1021 hPa
76 %
8 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 16:01
Визуелизација на крстот во Драечво (лево) и крстот во Аеродром (десно)
Во Драчево ќе започне изградба на крст со височина од 63.5 метри, втор по големина во државата?! Зар ова е натпревар и треба во Македонија да имаме колекција од кич сувенири на крстови?!
Милениумскиот крст е еден и така треба да остане. Тој има контекст, пропорција, соодветна местоположба и конструктивна естетика. Неговата видливост од далечина и појавност на небото има симболика и филозовска поткрепа. Копирањето на неговата естетика и умножувањето како во кинеска фабрика не е симбол на силна вера, неговото садење во слични димензии во низина е погрешна пропорција, додека лоакциите се целосно урбанистички несоодветни.
Истата грешка се гледа од аспект на функција, димензија, урбанизам, естетика и оправданост, кај параклисите расфрлани низ Аеродром (овој пат во обратен правец – премали без капацитет), кои потоа околу себе развија дополнителни објектчиња за реалните потреби на свештенослужителите. Повторно одраз на лоши одлуки донесени на кафе муабет, далеку од консултирање со професијата или пак вистинска теолошка подлога на делувањето. На Аеродром му недостасуваа вистински храмови, не мали црквички кои во големианта на зградите се губат, до ниво на урбана опрема.
На ниту еден од новите крстови во скопската котлина не им е таму местото, ниту еден од нив има архитектонска вредност бидејќи се копија, ниту еден од нив има црковна функција! Разочарува и понатамошното прифаќање на секакви идеи и иницијативи од страна на црквата. Зар МПЦ-ОА нема лични видувања и тим кој ќе ги разгледа ваквите иницијативи? Зар се' што има крст е веднаш прифатливо?! Овие идеи се еднакви на панаѓур и не не носат ниту кон верата, ниту не приближуваат кон Бога (за оние кои веруваат) туку кон често критичниот естетски традиционализам, добра подлога за „ремет“ од атеистите и останатите религии, додека за општината и урбанистите укажува за една безидејност за просторот, немање критички став за работите.
Сите вакви донации да беа насочени кон Милениумскиот крст за негово довршување и уредување или пак за довршување на Црквата „Св. Константин и Елена“ ќе се направеше вистински чекор. Крстот во Драчево доколку навистина е потребен, може да биде со друга естетика и сигурно ќе заврши работа со 2-3 метри височина. Ако е верата во прашање и од таму доаѓаат неговите димензии тогаш сме многу тажни.
Извор и линк до целосниот текст: МАРХ