Агентите на фашизмот

18.04.2022 02:55
Агентите на фашизмот

Првично бев воодушевен, си реков „машала, конечно Македонците се освестија кој е Ванчо Михајлов”, ама кога погледнав одблизу, сфатив дека се работи за уште едно влечење за нос од вмро на целата јавност. Мислев дека се свртивме повторно кон антифашизмот, кога гледам дека најгласни во борбата против новиот културен центар со грозно име, се луѓето и групите кои го рехабилитираа Ванчо Михајлов последниве 30 години.

Но, всушност не ме чуди, зашто тие и самите не знаат што се (културно, по идеологија, е јасно дека се фашисти): едно време беа антички македонци, па Хунзи, па расколени православци, па горди србо-русо-братски словени… Луѓето кои му креваа музејски поставки на Ванчо Михајлов, кои ги менуваа историските читанки, кои снимаа 1001 документарец со Жежов и Ачковска за ваквите ликови и нивните епизоди, луѓето кои го отфрлаа антифашизмот како идеологија на народноослободителното движење и елегантно го заменија со национализмот кај партизаните, сега се демек шокирани што членови на нивната партија и идеолошка матрица слават еден заеднички фашист со Бугарите.

Сепак, би сакал да ви укажам на вториот фронт што го водат нивните агенти меѓу непартиската јавност. Според методите на Ванковска, на почетокот на аргументацијата се истакнува неутралноста на авторот (демек не е ни за едните ни за другите па двете страни се критикувани), за после неколку реда да се застапуваат отворено ставовите на едната страна. Па така, матицата на неутровмраната на фејсбук, екологистка во моментов, ќе ви шерува песни и спотови кои само што не ви кажале да гласате за вмро. Херојството на Македонецот, неговата трудна жена која плаче носејќи го неговото крвно наследство, националистичкиот симбол на Голема Македонија шест пати во крупен кадар, крстови, соколи, воинствени тапани во простор, тоа е естетиката на спотот со кој сега сакаме да им покажеме на Бугарите кои сме (иронично, пола спот е сниман во Бугарија).

Овој национал-шовинизам беше сериозно гонет во антифашистичка југославија зашто се сметаше за фашистичко семе и рецепт за војна меѓу народите. И сега од поранешниот фашизам на вмро ќе нѐ бранат со национал-шовинизмот на дпмне? Со рок-ќосиња што единствено пеат на партиски митинзи, што пеат само туѓи (националистички) песни, што ни ја преработија „нешто ќе те питам бабо” и тоа им е најголемиот хит, со нив нѐ бранат од фашизмот!?

Не е воопшто чудно ни што Путин на истиве луѓе успева да им ја продаде приказната за денацификација на Украина. Тоа се луѓе оперирани од критичко размислување и агенти на фашистите со задача да го подриваат единството кај антифашистите.

Сликите се од спотот „Кога падна на Пирина“ од бендот Некст Тајм