За вашата и нашата слобода

19.04.2022 12:43
За вашата и нашата слобода

Слика: Ентони Фреда

Завршно обраќање на судењето на Ала Гутникова, 23-годишната уредница на московското студентско списание Doxa. Гутникова во април минатата година беше осудена на домашен притвор и доби забрана да користи интернет, поради триминутното видео во кое таа и нејзините соуредници говорат дека исфрлањето студент(к)и од факултетите поради учество на протести е противзаконско. Оттогаш, поранешните уредници на Doxа се во домашен притвор. Бројни јавни личности, невладини организации, здруженија и независни медиуми изразија поддршка за поранешните уредници на Doxa.

На 8 април 2022 година, судскиот процес заврши со пресуда за двегодишна затворска казна со принудна работа (не е јасно каде и како ќе се изврши оваа казна) и тригодишна забрана за администрирање веб-страници.


Нема да зборувам за случајот, за претресите, испрашувањата, белешките, судењата. Тоа е бесмислено и бесцелно. Во последно време следам часови по замор и огорченост. Но, дури и пред моето апсење ја учев вештината да зборувам за вистински важните нешта.

Би сакала да зборувам за филозофијата и за книжевноста. За Бенјамин, Дерида, Кафка, Арент, Зонтаг, Барт, Фуко, Агамбен, Одри Лорд и Бел Кукс. За Тимофеевa, Тлостанова и Рахмањинова.

Би сакалa да зборувам за поезијата. За тоа како да се чита модерната поезија. За Гронас, Дашевски и Бородин.

Но, сега не е ни време ни место за тоа. Своите мали, нежни зборови ќе ги скријам на врвот на јазикот, на дното на гркланот, помеѓу желудникот и срцето. И ќе изречам само малку.

Често се чувствувам како рипка, птица, ученичка, бебе. Но, неодамна се изненадив кога дознав дека Бродски исто така бил изведен на суд на 23 години. А бидејќи и јас сум дел од човековиот род, ќе го кажам ова:

Во кабалата постои концептот tikkun olam – исправување на светот. Гледам дека светот не е совршен. Верувам дека, како што напишал Јехуда Амихај, светот е создаден убав, создаден е за добро и за мир, како клупа во градина (во градина, не во судница!). Верувам дека светот е создаден за нежност, надеж, љубов, солидарност, страст, радост.

Но, во светот постои ужасно, неподносливо многу насилство. А јас не посакувам насилство. Во ниеден облик. Ниту во облик на учителска рака во панталоните на ученичка, ниту во облик на тупаница на пијан татко врз телата на жената и децата. Кога би го набројувала сето насилство што ме опкружува, ден, недела ниту година не би ми биле доволни. За да го видите насилството околу себе треба само да ги отворите очите. Моите очи се отворени. Гледам насилство и не го сакам. Колку повеќе го има, толку помалку го сакам. А најмалку го сакам најголемото и најстрашното насилство.


Ала Гутникова

Многу сакам да учам, па ќе продолжам да зборувам со гласовите на другите.

Во училиште на часовите по историја ги учев изразите „Вие ја распнувате слободата, но човековата душа не познава окови“ и „За вашата и нашата слобода“.

Во средно училиште ги читав „Реквием“ од Ана Андреевна Ахматова, „Стрмна патека“ од Евгенија Соломоновна Гинзбург, „Укинат театар“ од Булат Шалвович Окуџава, „Децата на Арбат“ од Анатолиј Наумович Рибаков.

Ова беше мојата омилена песна на Окуџава:

Совест, благородност и достоинство
Еве ги, светите наши воини.
Пружи им го својот длан,
Нема страв за нив, ни в'оган.

Ликот им е горд и восхитувачки.
Посвети им го својот кроток век:
Дури и ако не биде победнички,
Ќе умреш како човек!

Студирав француски на Московскиот државен институт за меѓународни односи и таму го чув стихот од Едит Пјаф: Ça ne pouvait pas durer toujours (Не може да трае засекогаш). И од Марк Робин: Ça ne peut pas durer comme ça (Не може вака да продолжи).

На деветнаесет години отпатував во Мајданек и во Треблинка и научив да велам „никогаш повеќе“ на седум јазици: никогаш повеќе, jamais plus, nie wieder, לא עוד, nigdy więcej, קיינמאל מער.

Ги проучував еврејските мудреци и најмногу ги засакав следниве две мудрости. Рабинот Хилел рекол: „Ако јас не сум за себе, тогаш кој е за мене? Ако сум само за себе, тогаш зошто сум јас? Ако не сега, тогаш кога?“ А рабинот Нахман рекол: „Целиот свет е тесен мост а најважно е човек воопшто да не се плаши“.

Подоцна студирав културолошки студии и научив уште неколку важни лекции. Прво, дека зборовите се важни. Второ, дека нештата треба да се нарекуваат со нивното вистинско име. И, конечно: sapere aude, односно, имај храброст да го користиш сопствениот ум.

Смешно и апсурдно е што мојов судски случај е поврзан со учениците. Предавав хуманистички науки на деца на англиски јазик, работев како дадилка, чезнеев да одам во мал град на две годни како дел од програмата „Учител за Русија“ и да го сеам разумното, доброто, вечното. Но, Русија – преку устата на државниот обвинител Трјакин – смета дека сум вмешувала малолетници во активности опасни по живот. Ако некогаш имам свои деца (а ќе ги имам, зашто ја помнам главната заповед), на нивниот ѕид ќе го закачам портретот на прокураторот на Јудеја, Понтиј Пилат, за тие да пораснат во чесни луѓе. Прокураторот Понтиј Пилат стои и си ги мие рацете – ете така ќе изгледа портретот. Да, сега да се размислува и да не се биде рамнодушен е опасно по живот. Јас не знам што да кажам за суштината на обвинението против мене. Си ги измивам рацете.

А сега е часот на вистината. Час по читање.

Ни јас ни моите пријатели не можеме да најдеме место за себе од сиот тој ужас и болка. Но кога се спуштам во метрото, не гледам лица влажни од солзи. Не гледам расплакани лица.

Ниедна од моите сакани книги – ниту за деца, ниту за возрасни – не подучувала на рамнодушност и кукавичлук. Никаде не ме учеле на овие фрази:

ние, луѓето, сме мали

јас сум едноставна личност

не е сè така еднозначно

никому не смее да му се верува

ништо од тоа не ме интересира

што подалеку од политика

тоа не е моја работа

од мене ништо не зависи

надлежните органи ќе сфатат

што можев јас да направам


Напротив, познавам и љубам целосно поинакви зборови.

Џон Дон преку Хемингвеј вели:

Ниеден човек не е остров, сосем сам за себе; секој човек е дел од континент, дел од земјата; ако морето однесе грутка земја – Европа станува помала, како да однело некој ‘рт, посед на твој пријател, или твојот сопствен; смртта на секој човек ме смалува и мене зашто сум опфатен во човештвото; затоа никогаш не прашувај за кого бијат камбаните: тие бијат за тебе.

Махмуд Дарвиш вели:

Кога подготвуваш појадок, мисли на другите
(не заборавај да ги нахраниш гулабите).
Кога војуваш, мисли на другите
(не заборавај ги оние кои бараат мир).
Кога плаќаш сметка за вода, мисли на другите
(оние кои се хранат од облаците).
Кога се враќаш дома, мисли на другите
(не заборавај на луѓето во логорите).
Кога спиеш и ги броиш ѕвездите, мисли на другите
(оние кои немаат каде да спијат).
Кога своите мисли ги изразуваш во метафори, мисли на другите
(оние кои го изгубиле правото на глас).
Кога размислуваш за оние кои се далеку, помисли на себе
(речи: Ах, да сум барем свеќа во мракот)

Генадиј Головатиj вели:

Слепите не можат гневно да гледаат,
немите не можат бесно да викаат.
Безраките не можат оружје да држат,
Безножните не можат напред да маршираат.
Но – немите можат гневно да гледаат,
Но – слепите можат бесно да викаат.
Но – безножните можат оружје да држат
Но – безраките можат напред да маршираат.

Некои луѓе се плашат, знам. Тие избираат молк.

Но, Одри Лорд вели:
„Вашата тишина нема да ве заштити.“

Во московското метрo велат:
„На патниците им е забрането да бидат во воз кој вози во ќорсокак.“

А петербуршкиот „Аквариум“ додава:
„Овој воз е во пламен.“

Лао Це преку Тарковски вели:

„Најважно е самите да веруваат во себе и да станат беспомошни, како деца. Зашто слабоста е велика, а снагата е ништовна. Кога се раѓа, човекот е слаб и свитлив, а штом умре, тој е тврд и неосетлив. Кога дрвото расте, тоа е нежно и флексибилно, а кога е суво и тврдо – умира. Неосетливоста и крутоста се придружници на смртта. Слабоста и флексибилноста ја изразуваат свежината на битието. Затоа, она што стврднало нема да победи.“

Запомнете дека стравот ја јаде душата. Сетете се на ликот на Кафка, кој, здогледувајќи како поставуваат бесилка во затворскиот двор, погрешно помислил дека е наменета за него, па ноќта избегал од ќелијата и се обесил.

Бидете како деца. Не плашете се да се прашувате (себеси и другите) што е добро а што лошо. Не плашете се да речете дека кралот е гол. Не плашете се да врескате, да прснете во плач. Повторувајте (себеси и на другите): 2 + 2 = 4. Црното е црно. Белото е бело. Јас сум човек, силен сум и храбар. Силна сум и храбра. Силни сме и храбри.

Слободата – тоа е процес во кој ја развивате навиката да бидете недостапни за ропството.

Поранешните уредници на Doxa: Армен Арамјан, Ала Гутникова, Володија Метелкин и Наташа Тишкевиќ

Извор: Doxa Journal / Jergovic.com
Превод: Ф.К.