Департизација на целиот образовен систем

28.04.2022 16:00
Департизација на целиот образовен систем


Мотивиран од последните настани со штрајкот, но и од моето долгогодишно искуство во соработка со образовните институции, сакам да го кажам мојот став.

1.Сметам дека одамна требаше да се покачат платите на просветните работници, но кога немаше економски, здравствени и воени кризи. Сепак давам поддршка на просветните работници.

2. Поддршката ми е со задршка поради горенаведените кризи во моментов. Знам дека заслужуваат повеќе од 12%, но во моментов и тие ќе бидат бомба во, и така слабата економска состојба во земјата.

3. Секогаш сочувствувам со сите кои ги бараат своите права, иако многу пати не сум бил дел од нив, сепак сум бил рамо до рамо со нив, како нивен одговорен и солидарен сограѓанин.

4. Не видов таква солидарност од никој во администрацијата за време на здравствената криза кон угостителскиот, туристичкиот сектор, уметниците и многу други. Потсетувам дека многу правни субјекти згаснаа, а со тоа и многу семејства останаа без работа и заработка. Потсетувам и ПОТЕНЦИРАМ дека од истите тие се полни буџетот и се обезбедува платата за администрацијата.


5. Не сум економист, но сепак можам да го видам автоголот во ситуацијава. Го обременуваме приватниот сектор, ја зголемуваме администрацијата, дури покачуваме и плати. Од кој буџет??? Како и кој ќе го полни буџетот за тие плати во иднина, кога приватниот сектор одамна е на колена?

6. Се надевам дека грешам, но, последново продолжение на штрајкот мислам дека е политички мотивирано. Веќе видовме како делува нашата опозиција, без разлика која гарнитура е на таа позиција.

7. Најтажно ми е што ниту еден синдикат или неформална група, не ги отвори суштинските причини за демотивација кај просветните работници. Тоа е јавна тајна, ја знаат и малите деца, но никој сериозно не ја отвора во јавноста. Да, тоа е ПАРТИЗАЦИЈАТА која е длабоко навлезена во сите пори на општеството, особено во администрацијата. Сите знаеме како се вработуваат партиските војници – нивната цена е бројот на гласови кои го носат со себе. Не е важна нивната професионална компетентност, туку партиска подобност. Да, има случаи на формално компетентни кои не си ја поднесуваат професијата, а се вработуваат само да си обезбедат плата. Не знам кој од нив е поштетен во системов. А, се знае дека, колку и да си некомпетентен работник во државна администрација, по добивање на решението на неопределно време, ни Господ не може да те извади од системот. Не дека не може, има закони и процедури, но нема слободен микро менаџмент со одврзани раце, или пак има несоодветен кадар на одговорни позиции. Доколку некој се обиде да направи промени и да одолее на партиските притисоци од „своите“, тогаш паѓа од позицијата во рок од неколку часа.


8. Демотивацијата на администрацијата со акцент на просветните работници не доаѓа само од ниската плата. Демотивирани се и оние кои се вљубени во својата професија, а такви ги има многу. Таквите одвојуваат од, и онака ниската плата за набавка на дополнителни реквизити, нагледни средства и материјали за работа со учениците. Креативни се и проактивни и во слободното време, се со цел да го подобрат квалитетот на наставата. Горд сум на нив, а ги има повеќе од колку што мислиме. На жал, дел од нив се жртви на мобинг поради нивната „политичка неподобност“. Да, мобинг, злоупотреби на позиција, корупција и други незаконски дејства во образовниот процес. Во мојата долгогодишна соработка со образовните институции посведочив на сѐ за што пишувам погоре.

9. Затоа ве повикувам сите, не само администрацијата, да почнеме со реални промени од корен, а тоа е ДЕПАРТИЗАЦИЈА на целиот систем. Тоа ќе се придонесе за враќање на заслужениот авторитет и достоинство на просветниот работник.

10. За крај, морам да споделам позитивен пример, кој за жал сеуште е реткост, а многумина и не веруваат дека постои. Во процесот на Деинституционализација на установите за згрижување деца, се вработија во краток период околу 30 вработени во Малите групни домови. Имавме целосна поддршка од МТСП да се примаат само компетентни кадри, без никакво партиско и друго влијание од надвор. Таа пракса треба да продолжи и во иднина, без разлика која партија е на власт. Со ова не сакам да кажам дека едните се ок, а другите не се ок. НЕ, ова е само исклучок на кој имав задоволство да посведочам. Разочаран сум од сите партии кои не доведоа до ова дереџе.


Слики: Deedee Cheriel