Децата и цвеќињата

20.04.2022 18:51
Децата и цвеќињата

Пет песни од необичниот македонски уметник илустрирани со пет цртежи на Татјана Миљовска.


Песна без наслов
Денеска е најголемиот празник за децата.
Учителите им ги предаваат свидетелствата.
Сите деца се облечени во свечена облека.
Носат шарени кошули,
кратки панталони, високи чорапи
и нови чевли.

Девојчињата се облечени во фустани
со бели, аловни и сини туники.
По целата земја развиваат перуники.

Децата си ги земаат свидетелствата
и се разлидуваат на сите страни.
Насекаде се гледаат деца насмејани.

Децата се весели,
децата се радосни,
децата се среќни и си играат.

Девојчињата се шетаат
пазејќи ги своите фустани со туники.
По земјата развиваат
бели, аловни и сини перуники.

Децата се убави како перуники.
Децата се разлидани по целиот свет.
Децата се најубавиот цвет.

Деца и цвеќиња
(прво пеење)


Цвеќиња свикале свечена седница.
Сите цвеќиња дошле облечени во свечена облека.
На свечената седница зеле свечена обврска:

‒ Да го освојата целиот свет
‒ Да го разубават целиот свет
‒ Да го чуваат целиот свет.

Денеска, целиот свет е полн си цвеќиња.

Децата чуле за мудроста на цвеќињата
и ги замолиле за искрено пријателство.

Денеска, децата и цвеќињата се најголеми пријатели.
Децата и цвеќињата постојано се заедно:
кај што има цвеќиња има и деца,
кај што има деца има и цвеќиња
‒ низ целиот свет.

цвеќињата и децата
заеднички се грижат за убавината на светот,
децата и цвеќињата
заеднички го чуваат целиот свет.

Деца и цвеќиња
(второ пеење)

Цвеќињата се многу убави.
Децата се како цвеќиња.
Цвеќињата се како сонца
гледани од далеку.
Децата се како сонца
гледани од блиску.

Цвеќињата се јавуваат во разни бои:
Бели, Жолти, Црвени, Сини.
И децата се јавуваат во разни бои:
Бели... Жолти... Црни... Црнгалести... Црвени...

Цвеќињата се облекуваат во свечена облека.
Децата се како цвеќиња.
Цвеќињата се многу чисти.
Децата никогаш не остануваат подолу од цвеќињата!

Ццвеќињата се весели.
Децата е радосни.
Цвеќињата цветаат по целиот свет
(кај што има цвеќиња има и деца).
Цвеќињата имаат големо чувство за пријателство.
Децата се најголеми пријатели.
Цвеќињата се гушкаат.
И децата се гушкаат.

Цвеќињата никому лошо не му чинат.
Децата се многу правични
‒ никогаш не прават илје.
Својата правичност децата
ја покажуваат во игрите.
Цвеќињата многу ги сакаат детските игри.
Затоа, од сите страни ги посматраат
децата кога си играат.
цвеќињата се најбројната публика
околу детските игралишта.

Цвеќињата се многу љубопитни,
цел ден гледаат што се случува во светот
како да сакаат сè да дознаат.

И децата се љубопитни,
секој ден учат во училиштето и дома,
а во слободното време го освојуваат светот.

Децата и цвеќињата
ги сврзува нешто заедничко.

Децата и птиците
Птиците се облечени во пердуви во разни бои.
Децата се облечени во шарени џемперчиња.

Птиците постојано летаат
и го освојуваат светов.
Децата постојано шетаат
и го запознаваат целиот свет.

Птиците постојано пејат.
Децата се весели и си потскокнуваат
‒ би сакале да подлетнуваат.

Децата многу им завидуваат на птиците,
дека умеат да летаат.
Децата ги фаќаат птиците
за да ја откријат нивната тајна во летањето.

Деца и пеперуги
Во просторот летаат пеперуги,
по земјата трчаат деца палави
играјќи чудни игри.

И пеперугите и децата ги одбираат
најубавите цветови
и со нив се изедначуваат.

И децата и пеперугите
за миг се смируваат
и потоа пак полетуваат.

Во просторот летаат пеперуги,
по земјата трчаат деца палави
(веќе се изедначени).

Децата се изгубија меѓу пеперугите
(природата игра чудни игри).
По земјата развиваат безброј цветови.
Децата и пеперугите се натпреваруваат
кој ќе најде поубав цвет.

Децата пискаат од радост.
Пеперугите молчат од среќа
и летаат понатаму.

Децата се изедначуваат со пеперугите,
И ‒ ХИ!
По земјата развиваат безброј цветови.


Слики: Татјана Миљовска
Извор за текстот: Јозо Т. Бошковски - Деца и цвеќиња и ѕвезди (1981)

Јозо Т. Бошковски (1933, Острилци, Крушевско ‒ 2008, Скопје) – поет, раскажувач, есеист, теоретичар, сликар, една од најнеобичните фигури во македонската култура. Автор е на дваесетина екстравагантни книги од разни жанрови: поезија, поезија во проза, раскази, драми, книги за деца, есеи, уметничка теорија, дневници...

 

Слични содржини

Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Книжевност
Книжевност / Уметност

ОкоБоли главаВицФото