Имаат ли растенијата права и дали се потребни адвокати за шуми?

22.04.2022 14:21
Имаат ли растенијата права и дали се потребни адвокати за шуми?

 

Многу се зборува за потребата од заштита на животните и на целиот екосистем, но сепак, растенијата се’ уште не ги сфаќаме сериозно. Тие немаат лице од чиј израз би можеле да прочитаме незадоволство, не зборуваат, речиси не се движат, не чувствуваат болка и не можат да размислуваат. Па, иако знаеме дека тие се живи суштества во борба за опстанок, не ги доживуваме така. Нашиот однос кон нив е првенствено предметен и инструментален, без чувство на одговорност.

Тие се ресурси на кои им обрнуваме внимание само кога ни требаат. Но, растенијата без луѓето можат да живеат, уште повеќе, без луѓе би им било многу подобри отколку заедно со нас. За нас, пак, без нив нема живот. Тие го создаваат кислородот што го вдишуваме, ги јадеме, од нив ги изработуваме алишта и книги, сликарски платна, инструменти и вино, благодарение на нив уживаме во убавината на светот. Камо среќа да бевме внимателни со нив од благодарност за сè што ни даваат, но сè уште не сме успеале да развиеме таков вид чувство. Тоа често ни недостасува и кога е во прашање нашиот однос со животните и луѓето, па така не е реално тоа да го очекуваме во однос на растенијата.

Па сепак, кога веќе не сме мотивирани од свеста и совеста, би имало смисла на грижа за зачувување на растителниот свет од нашиот сопствен гол и себичен интерес да не’ поттикне инстинктот за преживување. Но, се чини дека не не’ поттикнува – го уништуваме растителниот свет како да не зависи од него животот на сегашните и идните луѓе. Отсуството на оваа грижа јасно покажува колку е неоправдано луѓето да се сметаат за рационални суштества.

Уништени шуми

Научниците проценуваат дека околу 40 проценти од шумите што првично ја покривале Земјата се веќе уништени (според некои проценки, и до 80 проценти). Со тоа во прашање е доведено зачувувањето на големите екосистеми и биолошката разновидност. Шумите складираат јаглерод и произведуваат кислород, па нивното прекумерно уништување придонесува за ефектот на стаклена градина и за глобалното затоплување. Освен тоа, тие ја штитат почвата од ерозија и од опустинување. Проблемот со ширењето на пустините веќе е присутен на третина од вкупната површина на нашата планета, најмногу во Африка, Азија и Австралија, со што се загрозени животите на повеќе од милијарда луѓе. Според податоците на ОН, секоја година околу шест милиони хектари обработливо земјиште се претвора во пустина, а се намалуваат и резервите на свежа вода. Во Европа, пак, околу 60 проценти од шумите умираат поради киселите дождови предизвикани од индустриското загадување и од согорувањето фосилни горива.

Свеста за овие проблеми поттикна група американски адвокати уште во 1970-тите да се вклучат во изнаоѓање начини на кои можат ефективно да помогнат во зачувување на растителниот свет. Во текстот, „Дали дрвата треба да имаат правен статус“ од 1972 година, американскиот правник Кристофер Д. Стоун ја застапува тезата дека дрвјата (исто како децата или, на пример, возрасните со ментални потешкотии) не можат да ги освестат ниту стапуваат своите интереси, ниту пак можат да ги артикулираат на суд со поднесување тужби против поединци и фирми кои од финансиски интерес безмилосно и неодговорно ги уништуваат шумите. Со оглед дека дрвјата не можат да го направат тоа сами, наша должност е да го направиме тоа во нивно име. Слично на постоењето Народен правобранител за деца, на ист начин треба да се формира правно тело кое би ги застапувало интересите на шумите.

Адвокат за дрва

Можеби би звучело малку чудно ако некој, претставувајќи ни се, рече дека по професија е адвокат кој застапува шуми или дрвја, но би се навикнале на тоа. Многу работи некогаш ни изгледале смешни, но веќе воопшто не – од болни луѓе изложувани во циркуси како „циркуски изроди“ за кои на посетителите им било наплаќано да ги гледаат и да ги исмеваат, до тепање робови или сопруги и деца за едукативно-превентивни цели.

Дрвјата се најкомплексните суштества на растителниот свет, воено тие се и највисоките и најдолговечните живи суштества. Основан во Националниот парк „Редвуд“ во Калифорнија во 2006 година, дрвото Секвоја Хиперион е високо неверојатни 115 метри и е старо повеќе од седумстотини години. Таа висина приближно би одговарала на облакодер од 30 ката. Во Мексико, во градот Санта Марија дел Туле, пронајден е еден чемпрес, кој се смета за најшироко познато дрво со дијаметар на стеблото од дури 14 метри и обем од неверојатни 42 метри. Тоа значи дека 25 до 26 луѓе со просечна висина треба да се рашират и да ги спојат рацете за да го опфатат. Најмасивното стебло во светот е калифорниската секвоја по име Генерал Шерман. Тежи две илјади тони, високо е 83 метри, а дијаметарот на стеблото е 11 метри. Старо е околу две и пол илјади години, но не е најстаро. Најстарото живо дрво за кое знаеме е една смрека, која се наоѓа во Шведска и живее девет и пол илјади години.

Овие податоци, освен што се интересни, на човекот јасно му го покажуваат неговото место во светот. Залудна ни е сета наша наводна интелигенција кога не сме во состојба да уживаме во убавината и да ја зачуваме за иднината. Додека ние разоруваме, шумите се обидуваат да спасат колку можат. Апсорбираат штетни стакленички гасови ублажувајќи ги ефектите од климатските промени, складираат јаглерод, ја одржуваат свежината на воздухот, ја чуваат почвата и подземните води, штитат од ветер и обезбедуваат дом и храна за најголеми број живи суштества. Зарем тоа не би требало кај нас да предизвика восхит, понизност и благодарност?

Извор: Analiziraj
Превод: Ф.К.