1033 hPa
52 %

6 °C
Скопје - Чет, 06.02.2025 20:59
Под слоганот „Години будни“ оваa година ги одбележуваме нашите долгогодишни соработки и остваруваме нови вмрежувања. Тоа е суштинската практика и значење на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО, зашто само на тој начин заеднички дејствуваме за градење на заедници кои придвижуваат.
Слоганот на ППЖ оваа година освен што го отсликува нашето десетгодишно активно дејствување во културата и активизмот, исто така гради паралела и со феминистичкото и женско движење на овие простори години наназад. Колку што претставува одбележување на еден ретроспективен преглед во минатото, толку е и повик за нови борби, нови начини на отпор и борба против патријархалните норми, практики и тесниот светоглед - најчесто оправдани како „природниот ред на нештата“. Оваа година ПРВО ПА ЖЕНСКО потсетува на истрајноста на феминистичкото движење и ја потврдува неговата феминистичка визија за слобода и трансформирачка моќ за оние на маргините.
Јубилејното издание го поделивме на два дела: пролетно будење со богата говорна програма и на есен нудиме визуелна програма за сечии будни очи. Фокусот на првиот дел од фестивалот се хуморот и сатирата. Меги Хенефилд - универзитетска професорка (University of Minnesota), го крепи овогодинешниот фестивалски предзнак. „Не постои пожестоко политичко оружје од смеата“ вели таа во нејзиниот текст за клучната улога на комедијата во феминистичкото движење. Субјективната природа на хуморот и неговата зависност од општествениот контекст во којшто се случува, го прават исклучителна алатка за оние коишто сакаат да коментираат, интервенираат или укажат на извесна ситуација или состојба. Сета среќа(!), историски, како главни коментатори се јавуваат мажите. Ова главно произлегува од нивната општествена доминантност, за разлика од жените и останатите малцинства, кои се историски маргинализирани и во областа на комедијата. Ваквата несразмерна алокација на моќ подразбира и веќе утврдена јавна перцепција за тоа што е смешно, со кои ситуации се подбиваме и кои се исмеаните, а најчесто тоа се маргинализираните заедници.
„Мажите се плашат дека жените ќе им се смеат. Жените се плашат дека мажите ќе ги убијат“, е добропознатата изрека на Маргарет Атвуд што најдобро ја илустрира таа психолошка динамика на позициите исмејувач и исмеан. Ова е една од причините зошто патријархатот отсекогаш се обидувал да ги стереотипизира феминистките како намќорки без смисла за хумор, расипувачки на забави или дежурни кавгаџики.
Дискусијата околу хуморот во рамките на феминистичката борба не е ништо ново. Напротив, веќе со години наназад се зборува неспорната субверзивна моќ која се раѓа од феминистичката комедија. Настрана класичните концепти и модели на комедија, социјалните мрежи, особено ТикТок, пласираат нови и свежи начини на кои се исмева мизогината чума во кибер просторот. Оттука, потребата за да се прошири ваквата дебата на овој тип феминистичка критика се чини како логичен следен чекор во приказната за ПРВО ПА ЖЕНСКО.
Заради ова, фестивалот оваа година ја отвора темата хумор како феминистичко средство кое се испречува пред колоната мизогини и штетни стереотипизирања со патријархалниот хумор. Се потрудивме годинешната програма да ја отсликува ваквата заложба за окупирање на овој „машки клуб” и да ја преиспитаме функцијата на хуморот во општествени рамки, од гледиште на исмеаните.
Започнуваме со добропознатиот ПичПрич овој мај во Македонската Филхармонија каде на тема „Цепки“ ќе имаме можност да ги проследиме интерпретациите на шестмина веќе добро познати раскажувач(к)и. Румена Бужаровска и Ана Василева го објаснуваат својот концепт за оваа година на следниот начин:
„Патријархатот тврдоглаво го киднапира хуморот и го претставува како област на машко, хетеронормативно дејствување, и незауздано си го оградува ваквиот простор како свое идилично дворче каде што „хуморот не смее да биде политички коректен“ или „случајно да го поштеди предметот на потсмев“. Како резултат на ваквите правила на игра, имаме истрошени и тромави хехенца на штаки, коишто лакомо си го чуваат своето место помеѓу јавноста и будно сонуваат за враќање во славното минато кога „никој не се вреѓаше од вицови“. Заради ова, темата „Цепки“ има за цел да понуди повеќе интерпретации на тоа што е смешно, а истовремено и да ја насмее публиката.“
Овој дел од програмата продолжува со првиот феминистички стенд-ап во Скопје којшто ќе се случува во клуб-ресторанот во МКЦ. Во линија со овогодинешниот фестивалски фокус и генерално големиот бран на дискусии за субверзивнта моќ на хуморот и комедијата глобално, на стенд-ап ќе ги гледаме Ангела Стојановска, Софија Ристевска и дрег кралот од Глазгов - Борис Геј. Заземањето на овој (неретко) ексклузивно хетеронормативен простор е всушност од суштинско значење за да се наметне гледиштето на оние кои се најчесто мета на подбив. Затоа решивме да овозможиме простор за наративите коишто им се смеат на исмејувачите и отскокнуваат од рамките на „хехе“ хуморот. Ако сакате стенд-ап и сметате дека на стендап сцената кај нас ѝ фали феминистичка енергија, тогаш се гледаме во МКЦ клуб.
Најпосле, во овој дел од програмата е перформансот „Гол живот“ - концепт и идеја на Оља Грубиќ. Она што доминира во перформансот се голите женски фигури кои бараат место во публиката, на сцената, покрај ѕидовите во просторот. Рендањето зеленчук има централна улога во перформансот: изведувачките рендаат моркови, тиквички и краставици во сексуално обележани положби. Жената е претставена како домаќинка и сексуален објект во еден чин, а во исто време, фрагменти од менталниот тек на изведувачот се расплетуваат паралелно со звукот. „Гол живот“ нѐ повикува да размислиме што значи да се биде вид на живо суштество во светот, да се има тело, услови за постоење, можност за живот? Идеологијата не е решение. Животот е надвор од тоа. Преку поетскиот јазик, „Гол живот“ ја визуелизира интимноста на животното присуство на човечкото тело и динамиката помеѓу неговото физичко, ментално и емоционално постоење.
Меѓутоа во перформативниот јазик на Грубиќ најсилната алка е хуморот и таа работи на изведби со став со кој свесно ја радикализира и ја релативизира својата позиција преку самоиронија и хумор. Всушност главна карактеристика на нејзините перформанси - а сум била гледачка на барем четири нејзини перформанси, е леснотијата на поставување сериозни егзистенцијални секојдневни практики низ призмата на хуморот за којшто самата објаснува дека го доживува како олеснување и апсурд што ја илустрира стварноста. Во една прилика оваа исклучителна авторка вели:
„Можеби полесно разбираме преку хумор и со него сигурно полесно се носиме со апсурдот во кој живееме. Да го разбираме хуморот и да можеме да се насмееме е квалитет што треба да сме во состојба да го одржиме. Хуморот секогаш им помагал на луѓето да минуваат низ тешки времиња. Словенија во последно време покажа колку хумор останал во општеството, хуморот прскаше на социјалните мрежи и во јавноста, па на тој начин полесно издржавме.“
Изминатите две години години ги обележа пандемија, воени конфликти и неправда. Овој фестивалски концепт ни дава можност да земеме оддишка и да градиме надеж за некои подобри идни времиња. Преку рефлексија, исмевање и постојано преиспитување на појавите во светот градиме преживувчки механизми со цел полесно, емпатично и солидарно пребрегнување на стварноста.