Војна во свет без уверувања

25.04.2022 01:24
Војна во свет без уверувања

Таканаречените олигарси во Русија и другите поранешни комунистички земји се буржоаски пандан на она што Маркс го нарекуваше лумпенпролетаријат: немислечка кохорта подложна на политичка манипулација зашто нејзините припадници немаат класна свест ни сопствен револуционерен потенцијал. Меѓутоа, за разлика од пролетаријатот, лумпенбуржоазијата која се појавува во овие земји кон крајот на осумдесеттите, го контролира капиталот - и тоа многу капитал - благодарение на дивата „приватизација“ на имотот во државна сопственост.

Егземпларен случај е Рок Снежиќ, соработник и пријател на словенечкиот десничарски премиер Јанез Јанша. Како „независен даночен советник“, Снежиќ им помага на словенечките компании да се разместат во јурисдикција со понизок данок, Република Српска. Тој наводно не поседува приватен имот, а своите минати даночни обврзки ги избришал со прогласување банкрот.

Сепак, Снежиќ се вози со нови луксузни автомобили и има со што да ги плати рекламите на билбордите. Официјално е вработен во компанијата на својата сопруга, каде има плата од 37 362 евра.

Меѓутоа, „нормалниот“ капитализам исто така генерира лумпенбуржоазија. Снежиќ не е многу поинаков од Доналд Трамп, кој напредува на сличен начин токму затоа што не се залага за ништо, мотивиран исклучиво од пари и симболи на материјално богатство.

Пазарните вредности исто така ги дефинираат контурите на руската војна во Украина, чиј претседател Володимир Зеленски во моментов посетува забрзан курс за односот на глобалниот капитализам и демократијата. Од почетокот на војната, Европа на Русија ѝ уплатила близу 40 милијарди долари во надоместоци за нафта и гас. По тој повод Зеленски забележа дека западните медиуми се загрижени за растот на цените на енергенските отколку за животите на Украинците. Капиталистичкиот пазар - кој го движи и рускиот воен погон - ја напушти Украина.

Оваа крвава трговија би била прекината кога владите од западните земји би организирале директно снабдување со енергенси. Истиот пристап би ја решил и глобалната криза со храна која ја предизвикува војната во Украина. (Освен што најголемите светски извозници на пченица, Русија и Украина се и главни извори на хемиски ѓубрива за Европа.) Парадоксално, само мерки кои потсетуваат на „воениот комунизам“ од времето на штотуку создадениот Советски сојуз можат да ја спасат Украина и да ја зачуваат моќта на западот. Најпосле, Русија е во координација со Кина не само во геополитичкиот предизвик на западот, туку и во обид да се соборат американскиот долар и еврото како глобални валути.

Бидејќи западната солидарност е ограничена од економските интереси, Украинците ќе сфатат дека нивната „одбрана на Европа“ не е доволна. Украина исто така го брани рускиот народ од самодеструктивноста на нинвиот претседател Владимир Путин и неговата лумпенбуржоазија.

Но неодамнешниот коментар кој го објави руската државна агенција РИА Њуз, Тимофеј Сергејцев ја претстави целта (геноцидна) на проектот на Кремљ за Украина. Основна премиса е дека Украина треба да се „денацификува“, а со тоа и да се деевропеизира, зашто „значителен дел од народот - најверојатно мнозинството - е совладан и вовлечен во нацистички режим. Затоа хипотезата 'луѓето се добри, владата е лоша' е неодржлива“.

Сергејцев не само што ја изедначува украинската политика со нацизмот, туку исто така тврди дека „укронацизмот“ претставува уште поголема закана за светот и Русија од хитлеровиот нацизам. Дури и називот „Украина“ мора да се елиминира.

Значи, Русија со Украина планира да го направи она што го опишува Бертолд Брехт во својата песна „Решение“ од 1953 година: да го распушти народот и да избере друг. Ако налудничавите бесмислици на Сергејцев ги читаме преку тврдењето на Путин дека Ленин ја измислил Украина, можеме да ја разбереме актуелната позиција на Русија. Според неа, Украина има двајца татковци: Ленин кој ја измислил Украина и Хитлер кој ги инспирирал денешните „укронацисти“ да го остварат лениновиот изум.

Тогаш што значи тоа за геополитичката ситуација на Русија? Според зборовите на Сергејцев:

„Русија има голем потенцијал за партнерство и сојузништво со земјите кои западот со векови ги угнетуваше и кои веќе не се сложуваат со неговото ропство. Без руски жртви и борба, овие земји не би биле ослободени. Денацификацијата на Украина истовремено е и нејзина деколонизација, која населението на Украина сигурно ќе го разбере кога ќе почне да се ослободува од опиеноста, искушенијата и зависноста од таканаречениот европски избор.“

Со други зборови, Русија мора радикално да се преориентира и да ги раскине своите врски со западот за да скова нови врски со сите оние земји кои западните колонијални сили брутално ги експлоатираа, а Русија ќе го предводи глобалниот процес за деколонизација.

Бруталната експлоатација на глобалниот југ е вистината за западните империјални сили која никогаш не смее да се заборави. Меѓутоа, необично е тоа да се слушне од Русија, која има долга историја на такво однесување. Во 18 век Катарина Велика ја освоила југоисточна Украина и територија од Сибир, преку Алјаска до северна Калифорнија. Сега ни се кажува дека Казахстан, Азербејџан, Грузија и Украина ќе бидат „деколонизирани“ преку... руска колонизација. Териториите ќе бидат ослободени против волјата на тамошните народи (кои ќе мораат или да се превоспитаат или да бидат укинати).

Нова светска војна може да се избегне преку „жежок мир“, со огромни инвестиции во одржување нова рамнотежа на воената моќ. Фрагилноста на приликите не произлегува само од конфликтните економски интереси, туку и од спротивставените толкувања на реалноста, при што не е доволно само обично утврдување на фактите.

Докажувањето на невистинитоста на руските тврдења ја доловува поентата која ја изнесе Александар Дугин, дворскиот филозоф на Путин: „Во постмодерната доба секоја таканаречена вистина е работа на уверување. Значи, ние веруваме во она што го правиме, веруваме во она што го зборуваме. И тоа е единствениот начин да се дефинира вистината. Ние имаме наша посебна руска вистина која вие морате да ја прифатите“.

Се чини дека верата е посилна од знаењето. Според „посебната руска вистина“, руските војници не оставија зад себе тела на убиени цивили во Буча и другите украински места, туку овие ѕверства наводно ги сценираа западните пропагандисти.

Со оглед на таквите околности, западните претставници треба да престанат да предложуваат состанок на Зеленски со Путин заради преговори за мировно решение. Тоа е безнадежен потфат. Секои евентуални преговори ќе мораат да ги водат бирократи на пониско ниво. Путин и неговиот најтесен круг се криминалци кои мораат да се игнорираат колку што е можно. Најпосле, значаен дел од руското население тоа секако го знае.

Корумпираните полицајци во поранешна Југославија беа тема на бројни вицови. Во еден од нив полицаец неочекувано се враќа дома, се сомнева дека љубовникот на жена му се крие под креветот и се наведнува да провери. Потоа се исправува, става снопче пари в џеб и вели: „Сè е во ред, нема никој.“

Во извесна смисла, сите ние сме тој полицаец кој прифаќа понижување во замена за некаква добивка. Во Русија, напатеното население е компензирано со евтина патриотска гордост. А ние на западот препуштаме пазарот да го диктира досегот на нашата посветеност кон човековите права во Украина и остатокот од светот.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Михаил Гавричков

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото