Источна Европа без регулација на психичките ризици на работното место

22.04.2022 02:01
Источна Европа без рагулација на психичките ризици на работното место

Повеќето држави од централна и источна Европа немаат речиси никаква регулација поврзана со психичките ризици на работното место, а во споредба со останатите членки на ЕУ имаат најлоши работни услови кои доведуваат до поголеми психички ризици, покажува истражувачкиот извештај на Европскиот синдикален институт. Само скандинавските држави и Холандија усвоија исцрпна низа регулации за психичките ризици поврзани со работата, додека останатите членки на ЕУ усвоија само некои кои покриваат специфични проблеми како стресот поврзан со работата, вознемирувањето и малтретирањето на работното место. Во повеќето држави од централна и источна Европка, инспекцијата на трудот исклучиво се занимава со прашањата за безбедноста и здравјето (физичко) на работа, додека аспектот на психичките ризици е запоставен. На ниво на ЕУ не постои закон кој го пропишува начинот на евалуација и регулација на психичките ризици поврзани со работата, туку постојат само необврзувачки алати кои не остваруваат резултати.

Авторката на извештајот, правна советничка и истражувачка Катерина Јармолик-Крок која се занимава и со работничкото организирање, нагласува дека регулацијата на психичките ризици поврзани со работата е најслаба во државите од централна и источна Европа, кои имаат најлоши работни услови во ЕУ, релативно послаби синдикати и неефикасни трудови инспекции, па со самото тоа веројатноста за психички ризици на работното место е поголема. На пример, работниците во централна и источна Европа имаат повеќе работни часови, а пониски плати во споредба со работниците во западна Европа - околу 13 проценти жени и 19 проценти мажи во централна и источна Европа работат помеѓу 41 и 50 часа неделно, додека во западна Европа таков обем на работни часови имаат 7 проценти од жените и 15 проценти од мажите. Друг важен фактор кој ги зголемува психичките ризици на работното место е несигурноста на пазарот на трудот: работниците во централна и источна Европа почесто се долготрајно невработени или вклучени во неформалната економија, што е особено изразено во Унгарија, Бугарија, Чешка и Полска. Исто така, некои истражувања покажаа дека поголема е веројатноста источноевропските работници да работат во опасни и нездрави услови од работниците во западна Европа. Исто така, мигрантските работнички во домаќинствата во источна Европа се во особено тешка положба и често наидуваат на неплатени прекувремени часови, понеприфатливи работни услови, вознемирување и психичко и дури физичко насилство. Моменталната правна рамка во повеќето држави од централна и источна Европа не пружа заштита за правата на мигрантските работници/чки во домаќинствата.

Во државите од централна и источна Европа не постојат постапки за соочување со случаи на малтретирање и вознемирување во претпријатијата (на пример, во Унгарија 89 проценти од сите претпријатија немаат такви процедури, во Естонија 78 проценти, во Бугарија 75 проценти). Податоците се слични кога се работи за постапување заради закани, злоставување или напади на работното место во повеќето претпријатија во централна и источна Европа.

Речиси 80 проценти од претпријатијата во ЕУ препознаваат барем еден фактор на психосоцијален ризик на работното место, а меѓу овие претпријатија 21 процент од нив сметаат дека е потешко да се соочат со овие фактори отколку со другите - на пример, во Шведска тоа е случај во 43 проценти од претпријатијата, во Данска 38 проценти, Финска 34 проценти. Во државите од источна Европа ситуацијата е спротивна: само 6 проценти од претпријатијата во Хрватска и 7 проценти во Бугарија сметаат дека факторите за психички ризик се поголем предизвик од останатите ризици поврзани со работното место. Авторката на извештајот коментира дека овие податоци не укажуваат дека овие ризици во државите како Хрватска и Бугарија не постојат, туку дека го рефлектираат фактот дека тие не се препознаени ни именувани, почнувајќи од (непостоечката) законска рамка. Исто така, овие податоци можат да упатуваат на фактот дека психосоцијалните ризици во претпријатијата во источна Европа не се сметаат за приоритет заради другите, поголеми проблеми на работното место. Извештајот нагласува дека психичките ризици на работното место во тие држави не се перцепираат како индивидуален проблем, односно како прашање за степенот на лична отпорност на проблемите на работното место, а не како колективен проблем кој произлегува од лошата организација на работното место и лошото управување со безбедноста и здравјето на работа. Затоа овој извештај повикува на донесување европска директива за психичките ризици на работното место, за да може на национално ниво да се воведат обврзувачки инструменти за проценка и решавање на овој проблем.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.bilten.org/