„Втората месечина“ и „Убиствата на пеперутката“ (извадоци од романите)

25.04.2022 11:28
„Втората месечина“ и „Убиствата на пеперутката“ (извадоци од романите)

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2021 година. Денес објавуваме извадоци од уште два романи:„Отпадот од духовните контејнери“ од Јован Дамјановски и „Се викам Лена“ од Јагода Глигоровска.

 

Претходните извадоци прочитајте ги овде.

 

„Втората месечина“, Владо Димовски („Арс Либрис“)

Седумдесеттите...лето, овде во Преспа. На сретсело се изживуваме со една ракометна топка, лудачки ја удиравме во предниот ѕид на селскиот дом.Наеднаш сврти автобусот и на предната врата се појави Ти.Не си свесна што се случуваше потоа. Сигурен сум дека селските фраери вечерта купија миски сапунчиња и брезов шампон, дека ги одраа кожите од триење за да мирисаат убаво и за да им светнат косите.Но, Ти ме одбра мене.Зошто?! Селанчето и скопјанката со педигре. Од една страна, кремот, ќерката на познатиот скопски адвокат која живееше во елитна населба, од другата страна, селанчето кое ораше, жнееше, прскаше јаболкници, кое пасеше волови, кое студираше во Скопје, кое се влечкаше по тамошните подруми и секојдневно јадеше грав во тогашната Исхрана.Си замина...Од Скопје на море, јас...Бев тажен, исплашен, ми се удавија сите надежи во езерото...Секоја вечер те сонував,секој ден размислував за почетокот на новата студентска година која се ближеше.Се плашев од помислата дека треба да одам во Скопје, да се појавам на факултет и повторно да те сретнам.Милион прашања ми се вртеа во главата. Дали ќе ме познаваш, дали ќе собереш храброст да ме покажеш пред твоето одбрано друштво, што ќе облечам ако случајно ме поканиш да излеземе некаде.Мојата загриженост, мојата тага, разочараност...се гледаа од авион.Од типче кое беше замешано во сите селски манџи,од фраер кој го обожаваа и селските кучиња, од познатиот дриблер и шутер кој постигнуваше историски голови за својата екипа, станав обична сенка која бесшумно се движи по тесните селски улици. И, една вечер, на игранка...Да, ми пријде нашинка од Детроит. Беше дојдена да се мажи, да одбере некого и да го однесе во Америка. Се чувствував ко бостан. Да, лубеницата стигна во Детроит, новиот зет стана атракција меѓу нашинците во овој милионски град.Првите неколку недели ме третираа како костум.Ме покажуваа, ме претставуваа како божем да бев најдоброто од Македонија. Нејсе, помина и тоа, тргнав на работа...Пуста работа, две години миев чинии во еден ресторан. Важно научив јазик, знаев сам да одам до црквата, до кај некои роднини...Кај беше ти?...Секаде...Секое затворање на очите, твојот лик, твојата насмевка...Поминаа 35 години...Знаеш, некако највпечатлива ми е сликата од Блато, од нашето фудбалско игралиште. Работата беше наелектризирана до максимум, игравме со екипата на Љубојно, победникот стануваше првак. Публика, ѕвонци, тапани, песни, една група деца ја пееја нашата химна, химната на Маркова Нога.Топката се тркалаше повеќе од еден час и таму кон крајот една топка ми легна на десната, крвнички ја закачив и над главата на голманот се зари во мрежата.Таква еуфорија, такви емоции, една експлозија од емоции...публиката падна во транс, станав јунак на денот...Река луѓе, од баби до деца кои штотуку прооделе, ме гушкаа, ми честитаа...Едно време ме кренаа на раце...Под врбите ги соблековме дресовите, бев изморен и само што сакав да се пикнам во фиќото на стрика Спасета...се појави ти со велосипед. Ме прегрна и ме бакна, бакнеж долг сто километри, бакнеж со сите нишани, филмски...Тоа беше првиот јавен бакнеж во нашето село. Бакнежот во Блато со селскиот голгетер тоа лето стана најмуабетената еротска сапуница.

 

 

„Убиствата на пеперутката“, Теодора Ристеска Даскаловски, („Антолог“)

Утредента ги печатев скенираните написи кои претходната вечер ги пронајдовме со Марк. За дваесеттина минути морав да се појавам на работа, а косата,сѐ уште, ми беше мокра. Наместо да се средам, јас се распослав со скенираните материјали во дневната соба и го облепив ѕидот со најважните исечоци за „убиствата на пеперутките“. Набрзина си ја исчешлав косата, иако не беше лесно да се средат водените кадрици на мојата коса. Ги грабнав клучевите, телефонот, паричникот и излетав низ вратата.По неколку чекори ми текна дека ја заборавив книгата што ја читам деновиве.Се работи за поприлично возбудлива и мистериозна криминалистичка сторија. Авторот нѐ воведува во концептот за киборзи и за роботи кои убиваат луѓе низ целата планета. Бидејќи доста се задржав дома, со трчаница тргнав кон канцеларијата. Немав време ниту за едно кафе во Карера. Немав ниту добро претчувство за денот.

Штом влегов во мојата канцеларија, шефот се намерачи да ми го уништи.

„Аби, печатницата, сѐ уште, ја очекува твојата колумна за модните трендови! На цела страница и тоа за следната недела.“ - гласот му беше сериозен.

„Извинете, знам дека е така, но еве сега работам на конечната верзија. Знам и дека доцнам два дена, но ми требаше малку повеќе време за истражување. Давам збор дека ќе биде на вашето биро до крајот на денов“- всушност, се надевав дека ќе ми го продолжи крајниот рок.

„Имаш еден час.Не ми е гајле, ова е вторпат како доцниш месецов.Ги знаеш правилата Аби!“- грмеше.Секој можеше да го слушне. Не дека ми беше нешто важно. Платата беше мала и само неколкумина го читаа нашиот весник. Правилото беше потполно без врска, гротескно.

„Така нека биде.“ - издишав нервозно.

Штом тргна кон бедната му канцеларија, почнав да го имитирам неговото иритантно мрчење. Бев добра во тоа - барем, така си мислев.

„Испушти два рока... а што е правилото, знаеш...бла...бла...бла...“ - се исмевав со педесетгодишниот разведен и осамен Ричард.

„Извини!? Што рече пред малку!?“- гласот на шефот мина покрај мене како истрел од куршум.

„Ништооо...Само сум во теснец и брзам да ја завршам колумната.“- лажев сета растреперена.

„Аби,ова е крајно непочитување“- се гледаше дека беше разочаран од мене.

„Знам, Ви се извинувам“ - го погледнав, но лицето ми беше во грч.

„Не, Аби!Јас треба тебе да ти се извинам. Да ти се извинам што пред две години, воопшто, и те вработив. И тоа штотуку дипломирана. Ете, можеби, јас не бев добар ментор, можеби, тебе не ти беше гајле, но ништо од тоа сега не е важно. Извини, но од овој час си отпуштена!“ - буквално се дереше.

„Примете го моето извинување, Ричард. Ве уверувам дека вакво нешто никогаш нема да ми се повтори. Искрено жалам“ - растревожените очи ме издаваа.

„Жалам, Аби!Мораш да го испразниш бирото и да ја напуштиш зградата до 16 часот“ - ми одговори суво и си замина.