со коментари на Маргерит.

Поради писателската креативната криза, таа речиси цела деценија се посветува на филмот и на театарот. Во овој период настануваат арт-филмовите Хирошима, љубов моја, Модерато кантабиле, Музика, Уништи, рече таа, Натали Грејнџер, Жената од Ганг, India Song, Агата и бескрајното читање. Нејзините филмови се експериментални и медитативни, без акција или заплет.


Во феминистичките кругови мислењата се поделени за работата на Маргерит Дирас. Некои ја сметаат за икона на феминизмот и за претставничка на женското писмо засновано на копнеж („Кога жената не пишува од местото на копнеж, таа воопшто не пишува, туку плагира“), некои ѝ забележуваат што прикажува автодеструктивни жените кои не создаваат алтернативи, додека трети сметаата дека нејзиниот феминизам може да се исчитува во поширок контекст, во нејзиниот политички ангажман и отпорот кон општествените норми.

Ингрид Шафранек, хрватска проучувачка на Дирас и професорка по француска книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб, укажува дека нејзините ликови се жени во транзиција, тие не се ниту херојски, моќни жени какви што посакува феминизмот, тие се објект-на пат- да-стане-субјект.

Маргерит Дирас почина на 3 март 1996 година во Париз. На денот на погребот, во црквата Сен Жермен-де-Пре, оргулите свиреа танго и румба од филмот India Song.

Извор: Vox Feminae

ОкоБоли главаВицФото