Кое е заедничкото македонско граѓанско „ние”?

11.04.2022 16:07
Кое е заедничкото македонско граѓанско „ние”?

Преземено од Дојче веле

Последниве години во германската научна и културна јавност се одвива многу значајна дискусија за тоа кое е новото германско „ние”. Поинаку кажано, кој е новиот наратив на современото германско општество? Дебатата во голема мера беше поттикната од книгата на младиот германски историчар Јан Плампер, кој предава на престижен универзитет во Лондон. Тој критички го преиспитува досегашниот наратив за тоа кој им припаѓа на „Германците” и на „германската култура” и смета дека тој наратив одамна требаше да се дополни со новите факти. Насловот на книгата јасно ја зацртува темата: Јан Плампер, Новото „ние”. Зошто кон него припаѓа миграцијата. Една поинаква германска приказна” (Jan Plamper, Das neue "wir”.Warum Migration dazugehört. Eine andere deutsche Geschichte, S.Fischer, 2019).

Плампер е историчар, а книгата е напишана во стилот на „раскажувачка историја”, која се обидува да покаже дека во германската реалност веќе одамна е создадено едно ново колективно „ние”; за да се види појасно неговиот лик, потребно е да се раскажат приказните на оние кои досега во Германија се нарекуваа „странци” (Ausländer), „гастарбајтери“ ( Gastarbeiter), „мигранти” (Migranten) или „луѓе со миграциска биографија”. Зашто досега речиси сите германски влади тврдеа дека Германија не е „преселничка земја” (Einwanderungsland), ниту во јавноста имаше сериозна дискусија за тоа кој термин може да ги именува оние луѓе, кои пред половина век се доселија во Германија од Италија, Шпанија, Грција, Југославија или Турција. Тие не може и понатаму да се нарекуваат„гости-работници”, што буквално значи „Gastarbeiter”. Новата дебата сака да покаже дека тие луѓе, некогаш доселени во Германија, се дел од новото германско „ние”.

Постојана миграција и интеграција

Јан Плампер раскажува врз примерот на преселнички приказни од историјата на Германија дека таа отсекогаш била земја во која, во разни периоди, се интегрирале милиони доселеници. За тоа сведочат биографиите на 12 милиони протерани Германци од источните покраини по Втората светска војна. Во нивната интеграција во Западна Германија тие наидувале на истите проблеми како подоцна „гастарбајтерите” или денешните „бегалци” од Сирија и од африканските земји.

Кога се чита редицата од миграциски бранови во Германија, кои германското секојдневие, и покрај почетните нетрпеливости и негативни стереотипи, сепак успешно ги интегрирало, станува јасно дека германското општество имало постојана миграција и интеграција на дотогаш „туѓинците”.

Во дискусијата учествуваат многу научници кои самите потекнуваат од втората или третата генерација на некогашните „гастарбајтери”. Таква е социологината Наика Форутан (Naika Foroutan), со мајка Германка и татко Иранец, кој во осумдесеттите се преселил во Германија. Наика Форутан во својата книга пишува за „пост-националниот” идентитет.

Новинарката и публицистка Ферда Атаман (Ferda Ataman), родена 1979 во Штутгарт, од родители кои дошле во Германија од Турција, во својата книгата со провокативен наслов: „Јас сум одовде. Престанете да прашувате” ( Ich bin von hier. Hört auf zu fragen!") напиша реченица која го отсликува новото германско „ние”: „Германците се викаат Гинтер и Габи, но и Фатма и Фатих.”


Во актуелната дискусија се работи за тоа да се дефинира на инклузивен начин тоа ново „ние”, новата слика за припадност на германската заедница. Зашто на сите им е јасно дека едно општество не може да создаде толерантна, демократска култура на работа и живеење, ако не се понуди нов наратив, „нова германска” приказна, чија суштина ја изговара реченицата на Ферда Атаман.

Германските историчари како Јан Плампер укажуваат дека за да се дефинира новото германско „ние”, треба да се напушти етно-биолошката дефиниција на нацијата, која реалноста во модерните општества одамна ја има надминато. Затоа тој предлага термин со кој би се именувале тие луѓе во Германија кои, покрај германскиот имаат и уште еден етнички, културен или само биографско-фамилијарен идентитет. Тие кои досега се нарекуваа „луѓе со миграциска биографија”, а кои често не го знаат мајчиниот јазик на нивните родители, зашто нивниот мајчин јазик е германскиот. Луѓе кои по својот менталитет, култура и сензибилитет се чувствуваат како Германци, зашто пораснале во германска средина.


