Уметноста ти зема дел и од душата и од телото

11.04.2022 08:03
Уметноста ти зема дел и од душата и од телото


Недела е, ама работам, затоа што од кога сум фриленсер работното време е флуидно.

Тоа што после 10 години оставив канцелариска работа и се вратив на првата детска „професија“ и факултетска диплома, односно ликовна уметност, ги има скоро сите предности што ги претпоставив.

Но, има и два моменти кои не ги очекував.

Првиот е „интимноста“ на илустрирањето. Иако го правиш за други и си платен за тоа, има еден личен момент кој никогаш не го осеќав додека бев во маркетинг и медиуми. И токму тоа дека вадиш дел од себе и оставаш други да го прифатат или отфрлат е малку страшно и често болно. Тешко е да се апстрахираш и да се однесуваш дека тоа е „само работа“ и/ли обврска.

Вториот момент, кој скроз не го претпоставив пак, е физичкиот напор кој ликовната уметност го подразбира, без разлика дали е традиционална или дигитална. Од страна често изгледа „си ужива, си цртка“. А, ептен не е така. Сега ми е појасно зошто многу од уметниците од минатото биле со искривени раце и зглобови и зошто денешните скор по правило се со некои лонгети на рака. И не е само седењето. Цела деценија, понекогаш и по 12 часа седев на канцелариско столче и куцав, ама истото не се споредува со напорот и болките кои се јавуваат кога илустрираш секој ден континуирано со часови. Тука не важат советите за правилно седење и слично, затоа што процесот на ликовно создавање е динамичен и не можеш да работиш, а притоа да имаш баш правилно држење.

Конечно, уметноста ти зема дел и од душата и од телото, big time. А, кога е добра, менува светови, мали и големи. Штета што повеќето, особено оние кои треба да ја проценат, не го гледаат тоа.


Илустрации: Инес Ефремова