Древните градби во Ирак се уништуваат поради климатските промени

15.04.2022 15:27
Древните градби во Ирак се уништуваат поради климатските промени

Остатоците од градот Вавилон, кој датира од пред околу 4000 години, сега се под влијание на климатските промени. Зголемените нивоа на сол ги уништуваат неговите древни ѕидови.

Некои од најстарите градби во светот се уништуваат од климатските промени, бидејќи зголемените концентрации на сол во Ирак ги јадат тулите од кал и почестите песочни бури ги нагризуваат античките чуда.

Ирак е познато како лулка на цивилизацијата. Тука се родило земјоделството, тука биле изградени некои од најстарите градови во светот, како што е сумерскиот главен град Ур, и бил развиен еден од првите системи на пишување - клинестото писмо. Земјата има „десетици илјади локалитети од палеолитот до исламската ера“, објасни Аугуста Мекмахон, професорка по Месопотамска археологија на Универзитетот во Кембриџ.

Оштетувањето на локациите како што е легендарниот Вавилон „ќе остави празнини во нашето знаење за човековата еволуција, за развојот на раните градови, за управувањето со империите и за динамичните промени во политичкиот пејзаж во исламската ера“, додаде таа.

Оригиналната порта на Иштар во Вавилон.

Месопотамија, земјата помеѓу двете реки на денешен Ирак, е богата со сол (mun на сумерски) што природно постои во почвата и во подземните води. Текстовите со клинесто писмо ја спомнуваат професијата собирач на сол и ја опишуваат употребата на сол во сè, од зачувување храна, до здравствена заштита и ритуали. Има една сумерска поговорка која вели дека основните животни потреби се леб и сол: „Кога сиромав човек ќе умре, не оживувајте го. Кога имал леб, немал сол. Кога имал сол, немал леб“.

Солта во почвата може да им помогне на археолозите во некои околности, но истиот минерал може да биде и деструктивен и уништува локалитети на културно наследство, според геоархеологот Џафар Џотери, кој ја опиша солта како „агресивна ... ќе го уништи локалитетот - ќе ги уништи тулите, клинестото писмо, ќе уништи сè“.

Деструктивната моќ на солта се зголемува бидејќи концентрациите се зголемуваат поради недостигот на вода предизвикан од браните изградени возводно од Турција и Иран, и долгогодишното лошо управување со водните ресурси и земјоделството во Ирак.

„Соленоста во реката Шат ал-Араб почна да се зголемува од ‘90-тите“, рече Ахмад Н А Хамдан, градежен инженер кој го проучува квалитетот на водата во реките во Ирак. Во неговите набљудувања, Шат ал-Араб - формиран од сливот на Тигар и Еуфрат – во годишните тестирања покажува лош или многу лош квалитет, особено во 2018 година, која тој ја нарече „кризна“ година кога од соленкавата вода е разболеа најмалку 118.000 луѓе во јужната провинција Басра за време на суша.

Климатската криза дополнително го зголемува проблемот. Ирак е се’ потопол и посув. Обединетите нации проценуваат дека просечните годишни температури ќе се зголемат за 2 целзиусови степени до 2050 година со повеќе денови со екстремни температури од над 50 целзиусови степени, додека врнежите ќе се намалат за дури 17% за време на сезоната на дождови, а бројот на бури од песок и прашина ќе се удвои од 120 годишно на повеќе од 300. Во меѓувреме, зголемената морска вода турка сол нагоре во Ирак и за помалку од 30 години, делови од јужен Ирак би можеле да бидат под вода.

„Замислете во следните 10 години, повеќето од нашите локации ќе бидат под солена вода“, рече Џотери, професор по археологија на Универзитетот Ал-Кадисија и кoдиректор на ирачко-британската мрежа Нахреин која го истражува ирачкото наследство. Тој почнал да забележува штета од солта на историските места пред околу една деценија.

Минарето на Големата џамија на Самара, во Самара, кое е еродирано од песочните бури.

Едно место кое претрпело значителна штета е Вавилон, локалитетот признат од УНЕСКО, главниот град на Вавилонската империја, каде солен слој обложува 2600 години стари калливи тули. Во храмот на Иштар, сумерската божица на љубовта и војната, основата на ѕидовите се распаѓа. Во длабочините на дебелиот ѕид, солта се акумулира додека не се кристализира, пукајќи ги тулите и предизвикувајќи нивно распаѓање.

Други локации што се погодени се Самара, главниот град од исламската ера со своето спирално минаре кое е еродирано од песочните бури и Ум ал-Акариб со неговиот бел храм, палатата и гробиштата кои пустината ги проголтува.

Оваа година Ирак загуби дел од своето културно наследство. На работ на пустината, 150 километри јужно од Вавилон, се наоѓа корито од сол кое некогаш било езерото Сава. Тоа беше дом на најмалку 31 вид птица, вклучувајќи ја сивата чапја и речиси загрозената црна патка. Сега е целосно сув поради прекумерната употреба на вода од околните фарми и климатските промени. Неспроведувањето на прописите за користењето на подземните води значи дека земјоделците можат слободно да дупчат бунари и да засадуваат полиња со пченица што се извор на бујно зеленило во правливиот пустински пејзаж.

„Кога бев дете се сеќавав дека езерото Сава е големо езеро, големо езеро. Изгледаше како море. Но сега го нема. Целосно исчезна. Немаме повеќе езеро“, вели Џотери.

Пустинските растенија растат таму каде што некогаш имало вода, а Сава е предодредена да стане уште еден извор на песочни бури.

Извор: Гардијан

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото