Повеќето граѓани на ЕУ сметаат дека треба трајно да се укинат мерките за штедење

11.04.2022 01:48
Повеќето граѓани на ЕУ сметаат дека треба трајно да се укинат мерките за штедење

Кога изби пандемијата, клучниот дел од економската политика на ЕУ мораше да запре за да се овозможат инвестиции во здравството и зачувување на работните места, а истражувањето спроведено на 5 000 испитаници во пет држави членки (Германија, Франција, Италија, Ирска и Данска) покажува дека повеќето испитаници веруваат дека тоа треба да се претвори во трајна политика со цел создавање повеќе работни места и борба против климатските промени. Истражувањето го спроведоа фондацијата The New Economics и агенцијата Censuswide.

Резултатите покажуваат дека 58 проценти од граѓаните во ЕУ сметаат дека државите членки би требало да продолжат со пофлексибилни правила на задолжување. Приближно ист процент граѓани (59 проценти) сметаат дека фискалните правила на Европската унија би требало да се променат за владите да можат да ја зголемат потрошувачката на јавните услуги. Педесет и три проценти од граѓаните во ЕУ се сложуваат со тврдењето дека би требало да се прилагодат правилата за владите да можат да ја зголемат потрошувачката на зелена инфраструктура и борба против климатските промени. Уште поголем процент граѓани (64 проценти) се загрижени заради потенцијалното влијаните на мерките за штедење доколку ЕУ се обиде да ги присили владите да го намалат задолжувањето за да ги намалат своите долгови во следните пет години.

Во државите кои ги искусија најазорните последици од мерките за штедење наметнати после финансиската криза во 2008 година има и најмногу граѓани кои се загрижени заради учиноците на понатамошните мерки за штедење доколку државите членки се принудат да го намалат задолжувањето во следните пет години (во Италија 78 проценти, во Ирска 74 проценти). Во Германија и Данска, најголемите „бранители“ на стриктните фискални правила, повеќето граѓани се сложуваат дека треба да се менуваат економските правила за да се овозможат вложувања во борбата против климатските промени. Во Франција 61 процент од испитаниците се сложуваат дека правилата би требало да останат флексибилни за да се олесни закрепнувањето од учиноците на пандемијата.

Правилата на потрошувачката во Европската унија, кои се воспоставени пред 30 години како дел од договорот од Мастрихт, ги ограничуваат буџетските дефицити на државите членки на помалку од 3 проценти од БДП, додека државниот долг е ограничен на 60 проценти од БДП. ЕТУЦ и здружените национални синдикати се дел од коалицијата организации која напиша манифест за „зелена, праведна и демократска европска економија“ како дел од заложбите за трајна реформа на економските правила на Европската унија.

Лина Кар, секретарка на Европската синдикална конфедерација, изјави: „Економскиот одговор на Европската унија на пандемијата спаси милиони работни места и им помогна на здравствените работници да спасуваат животи. Тоа претставува крајна спротивност на штетните мерки за штедење наметнати по 2008 година, кои ги оставија нашите здравствени системи и системите за социјална заштита потполно неподготвени за пандемијата. Мораме да ги усвоиме лекциите зашто потребата од инвестиции никако не е завршена. Закрепнувањето од пандемијата штотуку започна, инвазијата на Украина тешко ќе ја оптовари економијата и ќе биде потребна голема јавна потрошувачка ако ЕУ сака да ги постигне своите климатски цели. Јасно е дека повеќето гласачи од цела Европа ги поддржуваат економските правила кои на членките им овозможуваат праведна шанса да се соочат со овие предизвици и кои, во суштина, ги ставаат луѓето и планетата пред арбитрарните ограничувања од некое минато време.“

Франк Ван Лервен, економист од британската фондација New Economics која го нарача истражувањето, изјави: „Настаните од изминатите две години сведочат за промената на европската политичка парадигма. Како што покажува ова истражување, дури и фискално најконзервативните Европејци знаат дека е бесмислено да се врати часовникот во 1992 година. Наместо тоа, време е да се подготвиме за иднината со нов модел на потрошувачка за одржлив раст.“

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Andrew Beck

Извор: https://www.bilten.org/