1019 hPa
72 %
17 °C
Скопје - Пет, 14.08.2026 04:59

1. Зошто пишувате?
Затоа што се чувствувам подобро кога пишувам отколку кога не пишувам.
2. Кои книги ја одредија вашата желба за пишување?
Не сум сосем сигурна дали тоа беа книги...
3. Раскази или романи?
И раскази и романи. Но, по овој редослед.
4. Кој е најинтересниот концепт за телото на кој сте помислиле?
Веројатно очекувате да кажам „оној на Лу Саломе“ (заради мојот роман од 2005 – „Заклученото тело на Лу“), ама сепак ќе речам „оној на Илина Јакимовска“. Првиот го готвев самата, вториот отмено ми беше послужен. Секој сака да биде „гостин на масата“.
5. Од кој предмет од своето опкружување би можеле сосема лесно да се откажете?
Од стутканите фискални сметки во џебовите.
6. Кој вид патување ви е омилено?
Не знам кој вид, но знам кој дел од патувањето ми е омилен: враќањето дома.
7. Кои се книгите кои некој друг ги напишал, а би сакале токму вие да сте ги напишале?
„Богот на малите нешта“ од Арундати Рој, „Ламаринениот барабан“ од Гинтер Грас, „Се викам Црвено“ од Орхан Памук, „Цинк“ од Давид Албахари... последниот расказ од новата книга на Шлинк „Летни лаги“ кој се вика „Патување на југ“... Треба да бројам до 100?
8. Цитат што сте го повториле повеќе од 5 пати?
„Лаконството е мајка на екстензијата“.
9. Кое уметничко дело никогаш нема да ви стане здодевно?
„Бакнежот“ од Густав Климт.
10. Реалноста е...
Циклама на прозорецот што забораваме да ја полеваме.
11. Со кои 5 историски личности би сакале да вечерате?
Повеќе би сакала да вечерам со 5 лика од книжевноста: со Кавалиере од „Вљубеник во вулканот“ на Сузан Сонтаг, со Хектор Пуаро на Агата Кристи, со Жилиен Сорел од „Црвено и црно“ на Стендал, со Тита од „Како вода за чоколада“ на Лаура Ескивел и со двете селски учителки од расказот „Додека паѓаше дожд“ на Бранко Варошлија.
12. Доколку вие сте одговорна за приготвувањето на храната, што би им приготвиле?
Мед и млеко.
13. Ве интересира ли проблемот на климатските промени?
Не особено, иако мислам дека е неправедно постојано да владеат само летото или зимата.
14. Што би промениле во вашето секојдневно опкружување?
Глетката од канцеларијата.
15. Што сакате другите да очекуваат од вас?
Не премногу сериозни одговори.
16. Македонија е...
Низа суви пиперки на терасите за кои никој никогаш не знае со сигурност дали се благи или лути.
17. Место во Македонија кое треба да се посети?
Она кај што си се родил, ти или некој твој драг човек.
18. Доколку Скопје би бил голем трговски центар, каде би било местото во кое вие би се чувствувале најудобно?
На подвижните скали.
19. Сакате ли прашалници?
Повеќе сакам точки.
20. Оливера Ќорвезироска е...
Мајка на Мирна и Војдан.