„Феминистички народни песни“ - нова илустрирана книга од Темплум

20.04.2022 15:24
„Феминистички народни песни“ - нова илустрирана книга од Темплум

Издавачката куќа Темплум ја објави книгата илустрирана поезија „Феминистички народни песни“, која има за цел низ внимателни слики да претстави дваесетина посебни, необични, интригантни „женски песни“ од народното творештво.

Песните се во избор на Никола Гелевски а илустрациите се на Душица Димитровска, Будимка Поповска и Маја Стефановска.

„Оваа мала збирка на ‘феминистички народни песни’ е илустрирана од три сјајни уметници. Избирајќи три различни уметници и три различни ликовни приоди токму сакаме да укажеме на разноликоста на темата со која се занимаваме, создавајќи предизвикувачки споеви помеѓу книжевноста и сликарството.“, вели Гелевски.

Книгата го открива богатството на македонскиот фолклор, укажува на неговите современи значења и нуди поинакви читања на културата – наследената и современата.

Застапените песни потекнуваат од различни краеви на Македонија и го отсликуваат шаренилото на македонските дијалекти, со што го „живнуваат“ македонскиот јазик, „буричкајќи низ неговите пластови“.

Книгата е подеднакво наменета и за децата и за возрасните.

 „Феминистички народни песни“ е најновата во едицијата „Старо купувам“ на Темплум, која спојува класични но помалку познати македонски текстови, со современи, млади уметници. 

Книгата може да се најде во сите книжарници во Скопје, на веб-страната на издавачот, како и на претстојниот Саем на книга (3-9 мај).

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото