Антидемократски софтвер

13.04.2022 01:41
Антидемократски софтвер

Совршена шпионска направа: минијатурен микрофон и камера секогаш прилепени за човечката „мета“, која покрај тоа доброволно избира истата направа да ја користи за огромен дел од својата текстуална, визуелна и гласовна далечинска комуникација. Се разбира, станува збор за смартфон, неизоставен додаток на огромно мнозинство припадници на човечкиот вид на почетокот од 21 век. Шпионскиот потенцијал на смартфонот до релативно неодамна претежно беше предмет на шпекулации. Најпосле, дали прислушкувањето телефони е нешто што и онака му претходи на смартфонот како изум? Кога станува збор, пак, за пресретнувањето мејлови итн., ни тоа не е нешто особено ново ниту корисникот е нешто посигурен ако користи компјутер.

А потоа кон средината на минатата година осумдесетина новинари од неколку медиумски куќи, вклучувајќи ги Гардијан, Ле Монд и израелскиот Харец, ги објавија резултатите од своето неколкумесечно истражување на шпионскиот софтвер Пегасус. Како што се покажа, израелската фирма НСО успешно направила „совршен“ вирус за смартфони, кој целосно ја презема контролата над камерата, микрофонот и сите апликации и покрај тоа лесно се инсталира без жртвата да мора да направи некаков безбедносен пропуст. Ова дигитално оружје е користено против илјадници политичари, новинари, борци за човечки права, адвокати итн., ширум светот. Некои од жртвите се и убиени, а за нивна полесна ликвидација во повеќе случаи мошне веројатно значително придонел надзорот кој е извршен преку Пегасус.

За сето тоа да биде понеобично, меѓу жртвите се најдоа и светски личности како претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, францускиот претседател Емануел Макрон, поранешниот француски премиер Едуар Филип и - неговата сопруга. Во основа, откако во далечната 2016 година беше откриено начелното постоење на Пегасус, бројот и распонот на жртвите и сторителите постојано се шири во сосема неочекувани правци. Фактот дека за „скандалот“ се пишува релативно малку, освен меѓу безбедносните „инсајдери“ во најголемите светски медиуми, тоа делумно е последица на сојузничкиот статус на државата Израел и важноста на нејзиниот приватен безбедносен сектор.

Улогата на државата

Значи, НСО е приватна фирма во земја која е еден од светските лидери во „безбедносната индустрија“, што вклучува производство на оружја и шпионски системи. За развојот на оваа индустрија најмногу помогна државната помош која е последица на фактот дека Израел се наоѓа во размерно непријателско опкружување, а уште повеќе фактот дека таа земја повеќе од половина век илегално го окупира Западниот Брег и го држи под опсада појасот Газа. Во тие територии живеат околу пет милиони обесправени Палестинци чија положба Амнести Интернешнел од неодамна ја класифицираше како апартхејд. Израел примарно ги гледа како „безбедносен предизвик“.

Во широката лепеза израелски „безбедносни“ фирми, НСО е во самиот врв, иако Пегасус е нивниот единствен познат производ. Неговата ефикасност е толкава што наводно не може да му конкурира ниеден друг сличен производ, дури ни оние кои ги користат американските служби. Затоа последниве десетина години токму Пегасус служеше како своевиден „Свет грал“ кој во својот арсенал посакаа да го имаат многу власти и служби, вклучувајќи ги и американските. Бизнис моделот на НСО начелно е едноставен. Впрочем, тој наплатува лиценца на месечно ниво и според бројот шпионирани смартфони во име на Пегасус кој е софтвер со „затворен код“, што значи дека не е можно да се копира.

Но во пракса, бидејќи начелно се работи за оружје, во одлуката за неговата продажба клучна улога има државата Израел. Наводно, токму таа поставила одредени правила на игра. Лиценцата смее да им се продава само на држави, а не, на пример, на приватни претпријатија, а наводно е оневозможено следење американски и израелски броеви. Но според новинарските откритија последново е демантирано. Се покажа дека контролата на толку сериозно оружје во пракса е многу тешка, дури и ако веруваме во вистинитоста на тврдењето за оригиналните „ограничувања“.

Лов на дисиденти

Во основа, Пегасус се покажа како - што би рекле Американците - лизгав терен. Начелно, тој е замислен како крајно средство, своевидна „нуклеарна опција“ (заради својата интрузивност), а сето тоа заради заштита на демократските земји од најопасни закани. Но, кога, на пример, ќе им го продадете Пегасус на САД или Германија за да ловат педофили или терористи, се поставува прашањето зошто да не им се продаде на членки на ЕУ и НАТО како што се Полска и Шпанија. Ако веќе го продавате на поширокиот круг сојузници, зошто да не им го продадете и на Мексико или на пример, Саудиска Арабија, која најпосле го користеше за лов на критичарот на режимот и колумнист на Вашинготн Пост, Џамал Кашоги, кого саудиските агенти го убија и распарчија во истанбулскиот конзулат. И така, со неколку чекори дојдовме од лов на педофили до распарчување новинари.

