Ирска воведува основен приход за уметниците

12.04.2022 12:10
Ирска воведува основен приход за уметниците

 
Воведувањето основен приход за уметниците беше поздравено како „најзначајниот позитивен момент за ирската уметност од основањето на Уметничкиот совет пред повеќе од 70 години“.

До 2000 уметници ќе добиваат по 325 евра неделно во текот на три години под пилот-проектот, што е сигнал за „сеизмичка промена“ во ставовите кон уметноста помеѓу политичарите и јавноста во последниве две години, велат застапниците на оваа политика.

Пристапот ќе биде некомпетитивен, а учесниците ќе бидат извлечени по случаен избор од група подобни кандидати. Нема да има ограничување за тоа колку уметниците можат да заработат покрај гарантираниот приход, што ќе се третира како заработка од самовработување и ќе се одданочува.

Уметничкиот совет на Ирска, поздравувајќи го лансирањето на пилот-програмата во вторникот (5 април), изјави дека работните и животните услови на уметниците „се’ уште се под прифатливите стандарди“. Уметничкиот сектор се’ повеќе е обликуван од нестабилните модели на приходи во „економијата на тезги“ и има проблем да ги задржи талентираните работници и покрај тоа што секторот е високо образован.

Се очекува дека пилот-програмата ќе ја намали постојаната несигурност и недостатокот на безбедност што го чувствуваат многумина во секторот. „Ќе овозможи и ќе поттикне претприемништво, ќе го олесни преземањето ризици и експериментирањето... и ќе го зголеми квалитетот на уметничките производи, со акцент на поддршката на младите уметници на почетокот на нивната кариера“, додаваат од Советот.

Постојат одредени грижи за условите за учество во шемата: исклучените се уметничките администратори и едукатори, како и сценските техничари, агентите, занаетчиите и дизајнерите. Исто така, не е јасно како ќе бидат засегнати уметниците кои бараат додаток за попреченост, иако се вели дека властите имаат за цел да го решат ова пред да бидат избрани учесниците.

Националното застапништво за уметностите (NCFA) лобира за основен приход за уметниците од 2017 година. Претседавачката Ангела Дорган вели дека групата се надева дека ваквите исплати „ќе станат правило наместо исклучок“ од 2025 година. „Пред четири години тоа беше само сон“, изјави таа. „Фактот дека ова воопшто се случи е од огромна важност, сега ние во секторот треба да го прифатиме и да ѝ помогнеме на Владата да ги ‘испегла’ недостатоците.“

„Пилот-шемата е погодна за да обезбеди доволно увид и потребни податоци кои ќе бидат од витално значење за да се докаже дека концептот функционира и за уметничкиот сектор и за општеството“, вели Дорган.

Политичка волја

Лобистите ја искористија промената на владата во Ирска и притисокот за универзален основен приход за да се залагаат за шема специфична за секторот.

Со политичарката од Зелената партија, Кетрин Мартин, како Министерка за уметност, „изгледаше како да имаме вистински сојузник“, вели Дорган. „Ја видовме можноста и ја зграпчивме.“

Националното застапништво за уметностите (NCFA) побара 327 евра неделно, очекувајќи исплатите да бидат одредени околу стапката на надоместок за невработеност која изнесува 208 евра. Фактот што шемата нуди 325 евра е доказ за напорите на застапничките групи, вклучително и оние надвор од уметноста. „Тоа многу зборува за она што самата Влада сака да го постигне“, додава Дорган.

Се очекува пилот-програмата да ги поддржи уметниците во развивањето на својата практика и да ја минимизира загубата на вештини и искуство од секторот по пандемијата.

Уметничкиот совет на Ирска верува и дека оваа програма може да го подобри диверзитетот во секторот со тоа што ќе им даде можност на повеќе луѓе да градат портфолија и да ги воспостават своите кариери: „Ова е важно затоа што значи дека ќе можеме да слушнеме поширок опсег на гласови во уметноста кои подобро го одразуваат современото ирско општество“, вели директорката Морин Кенели.

За првата година од шемата се буџетирани 25 милиони евра.

Претседателката на работната група, Клер Дуињан, изјави дека пилот-програмата „има потенцијал да биде вистински трансформативна во однос на одржливоста на секторот“.

Социјалната заштита на уметниците е подобрена во последниве години, но заработката може да биде „непредвидлива и нестабилна“, дури и кога се добро позиционирани.

„Овој нов грант ќе создаде основа и безбедносна мрежа за уметниците. Многу ме интересира што ќе научиме од ова пилот-програма“, вели Дуињан.

Извор: Arts Professional