Оваа еманципаторска дебата е критична кон сите политички и јазични сурогатни поими создадени во процесот на интеграцијата на преселниците во Германија. Дискусијата покажа дека е погрешна сликата за интеграцијата како „казан за топење” (Melting pot). Најприфатлив во моментов е концептот на интеграција по принципот што се нарекува „сад за салата” (Salat bowl), во кој различните лисја на салатата не ја губат својата форма и обележје, но, сепак се суштествен дел од посебниот вкус на салатата.

Јан Плампер потсетува дека на тој начин биле успешно интегрирани во повоена Западна Германија 12-те милиони протерани Германци, кои од Западните Германци се доживувале како „туѓи луѓе”, со поинакви обичаи во облеката и јадењето, со „чуден” германски дијалект. Тогашната германска политика се одлучила да им понуди еден „заеднички идентитет”, додека тие својот етничко-културен идентитет составен од обичаите, дијалектот, ритуалите, приказните, фолклорот, го негувале во своите здруженија. Секако, морало да постои заеднички јазик како lingua franca, а тоа бил германскиот.

Јан Плампер предлага нова дефиниција на нацијата потпрена на државјанството, а не на етно-биолошкото потекло. Терминот кој го предлага за луѓето во Германија со поинакво биографско потекло е „Германци-плус” или „Плус-Германци” (Deutsche-Plus / Plus-Deutsche). Тоа значи дека тие, освен германскиот идентитет, кој се дефинира со нивната јазичка и културна идентификација со германското општество, имаат уште еден биографски идентитет.

„Македонска салата”

Во Македонија неодамна пописот создаде бура на реакции кај политичките партии кои, всушност, се дефинираат како агенции на различни етно-биолошки идентитети, кои партииите ги култивираат во непомирливи, едни со други конкурирачки политички субјекти. Етничката квота стана во современа Македонија темелниот принцип на идентификацијата, што го отежнува создавањето на јасен наратив на македонското заедништво.

Притоа, пописот покажа дека резидиентното население, кое го сочинува македонското општество, е колку населението на Хамбург (1.852 милион жители). Во Хамбург живеат 17,1 процент странски државјани. Тие не се неминовно сите граѓани кои имаат миграциска биографија. Келн има малку повеќе од еден милион жители. Во 2020 секој петти Келнјанин или Келнјанка имал само странско државјанство. Според податоците за 2019, 40 проценти од Келнјаните имале миграциска биографија. Кај децата и младинците процентот на оние со миграциска биографија изнесувал во истата година дури 59 проценти. Од целокупното келнско население, 19 проценти имаат странско државјанство, а потекнуваат од 180 нации. Дискусијата за новиот германски наратив за припадноста на Германија сака да покаже дека тоа мноштво на луѓе од различни нации, кои се интегрирале во древниот град на Рајна, чие име – Колониа – го содржи во себе наративот на доселеништвото, е вистинското богатство на Келн.


Се прашувам, зошто во македонската културна и научна јавност не се дискутира за тоа кое е заедничкото „ние” на македонските граѓани? Кој може да биде модерниот наратив за еден инклузивен идентитет за сите македонски граѓани, кој примарно не би се дефинирал само со етно-биолошкото потекло? Која слика за припадноста на македонското општество како култура, како начин на живеење, како lingua franca е доминантна сега и кои се нејзините недостатоци?

За Македонија и за нејзиното шаренолико население во однос на јазикот, потеклото, културата или фолклорот, западните патописци и историчари уште пред децении го создадоа терминот „македонска салата”. Така, на пример, во Италија или во Франција се нарекува мешаната овошна салата. Тој поим за ригорозните застапници на „чисти раси” и етнички монолитни општества беше кошмарен сон. Можеби затоа дури и самите Македонци го доживуваа како стигма. Меѓутоа, зошто тој да не се разгледува во духот на една нова дебата како модел на македонското заедништво? Како формула на едно ново македонско „ние”, слично на тоа кое се создаде во Германија со интеграцијата на преселниците?


Зашто денешното западноевропско секојдневие е иста таква „овошна салата”, како некогашната македонска. Во Келн, на пример, живеат луѓе од 180 нации. Тоа за демократите, за оние со европски идентитет, ја сочинува привлечноста на Келн и Келнјаните, чие животно и карневалско мото е „секој е „откачен” (jeck) на свој начин”!

Нели е време и македонското општество да почне да станува свесно дека силата на сите народи кои во историјата живееле во Македонија била токму во тој модус на живеење кој западните Европјани го нарекле „овошна салата - Македонија“, во која секој прво се идентификува со заедничкиот, општествено-културен, а потоа со својот секундарен, етно-биолошки именител? Јасната припадност на поголемата заедница ги збогатува мултиетничките општества како македонското. За тоа се потребни интегративни симболи, ритуали и наративи на заедништво, а не на етничка и културна сепарација во национални и јазични гета.


Фотографии: Brendon Burton 

 

Слични содржини

Општество / Став / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото