Една историја покриена со шал (фрагмент)

15.04.2022 10:08
Една историја покриена со шал (фрагмент)

 


РЕВОЛУЦИЈАТА

Кога во Пеќ стигна револуцијата, го затекна дедо ми во намерата да го подмири последниот дел од долгот за дуќанот. Најголемиот дел од долгот го беше исплатил, но му остана овој последниов, не бидејќи ги немаше, но од причина што на Мендух Али Бег, многу имотен човек во Пеќ од кого го беше купил дуќанот, не му беше до пари тие денови. (Ќе го застрелаат токму среде градот, кај Песочниот мост). „Вака ќе страдаат сите бегови и беглери, крвопии и предавници!” (...)

 

ШАЛОТ

Ариф, мојот дедо, беше горјанин. Од селото Дрелај, во Ругово. Едното од единаесетте села од страната на сонцето. Горјаните од страната на сонцето се разликуваа по тоа што беа црномурести, наспроти оние малкумина останати од страната на сенката кои имаа некаква милост на невеста на лицето.

Ругово е оној дел од низата планини што и го беа дале името Проклета*, која како во привидение, ти го зграпчува погледот додека си восхитен од прочуената Руговска клисура, од милоста на Возвишениот и од гребените од врвовите на коишто има снег и среде лето. Онаму, од страната на сенката.

Руговјаните не се разликуваа само по сонцето, кое го сметаа за Божје око, во име на кое ги беа запуштиле сите обичаи на луѓето, туку се разликуваа и по облаците: на оние што се родиле над облаците и на останатите, што се родиле под облаците. Во најголемиот дел, руговските првенци се состоеа од оние, што кога се родиле облаците биле под нив. Доколку се случело, како со Божја волја, некое од децата не само да се родело над облак, туку и папочната врвца да му била обвиткана околу вратот или пак да се родело со перчин под пазувот, руговјаните запирале со убивањето помеѓу себе, со неслогата и со расправиите и ги започнувале подготовките, за по којзнае кој пат, да ја завртат пушката кон непријателот.

Ариф беше од таквите што се беа родиле под облаците. Дошол во Пеќ како младо момче, штотуку оженето, за да најде работа. Од останатите руговјани, што беа дошле во Пеќ пред него, се разликуваше по карактеристичниот руговски шал, со кој се замотуваше ќулафката, бидејќи беше бел како снегот од пасиштата на Проклетата планина. „Вакви бели беа и нашите во првите денови“, му велеа руговјаните што беа дошле пред него. „Но, никогаш веќе шалот нема да ти биде вака бел како што ти е денеска“, му велеа тие со некаков фатализам што ја правеше мистеријата на потемнувањето на нивните шалови уште понедофатлива. Колку и да го переш шалот, тој нема да стане побел, туку ќе потемнува“, му велеа на збунетиот Ариф кој не веруваше во мистерии. Тој го беше втренчил погледот врз шаловите на своите руговјани, споредувајќи ги. „Што значи ова нивно верување“, си помисли. Нивните шалови се бели!

Едниот од руговјаните, чиј поглед помина преку Ариф, запирајќи на пасиштата над градот, го намести гласот, се искашла и со некаков патос на епските гусларски песни рече: - Шалот останува бел само во Ругово!

*географското име на овој планински венец е Проклетије, дел од масивот на Албанските алпи на тромеѓето помеѓу помеѓу Албанија, Косово и Црна Гора (заб. прев.)

 

