За војната, злосторството и глупоста

27.04.2022 18:02
За војната, злосторството и глупоста


Пред некој ден влезе син ми и ме затекна како го читам, држејќи го цврсто со двете раце, романот „Злосторство и казна“ од Достоевски. Она што го виде му развлече насмевка на лицето: „Што, го читаш повторно по стоти пат?“ Неговата шега не беше без основа, зашто хиперболата во неа сомнително многу се приближуваше до вистинскиот број. Но, магијата на итеративното препрочитување на ова генијално дело е навистина за неверување: секое повторно читање на книгава ми е авантура во нови и изненадувачки мисли и сознанија, иако ја знам безмалку напамет. И секоја повторна дружба со Достоевски ме води во сè подлабоките слоеви на психолошката драма во која менталната виулица што се случува во главите на неговите ликови буквално се преплетува со моите сопствени мозочни дамари.

Достоевски и Бонхофер

Бунилните мисли на Раскољников, напишани пред век и половина, безмалку на неверојатен начин ми зборуваат за состојбата на свест што денес повторно го вовлекува светот во најголемиот од сите злостори – во војна. Додека уште злосторот се готви во неговите мисли, непредвидливо скокајќи од тема на тема, како животно тукушто фатено во стапица, тој размислува за менталната физиологија на злосторот, со теза дека тој мора да е болна рожба. „Со злосторникот, безмалку со секој, во мигот на злосторот завладува некоја папсаност на волјата и на мислењето, а наместо нив настапува детска лекомисленост, и тоа токму во мигот кога здравата памет и вниманието се најпотребни. Тој сметаше дека пoмрачувањето на свеста и омрлушеноста на волјата го обземаат човека како болест, тие се развиваат постапно и доаѓаат до кулминација во самиот момент на злосторот, и уште некое време после… потоа проаѓаат, исто како што проаѓа и секоја болештија. На прашањето дали болеста го раѓа злочинот или злочинот некако поради својата природа секогаш го следи нешто налик на болест – на тоа прашање уште не се чувствуваше кадарен да одговори“.

Интересно е дека овие мисли што ја сликуваат драмата на поединечниот злосторнички чин, може да бидат и повеќе од интуитивно применливи и на сликувањето на состојбата на свест на изострените врвови на моќта на денешните империи, а под дејство на ментално разорната воена пропаганда очигледно стануваат и состојба на менталната болест на цели нации. Навистина е тешко човек да замисли друга причина отколку болната истоштеност и колапсот на мислењето и здравата памет, што ги тера државите во војна. А, кога ќе ја достигнат потребната состојба на ментална омрлушеност, настаните потоа како со натприродна сила ги влечат нациите во следот на настани што никој не може да ги предвиди, но сите секогаш водат во една насока – во трагедија и несреќа.

Така му се случи и на Раскољников: „Последниот ден, кој настапи ненадејно и реши сè наеднаш, делуваше на него речиси физички: како некој да го зеде за рака и го повлече со себе, незапирливо, слепо, со неприродна сила, без поговор. Исто како скутот од палтото да му се закачил за тркало од машина што почнала да го вовлекува во себе.“

Состојбата на папсаност на здравата памет за која пишува Достоевски може да биде и вистинскиот опис на најбезмерната појава во вселената: човековата глупост. Зашто, кога зборуваме за војни, глупоста, не само на водачите туку и на целите нации, мора да е основниот ментален услов за нивното настанување, ескалација и тек. Најмоќните мисли на оваа тема се напишани од Дитрих Бонхофер, германскиот лутерански пастор, кој поради отвореното спротивставување на Хитлеровите политики бил уапсен, држен во затвори и логори година и половина, и убиен од злосторниците што го затворија на 7 април 1945. Во неговата ќелија на смртта, Бонхофер ги напишал своите возвишени мисли, увиди и откровенија, во неговите „Писма и текстови од затворот“.

Таму можеме да го прочитаме највиспрениот есеј за глупоста, а помеѓу другото, таму е и психо-социјалното објаснување на состојбата на свест што незапирливо доведува до војна и мизерија: „Ако погледнеме внимателно, ќе видиме дека секое насилно манифестирање на моќта, било од политичка било од религиска природа, доведува до провала на глупоста кај огромен број луѓе. Всушност, се чини како да се работи за психолошка и социолошка законитост: за моќта на едните е неопходна глупоста на другите. Притоа, не се работи за тоа дека некои човечки интелектуални способности закржлавуваат или биваат уништени, туку повеќе за тоа дека под влијанието на моќта луѓето ја губат способноста за свое независно мислење и се откажуваат од сопствената проценка на животните ситуации. Тие се во некој вид прогонство и заслепеност, злоставувани во своето сопствено битие. Така стануваат безволен инструмент, глупаци способни да сторат какво било зло, истовремено неспособни воопшто и да го препознаат злото.“

Придобивката од читањето

Објаснувајќи ја војната како закономерна последица на капитализмот, еден друг господар на мудроста и на литературниот збор, Бертолд Брехт, ја осветли тајната на крајното злосторство – по Достоевски и Бонхофер, кои ја сликаа бездната на психолошките и социолошките аспекти на злочинот – овојпат од историска и од политичко-економска страна. За него „фашизмот е историска фаза во која стапил капитализмот“, па „пресметката со фашизмот е можна само како пресметка со капитализмот, со најсоголениот, најсуровиот, најнеспорниот и најнечесниот капитализам“. Тој продолжува да ја открива политичко-општествената вистина на војната, на сите модерни војни: „Некои земји се во состојба своите сопственички односи да ги одржат со помалку насилни средства, отколку други. Ним демократијата и понатаму им го овозможува она за што другите мора да посегнат по насилството, имено, гаранцијата за власт над средствата за производство. Монополот над фабриките, рудниците, земјиштето, секаде воспоставува варварски услови, само што тие се обично помалку видливи. Варварството станува видливо оној момент кога монополот мора да се штити со отворено насилство“. И, на крајот, Брехт ја постила вистината пред сите нас: „Оној што сака да ги опише фашизмот и војната, тие големи неприродни катастрофи, мора да создаде една практична вистина. Мора да покаже дека овие катастрофи им се приредуваат на големи маси луѓе кои работат без сопствени средства за производство, а од страна на сопствениците на овие средства“.

Најголемата придобивка на читањето е што му овозможува на човека да мисли со мозоците на попаметни луѓе од себеси, всушност, со мозоците на најумните луѓе што човечкиот вид ги дал. Оваа придобивка ни овозможува да сфатиме дека фашизмот и детската лекомисленост – таа манифестација на колапсот на мислењето и на здравата памет што повторно како пандемија го зафати светот, се вистинските двигатели на сите сили во денешната војна: и на оние што ја извршија инвазијата врз Украина, и на оние во Украина што ја предизвикале агресијата, како и на оние што ја користат Украина за дефинитивна пресметка со Русија.

Грамадните мисли на големците од минатото, што со длабинското читање стануваат наши, нема да ни помогнат во сопирањето на војната, но секако ќе ни ја овозможат сопствената проценка на животната ситуација и, верувам, ќе ни помогнат да го препознаеме вистинското зло.

Слики: Ben Kehoe

Извор за текстот: Слободен печат

 

Слични содржини

Технологија / Живот / Теорија / Историја
Европа / Балкан / Историја
Општество / Активизам / Култура / Теорија
Општество / Теорија / Историја
Европа / Свет / Теорија
Став / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото