САД како земја во развој

29.04.2022 01:40
САД како земја во развој

Развојната економија се темели на идејата за „дуализам на продуктивноста“. Економистите кои ги поставуваа темелите на развојната економија, како што е карибскиот економист и нобеловец В. Артур Луис, забележаа дека економиите на сиромашните земји вообичаено се поделени на потесен „модерен“ сектор кој применува напредни технологии и значително поширок „традиционален“ сектор за кој е карактеристична мошне ниска продуктивност.

Долго се веруваше дека таквата поделба е дистинктивна одлика на земјите во развој, за разлика од развиените земји во кои напредните технологии и високата продуктивност доминираат во сите сегменти. Затоа развојната економија е посебна дисциплина, различна од конвенционалната неокласична економија.

Развојните политики традиционално се насочени кон превладување на диспаритетот во приходот, образованието, здравјето и животните шанси. Нивна цел е надминување на дуализмот на продуктивноста со воведување нови институционални аранжмани кои го менуваат начинот на кој функционира пазарот и отвораат пристап до попродуктивни работни места.

Таквата дистинкција имаше смисла во педесеттите и шеесеттите години од 20 век, но се чини дека денес го изгуби значењето. Пред сè, методите за проучување на развиените земји и земјите во развој денес се практично обединети: развојната економија се сведува на поставување вообичаени рамки за јавните финансии, економијата на трудот, индустријата и макроекономијата во средините со ниски приходи. Она што е уште поважно (и поинтересно), во меѓувреме дуализмот на продуктивноста стана критично важна и јасно забележлива појава и во многу развиени земји, што овие земји ги упатува на примена на мерки кои му припаѓаа на репертоарот на развојната економија.

Во книгата Исчезнувањето на средната класа од 2017 година, економскиот теоретичар Питер Темин покажува дека моделот на дуална економија на Луис станува сè порелевантен и за Соединетите држави. Со дејствувањето на факторите како што се деиндустријализацијата, глобализацијата и воведувањето нови технологии, фактори кои главно ги погодуваа високообразованата работна сила и капиталистите, и со понатамошното слабеење на позицијата на трудот, продлабочен е јазот помеѓу економските добитници и губитници. Конвергенцијата на сиромашните и богатите делови од економијата е запрена, разликите во образовните нивоа го поларизираа пазарот на трудот, а регионалните диспаритети се продлабочија.

Во Европа растот на нееднаквоста беше помалку изразен благодарение на посилната социјална држава, но и таму се забележливи истите трендови. Јазот помеѓу водечките претпријатија и региони и оние кои заостануваат е сè поизразен, додека средната класа пропаѓа.

Креаторите на политики во развиените земји сега се соочуваат со проблеми кои долго беа ограничени на економиите во развој: како да се привлечат инвестиции, како да се отворат нови работни места, да се подигне нивото на образование, да се поттикне претприемништвото и да се олесни пристапот до кредити и технологија - накратко, како да се намали јазот во однос на понапредните и попродуктивни делови на националните економии.

Појдовните позиции можат да се разликуваат, но проблемот со регионите од кои исчезнуваат добрите работни места е вознемирувачки сличен со проблемите со кои се занимаваа развојните економисти: исчезнување на продуктивните работни места, пораст на социјалните проблеми како што се криминалот, злоупотребата на дроги и губење на довербата во правната држава. Пречките со кои во таквите средини се соочуваат припадниците на етничките малцинства, имигрантите и помалку образованата работна сила спаѓаат меѓу главните теми на развојната економија.

Секако, занемарените региони во напредните економиии имаат пристап до неспоредливо поголеми финансиски средства. Државните и локалните власти во САД трошат десетици илјади долари на стимулации и субвенции за оние кои се обидуваат да привлечат големи компании. Но претставниците на овие региони наидуваат на слични структури и бирократски пречки како и нивните колеги во посиромашните земји. Еден американски служебник со големо искуство неодамна на собирот одржан на Харвард тоа го опиша со зборопвите: „Ние сме во центарот на случувањата, но не управуваме со ништо“.

Ограничени се и мерките кои им стојат на располагање. Главен пат за превладување на дуализмот во економијата традиционално беше индустријализацијата. Со преминувањето на работната сила на попродуктивни производствени активности платите растеа и се зголемуваше општата продуктивност. Но заради автоматизацијата и другите иновации со кои се намалува количината потребен труд, производството денес не може да обезбеди доволен број работни места ни во напредните ни во економиите во развој. Бројот на вработените во производството опаѓа (како удел во вкупниот број вработени) дури и во земјите кои сочуваа моќен индустриски сектор, како што се Јужна Кореја и Германија.

Затоа економскиот развој во иднина ќе мора повеќе да се потпира на услугите и малите и средни претпријатија - исто како во земјите со висок и низок приход. Двата типа економии мораат да развиваат нов вид координирани политики фокусирани на понудата и побарувачката на пазарите на трудот, кои ќе комбинираат програми за обука и поддршка за работодавачите. Без добри претпријатија нема добри работни места. И обратно.

Рамките на државните политики мораат да ги поддржат таквите локални експерименти со соодветни финансиски средства и макроекономски мерки. Тоа подразбира преиспитување на прифатените политики на полето на иновациите, со кои се поттикнуваат технолошките промени кои пред сè ги погодуваат капиталот и високообразованата работна сила. Новиот пристап во насочувањето на иновациите, со стимулирање на технолошкиот развој со кој работните вештини на постоечката работна сила се дополнуваат а не се заменуваат, во голема мера би придонел за решавање на проблемите на пазарот на трудот со кои подеднакво се соочуваат богатите и сиромашните земји.

Кога зборуваат за глобална конвергенција, економистите вообичаено повторуваат дека неразвиените економии секогаш се развиваат побрзо од напредните, заради што приходот на сиромашните со текот на времето се приближува до приходот на богатите економии. Но денес точката на нивната конвергенција се поместува пониско. Проблемите на развиениот свет се сè послични со проблемите на сиромашните земји, а моделите и рамките користени за проучување на економиите во развој стануваат сè порелевантни за проблемите на богатите земји.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Uğur Gallenkuş

Извор: https://www.project-syndicate.org/