КОМЕТАТА

Мислењето на руговјанинот беше клучот што ја отвори никогаш претходно отворената кутија на сеќавањата на Ариф, од каде разгорени блеснаа сликите на кои Ариф се присети и ги виде за прв пат такви блескави со позлатениот сјај на сеќавањата. Тој ја виде кометата што се појави од кај Врвот на Хасан и Превојот на кукавицата, помина преку Црниот врв, а нејзината опашка го погали Превојот на Ѓон, се одрази за миг во ледените води на Бистрица исплашувајќи ги рибите, го спржи мазниот образ на Неќинатското езеро протресувајќи ги пасиштата на Љумбарди што се гордееа со него и се изгуби некаде зад Големиот врв; го здогледа под светлината што таа ја остави зад себе чопорот кучиња што разулавени лаеја и завиваа поминувајќи де на страната на Карадак де на албанската страна во некаква линија цикцак, како да ја исцртуваа линијата што ѝ претходеше на една страотна војна; ги виде пастувот и кобилата на Гал што, како и нескротливите кокошки, беа обземени од некаков внатрешен немир; го побара Гал во другата слика, каде што јуреше едно стадо овци, но не го виде; почувствува некакво раздвижување во ледените води на Неќинат, предизвикано од она вознемирено стадо овци што во незадржливиот полет го беа турнале овенот предводник во езерото, бранувајќи го мазниот езерски образ со неколку кругови вода што се прекршуваа од расчекорените бели нозе на Ѕуфа која на другата страна од езерото го беше кренала здолништето, па со неговата ледена вода се обидуваше да ги замрзне малите одвај видливи суштества на нејзиниот пубис со боја на орев; ги виде отворите на пушките (мартинките, хутите и кокинките на горјаните) што ги откри кометата онаму од страната на сонцето и ги слушна лимените одеци на црногорската воена музика, ‘ржењето на коњите што ги влечеа топовите и песната „Онамо, онамо“ (Онаму, онаму) на војската што се движеше со својот чекор, онаму од страната на сенките; ја слушна узбуната и бучавата на војската; виде еден висок и сув човек, со полуцилиндер, облечен необично, како „dandy“, во чија рака сјаеше голема светилка; му го обзеде погледот блесокот на магнезиумот што го осветли и го фати на фотографската плоча неговиот поглед вкочанет од страв; со очите во кои блескаа илјадници искри одвај препозна една чудна жена со фотоапарат, која ја следеше војната помеѓу Црногорците и Албанците и носеше на главата некаков шешир од слама, што му се чинеше смешен; го пронајде Гал во сликата каде се беше сокрил зад смреката и мастурбираше гледајќи ја Ѕуфа онака расчекорена и со кренато здолниште; го почувствува пукотот што го почувствува и Гал додека се перпелкаше на врвот на екстазата; ја проследи со поглед кометата, што пред да се изгуби некаде таму, зад Големиот врв, го осветли за миг погледот на Гал вкочанет од задоволство, во чие видно поле смртта беше фатена како екстаза. И виде како над сите нив се спушти и ги прекри еден голем бел шал.

 

КЛЕПСИДРАТА

Ариф блесна однатре и колку и сликиве да му се чинеа овие неповрзани, тој како да ја дофати нитката на ова убедување на Руговјаните. Никогаш веќе светот нема да биде таков каков што бил. Според тоа, шалот останува бел само во Ругово. Колкупати ќе се спомнеше зборот Ругово, ним срцето им се превртуваше копкајќи им по изворот на болката што ги поткопуваше. Со слегувањето од Ругово во Пеќ тие доаѓаа од еден свет каде што времето се мереше со свеќи и течеше од долу угоре, влевајќи се во небото каде што ќе се влееја еден ден и нивните души (оној ден што ни е на сите испишан на челото), во еден друг свет каде што времето се мереше со клепсидра и течеше одгоре удолу. Руговјаните беа убедени дека, како што реките и водата се влеваат во океанот, исто така и времето кое не е ништо друго освен невидлива река, се влева во небото, во тој бескраен, безвременски океан. Свеќата им беше само симбол на тоа влевање, симбол на нешто што се троши, што гори како времето и како животот.

Се беше променил принципот на мерење на времето, правејќи го нивниот принцип на мерење поразен. (Ова го посведочија со самото нивно доаѓање од Ругово во Пеќ, како да беа во една голема Божја клепсидра). „Големата рака на Неправедниот го преврте и го намести светот наопаку!“, велеа Руговјаните. Тие ја почувствуваа морничавоста на загубата. Беа губитници. И за оваа загуба, покрај начинот на мерење на времето, како причина го земаа и - електрицитетот!

Руговјаните не ја беа изгубиле битката со Србите и со Црногорците. Тие ја беа изгубиле битката со дваесеттиот век. Тој беше стигнал пред време. (Според начинот на мерење на времето во Ругово тој требаше да дојде после педесет години.) Дваесеттиот век за Руговјаните беше „една блескава ноќ“! За нив дваесеттиот век уште не беше заблескал. Поради тоа беа несреќни. И, што е најлошо, беа совладани. (...)

Фрагмент од Migjen Kelmendi, GRYKA E KOHES nje histori mbuluar me shal (Една историја покриена со шал)

Превод: Алида Муча

Графики: Eric Fraser FSIA (1902-1983)

Миѓен Келменди (1959) е автор и публицист од Косово. По прв пат станува познат како вокал на музичката група Gjurmet. Во периодот помеѓу 1978 и 1983 година го завршува Правниот факултет на Универзитетот во Приштина; се ангажира на одговорни работни позиции во РТ Приштина, а подоцна и во американско-албанската телевизија „Викторија“ во Њујорк. Основач е на неделниците Еpoka во 1991 г., а во 2001 и на неделникот Java. Во периодот помеѓу 1997и 1999 е именуван од Владата на Косово во егзил за главен уредник на сателитската програма на албански јазик, што се емитува страна на Албанската телевизија. Специјализирал во областа на менаџмент во медиумите на Concordija University во Монтреал - Канада. Во периодот 2000/2001 е прв директор Албанец на РТ Косово.

Попознати објавени книжевни дела: „Поминот низ времето“ - („Дукаѓини, Пеќ“, 1994 г.), „ММ“ - ( Приштина), „Carere Patria - недостаток на татковина“ („Чабеј“, Тирана,1997 г.).

ОкоБоли главаВицФото