Табиетот на видовите: гарвани

09.04.2022 14:50
Табиетот на видовите: гарвани

Дека за страв од летење знаат и птиците се уверив уште во раното детство гледајќи како ластовиците неуморно ги поучуваат своите полетарчиња да павкаат со кревките опердувени крилца за да се пуштат во освојување на далечините. Трпението на возрасните произлегува од разбирањето на зазорот – осет што го имале и самите при првото напуштање на родното седало. Сум ги набљудувал со истрајно љубопитство и со радост за нивниот успех.

Летово, пак, се случи нешто за скомраз. Во мојот двор се спушти еден голем облак од црни партали. Знаев дека е истото јато гаврани кое со непрестајна шамата прелетува над нас, наутро кон селата со пченка, а навечер враќајќи се во својот конак на север.

Не се вознемирив поради она празноверие кое овие дрски крадливци ги озлогласило како кобници. Мене ме разјари нивното тревожно гракање на сет глас. Траев, траев додека не излегов од кожа. Истрчав да ги испадам ишкајќи ги како кокошки. Првата нивна борбена линија се повлече како вода при одлив, но веднаш сфатив дека тоа не го сторија од страв туку за залет. И – леле! – се нафрлија да ме клукаат в глава. Успеав да им избегам и да се скријам, за среќа – со здрави очи.

Се затскрив да ги набљудувам оддалеку. И имало зошто да чекам. Од една грмушка испрпа нивно полетарче, но само до најниската гранка. Се сјатија околу него. Граграгра! Му даваат гајрет, по малку го караат, а повеќе го молат да полета, да им се придружи во походот што за нив живот значи. А малото ја ведне главата, се тресе, се собира и не повтува да мрдне. Станува јасно дека не се може да се помогне со милум. Минуваат на силум: го кошкаат, го кубат, го чинат, прават како што знаат и умеат, но тоа се прави дека не разбира ништо.


Следува едно болно изненадување за нив. Како само да дебнело дупка за спас, во еден миг решително се дига и влетува – каде?! – право во нашиот оџак, пустината. Веднаш по него, ужаснато, се крева и целото јато. Додека трепнеш, го запоседнува покривот. Гра-гра-гра! – се параат стотина грла препалени од погибелното безумство на потомчето. Сред отворените клунови блескоти огнот на нивните пеколни грла.

Потрчувам да влезам дома и да видам дали малото гарванче паднало долу, во огништето, па да го земам и да го џитнам далеку колку што можам. Но дури сега нивниот очај се свртува против мене со сета сила. Ме напаѓаат како истрелани гулиња. Готови се да ме распарчат. Мавтајќи со двете раце, успеав да им се искубам. Се затворам, но угрозата се засилува. Опсадениот дом го гаѓаат од сите страни. Разјарените птици лупаат ли лупаат по стаклата.

Лишки! Ме фаќа ужас. Не можам да верувам во она што го гледам. Да не е ова грозоморен сон? Се штипам. Не е сон. Ова е грозоморно јаве.

Палам весници во огништето за да го испадам со чад непоколебливото јато. Џабе, не успева...

Опсадата траеше уште цели два дена. Но како што се обновуваше така и се разретчуваше.

Кога црните птици конечно се повлекоа, се зафатив со чистење на оџакот. Од гарванчето што откажа да лета не најдов никаква трага. И тоа, изгледа, беше станало чад.

Иако во морници, ѝ се восхитував на пожртвуваноста на гарваните. Каква колективна здушност во грижата за потомството! Но полетарчето ми остави загатка. Беше ли разболено, удрено, преплашено или уморено? Едно по едно отпаѓаа сите мои нагаѓања за да остане несоборливо само она најстрашното: дека беше прерано истерано од својот рај, уште некадарно да го крепи добронамерното насилство на својот род.

Зар не постапуваме понекогаш и ние така насилувајќи ги незакрепнатите души.


Слики: Thetis Blacker
Извор за текстот: Петар Т. Бошковски, Вратика, 2005

Петар Т. Бошковски (Острилци, Крушевско, 1936-2006, Скопје) – поет, романсиер, драмски автор, есеист, критичар, антологичар. Автор е на поетските книги „Суводолица“ (1962), „Постела од трње“ (1970), „Небесен камен“ (1985), „Бел ветер“ (1991), „Вториот источен грев“ (1994), „Критична точка“ (2002) и „Вратика“ (2005), како и на 4 романи, телевизиска драма, 4 книги огледи и критики и на 2 антологии. Песни во проза му се застапени во поетските збирки „Критична точка“ (Култура, Скопје, 2002) и „Вратика“ (Матица македонска, Скопје, 2005): во првата е поместен лирскиот есеј Питка вода, а во втората прозниот циклус „Табиетот на видовите“ со 7 песно-прозни текста.

ОкоБоли главаВицФото