Меѓутоа, вистината за соработката со разни диктатори во ловот на опозиционери е уште помрачна. Имено, државата Израел со години го користела Пегасус како средство за купување сојузништва со десетици држави. Најистакнати меѓу нив сигурно се разните арапски апсолутистички монархии. Имено, изминативе години Ирзаел, повеќе или помалку, склучи формални сојузништва со Емиратите, Мароко, Бахреин и Саудиска Арабија. Со нив е предвидено дека овие земји заедно ќе се ориентираат против Иран и за тоа ќе добијат израелска помош, а за возврат, заедно со Израел, треба да се преправаат дека нивните арапски сестри и браќа Палестинците едноставно не постојат. Една од поважните добивки за арапските диктатори кои ќе се согласат со тој идеал бил и Пегасус.

Очекувано, софтверот се користел - колку што е познато - исклучиво против демократски дисиденти. Меѓутоа, интересно е дека тоа не е спецификумот на блискоисточните диктатури. Споменатата Шпанија го употребила Пегасус против некои претставници на Каталонија кои водат сосема мирно движење за самоопределување кое Шпанија го негира мошне насилно. Понатаму на исток, своите опозиционери и критичари со Пегасус ги напаѓале Полска и Унгарија. Овие две земји се особено интересни зашто изминативе години релативно нагло направија пресврт во однос на палестинското прашање.

Само дел од арсеналот

Својата претходна про-палестинска позиција тие начелно ја наследија од реалсоцијалистичките режими, а тамошните актуелни десничарски влади редовно и мошне отворено кокетираат со антисемитизмот. Но и покрај тоа, последниве години особено Унгарија, а во помала мера и Полска, во неколку наврати не само што ја „држеа страната“ на Изрел во однос на прашањата кои Амнести Интернешнел ги смета за делови на апартхејд, туку и ја блокираа ЕУ да осуди одредени постапки на државата Израел. Барем десет унгарски адвокати, повеќе опозициски новинари и барем еден опозициски политичар во истиот период станаа жртви на Пегасус. Во Полска се украдени пораки на опозициски политичари само внимателно курирани и објавени на режимската телевизија во рамки на политичката кампања на владејачката партија.

Иако не постои никаква докажана врска со Пегасус, познато е дека челникот на Република Српска, Милорад Додик во мај 2020 на седницата на народното собрание отворено се фалеше дека прислушкува политичари од опозицијата, наведувајќи детали за нивните кавги и повикувајќи ги и тие да ги слушаат неговите разговори... ако успеат да дојдат на власт. И покрај тоа, и покрај особено изразената про-израелска позиција на Додик, не е познато дали властите во Република Српска биле корисници на Пегасус. На крајот на краиштата, тоа не е ни нужно. Бидејќи за откривањето на размерите на користењето на Пегасус зборуваат многу „безбедносни стручњаци“, иако Пегасус веројатно е најмоќното шпионско оружје и моментално меѓу попознатите, тој никако не е единствениот алат со слични можности.

Во Израел се разви полемика дали тамошната полиција смеела да го користи Пегасус за надзор, на пример, на мировни активисти, но не е ни спорно ни непознато дека разни слични алати веќе со години стандардно се користат за истите потреби. Така, шпионирањето на граѓаните - спротивно на начелните ветувања кои се фалат дека се демократии - е сосема вообичаено средство за борба против безбедносните „загрозувачи“, но без преголеми проблеми лесно се прошири на политичките опонентни од актуелната гарнитура на власт. Пегасус и бројни други софтвери како него, кои без сомнеж се користат многу, исто така се фундаментално различни од програмите како ПРИСМ, откриена во 2013 година.

Приватноста на писмата

Со него американските тајни служби спроведуваа широк надзор на речиси сите корисници на интернет и тоа во тесна соработка со технолошките гиганти и телекомуникациските компании. Тоа откритие го присили свиркачот Едвард Сноуден на егзил, но и поттикна бројни корисници на интернет на промена на своите онлајн навики. Голем број алати како Тор, ВПН, ПГП, апликациите како Сигнал итн., се развиени во меѓувреме или нивното користење дополнително е популаризирано имајќи го предвид сето ова. Меѓутоа, тие се немоќни против оружје какво што е Пегасус. Дел од проблемот повторно произлегува од фактот дека огромен број смартфони се поврзани со компаниите како Гугл или Епл, чиј оперативен систем го користат, а токму тоа е слаба точка на секој „софтвер за приватност“.

Но дискусијата за технолошките гиганти, иако инаку важна, не ги покрива сите аспекти на оваа приказна. Проблемот со шпионирањето не е примарно технички, па ни решението не е техничко. Во текот на 19 век во многу земји тешко и крваво бил изборен принципот на „приватност на кореспонденцијата“, кој сè уште се наоѓа во многу светски устави. Иако за почитување на тој принцип нема никаква фундаментална разлика помеѓу коверт со ракописно писмо и смартфон кој користи апликација за чет, технолошките разлики ова божем го заматуваат, а државите го злоупотребуваат. Затоа, пред сè, прашањето не е што менуваат смартфоните во нашата комуникација, туку колку е спласната подготвеноста за борба за безбедност од надзор и политички прогон во 21 век.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Fredrik Carl Mülertz Størmer

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото