Град Скопје ги отстранува продавачите на стари книги од кејот на Вардар

12.04.2022 18:47
Град Скопје ги брка продавачите на стари книги од кејот на Вардар

 

Продавачите на стари книги и други антикварни предмети кои ги користат дрвените куќички на Кејот „13 ноември“ добиле наредба од Градот Скопје да се иселат, заедно со своите залихи, најдоцна до 21 април.

Според изјавите на упатените лица кои сакаа да останат анонимни, градот на овие лица, од кои дел се претставници на социјално ранливи категории, не им понудил алтернатива за постојните продавнички. Не им било објаснето ни која е причината за прекин на користењето на куќичките.

Од Градот Скопје за Мета.мк потврдуваат дека корисниците на дрвените куќички се веќе известени дека во рок од 15 дена треба да ги ослободат куќичките од предметите кои се во нивна сопственост и да ги предадат на Градот Скопје во состојба во којашто ги примиле според Записникот. Градските власти објаснуваат дека не постои правен основ за нивно понатамошно користење, но и дека не е предвидено рушење на куќичките.

„Согласно Јавниот оглас за пријавување на интерес за користење на јавни површини од 02.03.2011, истите се давале на користење во период од 12 месеци со можност за продолжување. Корисниците во 2012 година склучиле договори со Градот Скопје во времетраење од една година, на кои договори склучувале анекси со важност до 31.01.2018 година. Од 01.02.2018 година корисниците веќе немаат никаков важечки договор со Градот Скопје за користење на куќарките на микролокациите. Во разговор со нив од претходниот градоначалник и секретар на Градот Скопје им било кажано дека и без никаков склучен договор можат да ги користат куќарките“, се вели во одговорот од Град Скопје.

Тие додаваат дека од вкупно девет корисници, кај продавачите на стари книги и други антикварни предмети од Кејот „13 Ноември“, седум се функционални тезги.

Ова практично значи дека продавачите на стари книги и други антикварни предмети ќе треба да бараат друга локација за да ја продолжат својата работа. На нашата констатација дека дел од продавачите се во тешка материјална положба, од Градот Скопје не одговорија на прашањето дали планираат да им најдат друга локација каде би можеле овие продавачи да ја продолжат својата дејност.

Дрвените куќички кои служат како продавници за стари книги и други публикации беа воведени во јули 2012 година како решение за „проблемот со дивите препродавачи на книги, односно несредениот начин на продавање стари книги“, според изјавата на тогашниот градоначалник Коце Трајановски. Според него, импровизираните тезги на кои се продаваа стари книги и стрипови создавале „грда слика за градот“.

Тогаш Град Скопје објави дека има инвестирано 4,5 милиони денари (околу 73 илјади евра) за градење на деветте куќички на кејот. Тие потоа преку јавен оглас беа доделени на корисниците за симболичен надомест од 500 денари месечно.

Условите за работа за продавачите во овие куќички и онака се исклучително тешки, бидејќи освен покрив над главата, односно простор за складирање на книгите, куќичките не нудат никакви други погодности. Луѓето се комплетно изложени на милост и немилост на временските прилики, без струја и со никаква можност за инсталирање уреди за греење или пристап до санитарен јазол. Само ако предметите се изнесат надвор на тезга, во куќичките има простор да влезе продавачот. Во случај на дожд, накиснуваат или книгите или продавачот. На дел од градбите може да се забележат и траги од обиди за обивање или крадење на книгите од минијатурните витрини со стакло.

Извор: Мета

Слични содржини

Јавни простори / Балкан / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото