Нова европска директива против насилството над жените

15.04.2022 01:55
Нова европска директива против насилството над жените

На 8 март годинава Европската комисија објави нацрт Директива против насилството над жените. Директивата ќе ги криминализира силувањето кое се темели на несогласување, гениталното осакатување и сајбер насилството, а мерките предложени во рамки на Директивата се насочени на што полесен пристап до правна и психолошка помош за жртвите на насилство. Избивањето на пандемијата доведе до зголемено насилство над жените и семејно насилство, вклучувајќи го и онлајн насилството. Се проценува дека секоја трета жена во ЕУ доживеала насилство, а меѓу жените кои доживеале сексуално вознемирување, една третина го доживеале на работното место. Европските синдикати ЕТУЦ не се задоволни од предложената Директива зашто тврдат дека не прави доволно по прашањето за спречување на насилството на работното место, и наведуваат податоци дека работничките често пријавуваат насилство и вознемирување на работното место: 16 проценти од жените во ЕУ пријавиле дека доживеале најтежок облик на насилство токму на работното место (кога ќе се исклучи насилството насилството од страна на партнерот), 63 проценти од работничките во секторот транспорт во ЕУ доживеале насилство на работното место, а една четвртина од нив вознемирувањето го сметаат за дел од својата работа. Работничките во услугите и трговијата доживуваат насилство и злоставување „значително почесто“ од работничките во останатите сектори.

Мерките за спречување на насилството на работното место се многу занемарени, а Директивата не предлага многу практични решенија како јакнење на колективното преговарање за работничките, велат претставниците на Европската синдикална конфедерација (ЕТУЦ). Европската синдикална конфедерација со анализа на нацрт Директивата утврдила дека на нацрт Директивата ѝ недостасуваат практични решенија кои би обезбедиле работничките да бидат заштитени од насилство и вознемирување на работното место, и од работодавачите не се бара да воведат мерки за спречување на родово заснованото насилство и вознемирувањето, вклучувајќи го и сајбер насилството (како онлајн следењето и вознемирувањето). Нацрт Директивата не ја признава врската помеѓу семејното насилство и работното место и ги игнорира веќе осмислените решенија за поддршка и заштита на жртвите на семејно насилство преку колективните договори кои ги осмислиле синдикатите.

Европските синдикати сметаат дека зачленувањето во синдикат сè уште е еден од најдобрите начини за борба против насилството и злоставувањето на жените, како во живо така и онлајн, на што Директивата не става акцент. Заменичката на главниот секретар на Европската синдикална конфедерација, Естер Линч, изјави: „Насилството и вознемирувањето на жените на работното место експлодираше во пандемијата, при што продавачките, работничките во транспортот и негувателките соочени со зголемено физичко злоставување, но и жените кои работат од дома се соочени со нови облици на сајбер вознемирување преку наметливи алатки за следење, кои сè почесто ги користат работодавачите.

Линч додаде дека е разочарувачки што има насилство на работното место, и дека најпрактичното решение - колективното преговарање - е занемарено во овој важен правен документ. Посочи и на докази дека повисокиот степен на демократија на работното место и доделувањето јасни улоги на претставниците на синдикатите за здравје и безбедност резултираат со побезбедни работни места: „Предлогот на Комисијата е добар почеток, но потребни се промени за да се обезбеди работничките и нивните синдикати да бидат овластени да преговараат за безбедно работно опкружување. Исто така, потребна е поголема заштита кога станува збор за онлајн злоставувањето. Работењето од дома покажа дека тоа што некој работи од дома не значи и дека е заштитен од насилство и вознемирување на работното место.“ На крајот Линч истакна дека Директивата не може да ја замени ратификацијата на Конвенцијата 190 на Меѓународната организација на трудот и Истанбулската конвенција и дека изненадува недостатокот на поддршка за ратификација на Истанбулската конвенција од страна на Европската комисија.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Flore Gardner

Извор: https://www.bilten.org/